Како терористот од Виена Кујтим Ф. стана радикален исламист

Австриската полиција соопшти дека еден од осомничените терористи во нападот во Виена бил по потекло од С. Македонија. Кујтим Ф. им бил познат на австриските власти од поодамна, а за него пишувале и медиумите во земјата

 

Кујтим Ф. е засега единствениот напаѓач во Виена чиј идентитет и е познат на пошироката јавност. Австриската полиција соопшти дека 20-годишникот чии родители се по потекло од Северна Македонија и кој поседувал двојно- македонско и австриско државјанство- бил убиен од безбедносните сили за време на терористичкиот напад во Виена. Кујтим Ф. бил вооружен со автоматска пушка и мачета, а носел и лажен експлозивен појас.
Во нападот загинаа четири лица, а најмалку 17 се повредени, дел потешко.
Кујтим Ф. и бил познат од претходно на полицијата откако се радикализирал и неуспешно се обидел да и се приклучи на Исламската држава во Сирија.
Меѓу жртвите на Кујтим Ф. инаку по потекло од Челопек, според неколку медиуми на албански јазик е и 20 годишниот Неџип Вренези, по потекло од струшко Велешта. Вренези бил убиен откако излегол од еден виенски ресторан за да испуши цигара.
Кујтим Ф. бил осуден за терористичко здружување во април 2019 година и осуден на 22 месеци затвор. Бил помилуван и ослободен од затвор во декември минатата година.
За случајот на Кујтим Ф. и текот на неговото судење пишуваше австрискиот весник Стандард на крајот на април 2019 година. Тогаш 18-годишник, тој бил обвинет заедно со Бурат К за терористичко здружување откако се обидел да и се приклучи на Исламската држава.

За разлика од својот „колега“, Кујтим Ф. успеал дури и да стигне до турско-сириската граница и таму да се засолни во специјално засолниште.
„Засолништето беше како дупка со стаорци. Без туш, без тоалет, и без вода”, ќе раскаже адвокатот на Кујтим Ф., Николаус Раст за време на судењето.
Родени во Виена, ни Кујтим Ф. ниту неговиот партнер Бурат К. не се чувствувале обесправени во Австрија, ќе кажат тие пред судијата. Со Исламот започнале да се запознаваат во периодот на пубертетот.
Како што објаснил Кујтим Ф. „кон крајот на 2016 година влегол во погрешна џамија“. Во 2018 имал проблеми и на училиште, а дома често се карал со мајка му.
„Сакав што подалеку од домот“, раскажува на судењето  Кујтим Ф.
На прашањето на судијата: „А што очекувавте од Исламската држава?“, тој одговара:
„Очекував подобар живот. Сопствен стан и сопствени приходи“.
Но, приходите ги обезбедил уште летото 2018 година кога добил сезонска работа. Парите ги инвестирал во авионска карта до Кабул, главниот град на Авганистан, каде заедно со неговиот партнер требало да бидат пречекани од контакти од Исламската држава (ИД).

Österreich Anschlagserie in Wien (Leonhard Foeger/REUTERS)Полицијата во Виена се уште трага по можни соучесници во терористичкиот напад

Но, дури откако ги купиле картите дознале дека им е потребна и виза за Авганистан.
На 1 септември 2018, Кујтим Ф. одлучил сам да отпатува за Сирија. По два дена, и покрај тоа што се криел во засолниште, бил уапсен од турската полиција. Го одвеле во притвор и таму останал четири месеци. На судењето потврдил дека бил подготвен да се бори за целите на ИД.
Неговиот адвокат барал милост од судијата.
„Како може да се смени идеологијата на еден бомбаш-самоубиец? Не со високи казни. Мора да се смени неговиот начин на размислување“.
Судијата не ги прифатил ваквите аргументи, образложувајќи зошто одлучил на двајцата обвинети да им изрече затворски казни од 22 месеци:
„Одлучно одбиваме да им дозволиме на ИД или на националсоцијалисти да бидат во близина на младинските култури. Целта на ИД е да ги збрише неверниците“.
Сепак, поради својата младост Кујтим Ф. е ослободен од затвор по неполни осум месеци и од декември 2019 повторно бил слободен граѓанин. (Дојче веле)