Како украински камиказе дрон напаѓа рафинерија во Русија (Видео)


 

Украински камиказе дрон денеска влета во голема рафинерија за нафта на руска територија, предизвикувајќи огромна експлозија на огнена топка.

На снимката се гледа како беспилотното летало лета на ниска височина кон рафинеријата за нафта „Новошахтинск“ во Ростовската област, која граничи со Украина.

На видеото потоа се гледа како дронот удира во рафинеријата за нафта, предизвикувајќи голема експлозија која се слушна на 15 километри подалеку.

Пламените јазици ја зафатија зградата, а црн чад се излеа од клучните стратешки објекти, лоцирани на околу седум километри од сепаратистичката Луганска Народна Република во Украина.

Руските работници, кои случајно го снимиле нападот со дронот, се слушнаат како се смеат на глетката со дронот додека лета блиску до нив – но тие потоа во паника пцујат откако тој удрил во рафинеријата.

На снимката од местото на настанот се гледа како пожарникарите се борат да го локализираат пожарот, додека облаците од црн чад се издигнаа во воздухот.

Руската противвоздушна одбрана не успеа да го собори дронот, за кој првично беше соопштено дека е од турско производство „Бајрактар“, но подоцна беше речено дека е украинско беспилотно летало ПД-1 или ПД-2.

Некои извештаи велат дека беспилотното летало што се гледа било едно од двете што го гаѓале објектот.

Рафинеријата „Новошахтинск“ наводно е најголемиот снабдувач на нафта во јужна Русија.

Таа е во сопственост на Институтот за истражување и дизајн за нафта и гас „Петон“, од Уфа, а претходно припаѓала на офшор компании поврзани со Виктор Медведчук, близок соработник на Путин, приведен од властите во Киев.

Прес-службата на регионалното седиште на руското Министерство за вонредни ситуации го призна пожарот. Тврди дека нема закана од ширење на пожарот. Соопштено е дека нема жртви.

Како што се наведува, на лице место биле десетина противпожарни екипи.