Калас утре патува за САД на средба со Рубио


Потребни ни се што е можно повеќе интеракции со новата Американска администрација, затоа што ниту еден договор за Украина нема да биде можен без учество на Европската Унија и од тие причини утре ќе патувам за САД на средба со државниот секретар Марко Рубио и други претставници за да разговараме за овие прашања, најави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас пред почетокот на заседанието на Советот за надворешни работи на Унијата. 

– Многу јасно дека со (рускиот претседател Владимир) може да се разговара за се, но кога станува збор за Европа или Украина, тогаш и Украина и Европа, исто така, треба да се согласат со тоа. Затоа треба да се разговара со нас за што и да е, нагласи Калас во одговор на прашање поврзано со разговорите меѓу САД и Русија за ставање крај на конфликтот во Украина.  

Според неа, многу е важно ЕУ и САД да го зачуваат единството, па во тој правец се насочени и разговорите на сите европски лидери со американските претставници.  

За оценките на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со шефот на украинската држава Володомир Путин и неговиот демократски легитимитет, Калас рече дека не би можела да говори за овие „интересни изјави“. 

– Кога слушнав диктатор помислив дека сигурно направил грешка и дека ги помешал овие две личности. Путин, односно Русија, немале избори 25 години, а Зеленски е избран лидер, избран на слободни избори. Секако дека за време на војна не можете да имате избори, додаде Калас.   

Според неа, ако се погледнат пораките што сега доаѓаат од САД, тогаш е јасно дека во нив многу силно е застапен рускиот наратив. 

Таа нагласи дека во моментов мора да се работи на поддршка на Украина повеќе од кога било досега и затоа на денешниот Совет очекува политичка дискусија за тоа што ЕУ може повеќе да направи за земјата.  

Калас најави дека ќе претстави и нова „одбранбена иницијатива“ за поддршка на Украина со која на земјата би требало да и се обезбеди доволно муниција на краток рок и изрази надеж дека европските шефови на дипломатии ќе го усвојат 16-тиот пакет санкции кон Русија, со кои како што најави, ќе бидат опфатени повеќе сфери, од конзолите за игри, па до руската „флота во сенка“. 

На прашање дали ќе се разговара за евентуално испраќање европски мировници во Украина, Калас изјави за да се говори за такво нешто прво е потребно да се постигне мир. 

– Засега Путин и Русија не сакаат мир, па од таму не можеме да имаме мировни мисии. Сепак, дискусиите за тоа какви безбедносните гаранции и се потребни на Украина се во тек, додаде Калас. 

Во однос на состојбата во ДР Конго, Калас информира дека ќе се разговара за воведување на санкции кон оние лица и субјекти инволвирани во конфликтот во источниот дел на земјата, како и за суспензија на Договорот за критични суровини на ЕУ со Руанда, поради нејзината поддршка на коконгоанските бунтовници. 

Таа најави и суспензија на дел од санкциите за Сирија, со која меѓу останатите ќе бидат опфатени  банкарскиот, транспортниот и енергетскиот сектор, како и одржување на Советот за асоцијација ЕУ-Израел, на кој ќе учествуваат сите 27 министри за надворешни работи на земјите членки на Унијата и ќе можат да ги изнесат своите ставови и мислења во врска со односите со еврејската држава.