Какви се условите во Шутка: Боки и Катица имаат доктор и фризер на располагање

Разрешената специјална обвинителка Катица Јанева вчера мина еден час во зградата на Јавното обвинителство каде што беше повикана да сведочи за нејзината инволвираност во случајот „Рекет“. За разлика од минатиот пат, кога даваше исказ во својство на сведок, а ден подоцна беше уапсена, овој пат ја немаше насмевката на нејзиното лице и самоувереноста што ја покажа кон крајот на август. По престојот во ЈО, беше вратена во затворот „Скопје“ во Шутка.

Нејзината адвокатка, Ирена Фрчкоска, и вчера се жалеше дека нејзината клиентка не е во најдобра здравствена состојба. Од тие причини, таа минатата недела побара да ѝ биде доделен куќен притвор, но судот не се сложи. Напротив, го продолжи притворот во Шутка за уште еден месец.

„Сега е добра. Таа страда од хронични болести и се наоѓа под голем стрес и притисок, што веројатно е нормално за секој човек на нејзино место“, појасни Фрчкоска.

На лоша здравствена состојба на својот клиент се пожали и Сашо Дуковски, кој му е адвокат на Бојан Јовановски. Тој рече Боки 13 трпи последици по операцијата на желудникот. Контроверзниот шоумен, за разлика од Јанева, и при завчерашното појавување во Обвинителството како првоосомничен во аферата „Рекет“ покажа ниво на ароганција, гордо промовирајќи го имиџот што очигледно не го запуштил и покрај тоа што на располагање веќе не му се салоните за убавина.

Извори од затворот во Шутка објаснуваат оти правилата на однесување во ќелиите и меѓу ѕидовите во казнено-поправната установа се идентични за сите, без оглед што самите услови за престој се многу подобри во популарните хашки ќелии каде што е сместен Јовановски.

„Адвокатот на притворените може да дојде кога сака и без надзор да има средба со својот клиент. Истото може да го направи и народниот правобранител. Вештаците или невропсихијатрите можат да дојдат само со дозвола од судија на претходна постапка. Истото важи и кога притвореникот сака да потпише полномоштво. Тоа може да го стори исклучиво со дозвола од судијата. Што се однесува до посетите на роднините – и тие одат со претходно барање и вообичаено им се дозволува средба со својот близок на секои две недели. Во затворот во Шутка имаме лекар и бербер, притворениците можат да одат на преглед, односно на потстрижување или други третмани на косата. По барање на адвокатот на притвореникот или по сугестија на докторот во затворот, можно е притвореното лице да оди на лекарски преглед или интервенција на скопските клиники“, објаснуваат нашите извори во Шутка.

Во круговите блиски до опозицијата и натаму се шири сомнеж дали Јанева воопшто е сместена во затвор или е скриена на безбедни места околу Скопје од каде што потоа се пренесува и се враќа до судот или обвинителството кога има потреба. Од затворот „Скопје“ велат дека тоа се глупости. Слични дилеми, на пример, се отвораа и околу притворот на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.

Јанева е сместена во посебна ќелија и има цимерка. За неа немаше место во хашките ќелии затоа што таму е сместен Јовановски. Тие двајца како осомничени во случајот „Рекет“ не смеат да бидат заедно во ниту еден момент. Во затворот се внимава и обвинителката да не биде мета на провокации кај другите притвореници и затвореници. (Г.А.)