Калето „страдало“ за 8 милиони денари (130.000 евра)?


Скопското кале денеска е расчистено, со помош на ЗЕЛС, откако Министерството за култура и туризам, не добило никаков одговор од Град Скопје и „Паркови и зеленило“, тврди министерот за култура Зоран Љутков. 

Тој денеска, на прес-конференција заедно со претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски и неколку скопски градоначалници од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, како и со директорката на Управата за заштита на културно наследство  Весела Честоева, најави дека Калето планира да биде главен простор за настани во 2028 година кога Скопје е Европска престолнина на културата. 

 

За овие промени, како и за доправање и пуштање во употреба на двата музеи почнати во 2011 година, со ребаланс на Буџетот обезбедиле 8 милиони денари (130.000 евра), со кои тврди Честоева, до крајот на годината музеите ќе бидат отворени за јавноста.

 „Управата за заштита на културно наследство ќе успее до крајот на годината да ги заврши овие два инфраструктурни проекти и ќе ги стави во функција“, рече Честоева. „Како УЗКН, и како инвеститор на овие два музеи коишто треба да отпочнат со градежни активности, со ребалансот на Буџетот се одобрени осум милиони денари. УЗКН ја спреми техничката спецификација и чекаме да се објави Буџетот во Службен весник, за да се влезе и да се отпочне со работа“.

„Во последниве десетина години, Скопското кале, симболот на нашата култура и историја, беше девастиран, обраснат со вегетација и не му се обрнуваше никакво внимание. Ние како Министерство за култура и туризам и Управата за заштита на културно наследство испративме неколку дописи до Градот Скопје и до „Паркови и зеленило“, за да помогнат во процесот на чистење на Скопското кале, но не добивме никаков одговор и затоа веднаш реагиравме до ЗЕЛС“, рече Љутков.

Пред неколку месеци ја видел состојбата на Калето, видел дека  двата музеи се во многу лоша ситуација, и констатирал дека ќе треба комплетно обновувањена целата механизација и климатизација. 

„Направивме план и со ребалансот на Буџетот обезбедивме 8 милиони денари, коишто ќе бидат искористени до крајот на годината, а веднаш ќе пристапиме со распишување јавна набавка за поправка на овие простори, а подоцна и со реализација на целиот овој огромен проект којшто ќе треба од 2026 година да биде пуштен во употреба. Целта е во 2028 година, кога Скопје ќе биде европска престолнина на културата овој простор да биде еден од најискористените“, најави Љутков.

За Орце Ѓорѓиевски, актиелен градоначалник на Кисела Вода, Претседател на ЗЕЛС и кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, преку состојбата на Скопското кале можеме да ја видиме состојбата во Скопје.

„Ова треба да биде континуиран процес, коj не треба да се случува под капата на медиумите, а се случува“, додаде Ѓорѓиевски.