Калас се надева на вистински напредок за Западен Балкан во следните пет години
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2024/02/Kaja-Kalas.jpg)
Западниот Балкан е дел од европското семејство и затоа нашата безбедност е неодвоива и нашата соработка е од суштинско значење, порача високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас, која вчера во Рим учествуваше на средбата на министрите за надворешни работи на земјите од Западниот Балкан и на членките на групата “Пријатели на Западниот Балкан”.
– Во Рим ја повлеков оваа заедничка безбедносна перспектива и нашата надеж за вистински напредок во проширувањето на ЕУ во следните пет години, врз основа на напредокот со реформите, наведе Калас во објава на Икс.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос, која исто така учествуваше на средбата, порача дека повеќе од кога било, Западен Балкан треба да се приближи до ЕУ.
– Силен фокус на заедничките безбедносни предизвици и забрзување на постепената интеграција врз основа на спроведувањето на реформите од земјите кандидати, наведе Кос на Икс.
Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, изјави дека целта е сите земји од Западен Балкан да влезат во ЕУ до 2030 година. За изборите во Косово, Тајани рече дека се надева оти по изборите ќе помине тешкиот период.
-Можеби би можело да потрае подолго за Босна и Херцеговина, но Србија, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија имаат потенцијал да ги исполнат овие рокови, рече Тајани, пренесува Анса.
Тој посочи дека целта на средбата е да се забрза пристапот на земјите кои не се членки на ЕУ.
-За Италија не е интересен само политичкиот, туку и економскиот, рече Тајани и потсети дека пред неколку дена во Србија имаше бизнис форум и дека се надева дека извозот на Италија на Балканот може да расте. Тајани ја истакна важноста на Трст, град кој, како што наведе, може да биде главно референтно пристаниште на целиот Балкан.
На средбата во Рим учествуваше и заменик министер за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски. Групата “Пријатели на Западниот Балкан” ја сочинуваат Австрија, Грција, Италија, Словачка, Словенија, Хрватска и Чешка.