Каков е ефектот на пандемијата врз човековите права: Форум во Стразбур
Претставниците на Европскиот суд за човекови права, Советот на Европа и правосудните институции од седум држави на Југоисточна Европа, денеска и утре ќе учествуваат на Седмиот регионален форум за владеење на правото во ЈИЕ на тема „Ковид-19 и правата заштитени со Европската конвенција за човековите права“.
Форумот го организираат Програмата на AIRE Центарот за Западен Балкан и Civil Rights Defenders, а го поддржаа Владата на Обединетото Кралство, Владата на Кралството Шведска, Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија.
На централната конференција, која ќе се одржи во регионот на Стразбур ќе присуствуваат Роберт Спано, претседател на Европскиот суд за човекови права, поранешни и актуелни судии на овој Суд, како и Дуња Мијатовиќ, комесарка за човекови права на Советот на Европа.
Во текот на петте сесии учесниците и учесничките ќе имаат прилика да разговараат за правата од Европската конвенција кои се засегнати со пандемијата и нивната заштита и за ситуацијата во Западниот Балкан.
-Пандемијата Ковид-19 претставува една од најголемите глобални кризи после Втората светска војна. Владите од целиот свет беа принудени да преземат мерки како би ја ограничиле опасноста по животот и здравјето на граѓаните. Меѓутоа, затворањето на судовите, училиштата, верските институции и угостителските објекти покрена прашања за правото на правично судење, правото на образование, слободата на вероисповеста и правото на мирно уживање на сопственоста, додека ограничувањата на движењето и собирањето ги попречија правото на слободно движење, слободата на изразување, слободата на здружување, како и правото на слободни избори, велат организаторите на Форумот.
Форумот од Стразбур може да се следи во живо, со обезбеден превод, после регистрација на следниов линк: http://bit.ly/3nKY2DJ
Истовремено, претседателите и судиите на врховните и уставните судови од седум држави на Југоисточна Европа ќе се соберат во националните работни центри во главните градови: Белград, Подгорица, Приштина, Сараево, Скопје, Тирана и Загреб. Тие заедно со омбудсманите (народните правобранители), застапниците (владините агенти) на државите пред Судот во Стразбур, претставниците на правосудните академии и центрите за обуки во правосудството, факултетите, невладините организации и правните експерти ќе учествуваат на овој настан со посредство на видео линк.