Каков е ставот: ВМРО-ДПМНЕ едно, Мицкоски друго за замрзнувањето на цените


Фото: Б. Грданоски

 

Кој е вистинскиот став на ВМРО-ДПМНЕ за старот на денешното одмрзнување на цените на одреден број производи денеска е сосем непознато. Или оценката зависи од денот кога треба да се каже.  

На 11 април 2023, значи пред 50-ина денови, лидерот на партијата Христијан Мицкоски коментирајќи ја владината одлука за замрзнувањето на цените го кажа ова:

„Замрзнувањето на цените како мерка за борба против инфлацијата е антитеорија, антипракса и антиекономска мерка. Мислеа дека ако дневно прават прес-конференции со замрзнување на цените ќе се борат против инфлацијата, но тоа не оди така. Денеска ги замрзнуваат цените, а утре ги одмрзнуваат и сѐ додека продолжуваат со ваква политичка гимнастика ќе им се удира од глава. Потрошувачката кошничка за едно четиричлено семејство е повеќе од 43.000 денари, а имајќи ја предвид и инфлацијата се доаѓа до бројка од над 50.000 денари што е многу повеќе од две просечни плати“.

Денеска, рано изутрина ВМРО-ДПМНЕ испрати соопштение во апелира до власта да не ги одмрзнува цените. Според ова соопштение, замрзнувањето на цените не е „антитеорија, антипракса и антиекономска мерка“, како што оценуваше Мицкоски.

„Ковачевски и Груби од денес ги одмрзнуваат цените, народот со 1/3 послаби плати од пред две години плаќа астрономски цени за намирници.
Власта не се справи со кризата, наместо реални мерки, владата прибегна кон полурешенија, кои ги презема по силен притисок од ВМРО-ДПМНЕ и јавноста, за сега и тие такви мерки да ги укинува.

И додека сопругата на Ковачевски добива државно земјиште за градење на фотоволтаична централа по цена од 1 евро за квадрат, народот ќе плаќа поскап леб, тестенини, млеко, месни производи, овошје и зеленчук.

Апелираме власта да не ги одмрзнува цените, т.е. да го продолжи рокот на замрзнати цени. Народот не треба да ги плаќа грешките и криминалите на власта“.