Како Швајцарците го прават тоа: Драстичен потег за да ги намалат потрошувачките цени


Швајцарските власти ги укинаа царините за увоз на индустриски производи за да ги намалат високите потрошувачки цени.

Тоа значи дека увозниците повеќе нема да плаќаат царини за производи за широка потрошувачка и за суровини, полупроизводи и машини. Остануваат на сила царините за увоз на земјоделски производи.

Со овој потег државата ќе загуби околу 600 милиони швајцарски франци (645 милиони евра) годишен приход, објави во вторникот Министерството за економски прашања (SECO).

Од друга страна, ефектот врз економијата и граѓаните е проценет на 860 милиони франци (924 милиони евра).

Оваа сума вклучува 490 милиони франци заштеда за фирмите на царина и најмалку 100 милиони за административни процедури.

Според Томас Цимерман, експерт од швајцарското Министерство за економски прашања, царинските давачки сочинуваа само околу 1,5 отсто од државните приходи во последните години, а тие ја намалија конкурентноста на швајцарската економија и ги задржаа цените високи, многу повисоки отколку во околните земји.