Каква е иднината на црното злато


Забраната за најголемиот дел од увозот на сурова нафта од Русија ќе стапи на сила во декември

Еден тренд е сигурен до 2030 година, а потоа почнува она што до неодамна тешко можеше да се претпостави

Светската побарувачка на нафта ќе се зголемува умерено до крајот на 2030-тите години, по што може да почне да опаѓа, објави Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), предвидувајќи големи промени под влијание на корона кризата врз економиите и врз навиките на потрошувачите.

Според проекциите на ОПЕК, презентирани во новиот извештај за Светската перспектива на нафтата, се наведува дека употребата на нафта ќе се зголеми на 107,2 милиони барели на ден (БПД) во 2030 година од сегашните 90,7 милиони барели на ден, што е за 1,1 милион БПД под минатогодишната прогноза за 2030 година, па дури и повеќе од 10 милиони БПД помалку од предвидувањата од 2007 година, пренесува Ројтерс.

„Глобалната побарувачка за нафта ќе расте со релативно здрави стапки во текот на првиот дел од прогнозираниот период, по што ќе почне да стагнира и да се намалува во втората половина на набљудуваниот период“, се вели во извештајот што се однесува на периодот од 2019-2045 година.

Работите со нафтата почнуваат да се влошуваат порано отколку што се очекуваше

„Идната побарувачка веројатно трајно ќе остане под претходните проекции, како резултат на долгорочните последици од мерките на затворање поврзани со Ковид-19 и нивното влијание врз глобалната економија и однесувањето на потрошувачите“, наведува ОПЕК.

Иако употребата на нафта како гориво за автомобили, камиони и индустрии ќе расте со закрепнување на економиите, нафтениот картел е загрижен дека таквиот иден раст ќе биде делумно неутрализиран од фактори како преминуваање кон работење од дома и со телеконференции наместо патување на работа во постпандемискиот период, како и унапредување на ефикасноста на потрошувачката на гориво и премин кон електрични автомобили.

Според прогнозата на ОПЕК, потрошувачката на нафта следната година ќе се зголеми на 97,7 милиони барели дневно, а во 2022 година ќе достигне 99,8 милиони барели дневно, што е над нивото од 2019 година, а потоа ќе се зголеми на 102,6 милиони барели до 2024 година.

Проектираната потрошувачка за 2024 година е помала од минатогодишната прогноза.

Во однос на производството, ОПЕК предвидува дека картелот следната година ќе испумпува повеќе црно злато од очекуваните 30,7 милиони барели дневно за 2020 година, но поради зголемената испорака од САД и други земји, тој раст во рамките на ОПЕК веројатно ќе биде ограничен до 33,2 милиони барели на ден во 2025 година, што е под нивото од 2019 година.

На долг рок, оваа организација очекува дека побарувачката за нафта ќе достигне 109,3 милиони барели во 2040 година, по што полека ќе ссе намалува на 109,1 милиони барели на ден до 2045 година.

Извештајот посочува дека пандемијата го забрза трендот на опаѓање на потрошувачката на нафта во индустријализираните земји на Организацијата за економска соработка и развој, како и дека влијаеше на намалување на растот на потрошувачката во земјите што не се членки на ОЕЦД.

Електричните автомобили имаат се поголем удел на пазарот со „континуирано подобрување на економичноста на батериите“, наведува ОПЕК, проценуваајќи дека до 2045 година тие ќе сочинуваат повеќе од 27 проценти од новорегистрираните автомобили ширум светот. Сепак, „нафтата и наатаму ќе има најголем удел во енергетскиот микс до 2045 година“, напиша генералниот секретар на ОПЕК Мохамед Баркиндо во предговорот на извештајот.