Како Шведска го произведе првиот еколошки челик во светот


Шведска ја испорача првата пратка во светот на челик произведена без употреба на фосилни горива, што е голема пресвртница на патот кон намалување на емисиите на јаглерод од индустријата.

Испорака на челик беше доставена до шведскиот производител на камиони „Волво АБ“, но индустриските количини на овие производи нема да бидат достапни до 2026 година.

Веста е значајна во контекст на напорите за ограничување на климатските промени. Додека голем акцент е ставен на улогата на фосилните горива во производството на електрична енергија, истражувањето објавено од Carbon Brief покажува дека само 553 конвенционални челични фабрики ширум светот се одговорни за 9 отсто од сите емисии на јаглерод диоксид, поради големите количини на фосилни горива – особено коксен јаглен – кои што се користат за производство на легура. ИЕА прогнозира дека глобалното производство на челик ќе порасне за една третина до 2050 година.

Говорејќи на прес -конференција, шведскиот министер за бизнис, индустрија и иновации Ибрахим Бајлан рече дека е „среќен што е министер за претпријатија и енергија во земја во која индустријата „врие“ со енергија за [зелено] ресетирање“.

Бајлан понатаму истакна: „Индустријата и особено индустријата за челик создаваат големи емисии гасови, но исто така се важен дел од решението“.

Челикот е создаден со користење на процесот HYBRIT, резултат на заедничко вложување помеѓу шведскиот производител на челик SSAB, енергетската компанија Vattenfall и компанијата за рударење железна руда LKAB. ХИБРИТ ги заменува фосилните горива како во производството на пелети од железо кои се клучна состојка на челикот, така и во отстранување на кислородот од железото со замена на јаглеродот и коксот со зелен водород.

Споредба на конвенционалниот процес на производство на челик базиран на фосилни горива наспроти новиот пристап

Цела Шведска произведе нешто повеќе од 45 милиони метрички тони емисии на CO2 во 2020 година, но во сите нејзини операции SSAB беше одговорен за речиси 9 милиони. ХИБРИТ тврди дека со елиминирање на фосилните горива од процесот на производство на челик, може да ги намалат вкупните емисии на СО2 во Шведска за „најмалку“ 10 отсто.

Мартин Линдквист, извршен директор на SSAB, изјави за медиумите: „Првиот челик во светот произведен без фосилни горива не е само пробив за SSAB, тој претставува доказ дека е можно да се направи транзиција и значително да се намали глобалниот јаглероден отпечаток во челичната индустрија. Се надеваме дека ова ќе ги инспирира и другите кои исто така сакаат да ја забрзаат зелената транзиција“.

Ана Борг, извршна директорка на Vattenfall, која е одговорна и за некои од најголемите ветерници во Европа, рече дека HYBRIT „покажува како партнерствата и соработката можат да придонесат за намалување на емисиите и за градење конкурентност за индустриите“.

SSAB, LKAB и Vattenfall велат дека ќе започнат со целосно индустриско производство на новиот челик во 2026 година. Претходно оваа година, Волво објави дека ќе биде првиот производител што ќе произведува возила од челик добиен без фосилни горива.

Иако HYBRIT може да биде првиот што го испорача, тој е далеку од единствениот проект што работи на предизвикот за создавање „зелен челик“. И други Швеѓани се тркаат за да бидат првите што ќе произведат индустриски количини, а H2 Green Steel тврди дека ќе започне со работа до 2024 година.

Надвор од Европа, кинескиот „Баову“, најголемиот светски производител на челик, се обврза да постигне нулта емисија на јаглерод до 2050 година и започна да развива водородни технологии како начин за намалување фосилните горива во процесот на производство. Индискиот производител  Тата го разви она што го нарекува HIsarna процес, кој се уште користи јаглен, но тврди дека ги намалува емисиите за 20 отсто. Во меѓувреме, јапонскиот проект КУРС 50 (COURSE 50) користи низа технологии за намалување на емисиите од високите печки. (Форбс)