Калифорнија има нов закон за трансродови ученици. Маск: Го преместувам седиштето на Икс и „Спејс икс“

Милијардерот Илон Маск најави дека ќе ги пресели седиштата на две истакнати компании, ракетната компанија „Спејс икс“ (SpaceX) и платформата за социјалните медиуми Икс (X), од Калифорнија во Тексас.
Пораката дојде откако гувернерот на Калифорнија Гевин Њусом потпиша нацрт-закон со кој се спречува училиштата да бараат од нивниот персонал да ги известува родителите чии деца покажуваат знаци дека се трансродови или да споделуваат информации за нивната сексуална ориентација.
Законот беше изготвен како одговор откако најмалку седум училишни одбори во Калифорнија усвоија правила во текот на изминатата година кои ги принудуваат наставниците да им кажат на родителите дали нивното дете почнало да користи име или заменка што не одговара на нивниот пол.
„Ова е последната капка. Поради овој закон и многу други што му претходеа, напаѓајќи и семејства и бизниси, SpaceX сега ќе го премести своето седиште од Хоторн, Калифорнија во Старбејс, Тексас“, напиша Маск на социјалните мрежи.
Објаснувајќи ја одлуката да се пресели Х во Остин, Маск ја критикуваше ситуацијата во Сан Франциско, велејќи дека му е „досадно од избегнувањето на бандите насилни зависници од дрога“ само за да влезе и излезе од зградата, објави Би-Би-Си.
Бизнисменот го преселил седиштето на „Тесла“ во Тексас во 2021 година, откако се закани дека ќе го стори тоа поради воведувањето на карантин за време на пандемијата на коронавирус. Оттогаш Маск се повеќе се вклучува во американската политика. Во текот на викендот, тој официјално го поддржа Доналд Трамп за претседател.
Сојузните држави историски агресивно се натпреваруваа за да привлечат корпоративни централи. Инаку, Маск веќе е жител на Тексас, сојузна држава која нема данок на доход. SpaceX, кој вработува повеќе од 5.000 луѓе во Калифорнија, веќе врши голем дел од својата работа во Тексас.
Прашањето за тоа што училиштата треба да им кажат на родителите за родовиот идентитет на нивните деца стана важно во американското општество. Некои тврдат дека учениците имаат право на приватност, додека други веруваат дека родителите имаат право да знаат што се случува со нивните деца.
Маск, кој има трансродова ќерка, претходно изјави дека „ги поддржува транс луѓето“, но изрази негодување за употребата на заменките, нарекувајќи ги „естетски кошмар“. Минатата година тој најави дека ќе лобира за криминализација на медицинскиот третман на трансродовите лица, што ќе доведе до, како што рече, „тешки, неповратни промени кај децата под возраста за согласност“.