Каков „Тиквешки гроздобер“, ова е „Жалоснобер“ – на лозарите не им е до славење, грозјето им скапува по нивите


Анета Блажевска

Кавадарци викендов го слави „Тиквешкиот гроздобер“, а лозарите разочарани и во неизвесност за годинешниот откуп на грозјето. Поради невремето и градот голем дел од родот остана на нивите. Пред три дена големо невреме со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и појава на град ја погоди Тиквешијата и им го обра родот на земјоделците.

Откупот на винското грозје „вранец“ и „смедеревска“ во Тиквешијата е во полн ек, тврдат градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев и министерот за земјоделие Борче Серафимовски. Но, лозарите јавно коментираат за состојбите.

Калина Ташевска коментира дека –„Грозјето од земјата ќе го собираме од градот, уште за на гроздобер сме.“

„Имаше една премиера ‘Село гори, баба се чешла’. Цели ниви останаа со грозје, се скапа и нема да се оберат, а тие ќе дефилираат со игра и песна. Жално“, коментира Гордана Стошиќ.

Земјоделецот Драги Ѕалев откупот на грозјето го споредува со откупот на пиперката „ајварка“.

„Каков ‘Гроздобер’, ова е ‘Жалоснобер’, за кого ќе пеат – за излажани струмичани, за излажани тиквешани, на ред се кочанчани. Срамно е ова што се прави. Дали има некој ова да го резонира.“, коментира земјоделецот на социјалните мрежи.

Министерот за земјоделство Борче Серафимовски од Кавадарци порача дека цената на грозјето годинава е за 25 проценти поголема, откупот е во тек, а се очекуваат количини од 90 до 100 милиони килограм откуп на грозје, поради сушата и неповолните климатски прилики, како и поради невремето што го зафати овој крај. За споредба според податоците на Министерството за земјоделство, минатата година биле откупени околу 113 милиони килограми винско грозје. Ова за познавачите на приликите значи дека вишокот на грозје
годинава нема да биде изговор.

Во однос на прашањето за залихите на вино, што винарниците не успееја да го пласираат во странство, министерот Серафимовски вели дека преку Развојната банка на Македонија се направи кредитна линија за винариите.

„Некаде околу 540 милиони денари да влезат директно во винариите за да се откупи ‘вранецот’. Овие средства веќе се ставени на располагање, а сите количини ќе бидат преземени од страна на винарските визби“, рече Серафимовски.

Градоначалникот на Кавадраци, Митко Јанчев рече дека Владата и Министерството посветиле максимално внимание за решавање на сите предизвици поврзани со откупот и како што рече и оваа година не е ништо „полоша“ и „понеорганизирана“ од претходните.

„Винарските визби се отпочнати со откуп на грозјето, шпекулациите дека нема да се откупува ‘вранецот’ и дека ќе биде по пониски цени, се теми надвор од разговорите (веќе разговараме со сите винарски визби). Откупот на ‘вранецот’ и ‘смедеревката’ е отпочнат и ќе се интензивира. Девет години како грдоначалник учествувам во преговорите за откуп на грозејто и можам да кажам дека оваа година покрај тоа што се реши законот за цена на винското грозје, ништо не е полоша и понеорганизирана (како што некои сакаат да наметнат) во однос на претходните години, како што некој сака да прикаже. Оваа влада и овој министар имаат план за понатамошен развој на винарството и на лозарството“, изјави Јанчев за медиумите.

Јанчев потврдува дека винариите имаат залихи на вино од ланските години, но вели дека Владата и МЗШВ имаат понатамошно решение за нови пазари и пласмани на виното.

„Очекувам во 2027 година да се изгради дестилерија во договор со винариите“, најави Јанчев.

На ваквата изјава на Јанчев земјоделците коментираат:
„Мите брате ние не сме од Тунгузија, кое црно грозје, па тоа отиде си го зема природата, се исуши ‘каберне’, ‘мерлот’, ‘бургундец’, со овие цени ни аргати не може да плати човек“, вели Блаже Ристевски.

Горан Попов коментира дека –„Тие пари што одеа за субвенции по кило грозје, сега му ги пуштаат на газдите. Колку убаво си го дриблате народот и тој пак ве гласа… Браво Влада за успешно перење мозок.“

Националната земјоделска мрежа со реакција до винариите за ниската откупна цена на грозјето.

„За жал оваа година се среќаваме со голем проблем околу откупот на грозјето, наметнат од винариите, тактизираат, има проблем посебно со црното грозје. Според Законот за вино има цена од 19 денари за килограм за ‘вранецот’, односно 17 денари за ‘смедеревката’. Винариите во овој момент не го почитуваат законот и се прават обиди и таа цена што е по закон да не ја
исплаќаат. Државата мора сериозно да се вклучи и да најде механизам. На крајот да се изврши интервентен откуп да се спаси оваа реколта“, изјави Ѓорги Каракашев, претседател на ЗНМ.

Годинава цените на грозјето се дефинирани на 21,8 денари за килограм „вранецот“ и 20 денари за килограм „смедеревката“.

default

Инаку Кавадарци веќе го живее „Тиквешкиот гроздобер“ (од 4 до 6 септември) каде што според организаторите традицијата не стои во музеј, туку излегува на улицата – со грозје, вино, музика, карневал, мотори и луѓе кои со децении го доживуваат овој празник како дел од сопствениот идентитет.

На Градскиот плоштад во Кавадарци се поставени брендирани штандови и шатори за промоција и дегустација на познатите тиквешки вина, ракија, маџун и традиционални специјалитети.