Каков часовник носи Орце Ѓорѓиевски – од 7.000 евра или од 250
Ако часовникот на градоначалникот на Кисела Вода е реплика на „Aquatimer Chronograph“, тогаш е и законски недозволиво да носи производ кој лажно изработен и има лажна етикета
Омиленото лице на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, деновиве е под притисок да објасни колку чини часовникот што го носи додека тој и неговата партија се залагаат за рамноправна распределба на товарот на скапотијата во државата. Во повеќе згради во Кисела Вода беа расфрлани летоци на кои е поместена фотографија на Ѓорѓиевски, на која наводно се гледа дека градоначалникот носи луксузен швајцарски часовник од познатата марка „Aquatimer Chronograph“.
Има повеќе видови на овој часовник, но просечно неговата цена е околу 7.000 евра.
На летоците е напишано: „Од каде има Орце 7.600 швајцарски франци за луксузен саат? 8.000 евра се тоа, Орце, 30 плати на еден работник! Лапај Орце, лапај, ама ќе дојдат избори“. Медиумите пишуваа дека некои од летоците биле ставени во поштенските сандачиња на зградите, а други оставени пред вратите на становите.
Орце Ѓорѓиевски уште сега се споменува како можен кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за кандидат за градоначалник на Скопје на следните локални избори. Во интервјуто за емисијата „Стадион“ на радиото Канал 77 тој изјави дека би му била чест и одговорност ако партијата го предложи за оваа функција. Тој е претседател на ЗЕЛС и важи за многу близок на лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.
Швајцарскиот часовник кој наводно го носи Ѓорѓиевски е производ на компанијата „ИВЦ Шафхаузен“. Таа е позната дека прави модели за авијацијата (пилотите посебно ги сакаат нејзините часовници), како и за нуркање. Како што е наводниот часовник на Ѓорѓиевски. Првиот модел на „Aquatimer Chronograph“ е произведен во 1960-те.

Градоначалникот на Кисела Вода ги демантираше наводите во летоците. Во изјава за „Фокус“, тој вели дека часовникот чинел само 250 евра и бил подарок од сопругата. Тој ги става летоците во графата – дефокусирање на јавноста.
„Го имам часовникот со години наназад, посебно ми е значаен бидејќи го добив како подарок од сопругата. Цената му е околу 250 евра. Целата оваа приказна со рачен часовник кој има една баснословна цена доаѓа во време кога се бара начин како да се фрли дамка врз мене, посебно оваа недела, бидејќи очигледно не може да се најде друг начин за да се засени напредокот што се случува во Кисела Вода“, рече Ѓорѓиевски.
Можеби навистина го добил како подарок од сопругата и можеби навистина чини 250 евра, но ако моделот е сосема ист и ако тоа е, на пример, кинеска реплика на „Aquatimer Chronograph“, основното прашање е како еден висок функционер во државата може да носи часовник кој е лажно изработен и има лажна етикета кога и законски треба да се заштитува оригиналноста на производите. (Н.В.)