Како се одвива судењето на крипто магнатот Сем Банкман-Фрид, обвинет за една од најголемите финансиски измами


Судењето на Сем Банкман-Фрид, во немилост паднатиот магнат на криптовалути, трае веќе неколку денови и е будно следено од американската јавност, пред сѐ поради наводната проневера вредна десеттина милијарди долари, но и поради колоритноста на главните протагонисти.

Според Владата на САД, Банкман-Фрид (31) извршил една од најголемите финански измами во историјата. Обвинет е по седум точки, вклучително измама на инвеститорите на FTX, берза за купопродажа на криптовалути. Кога лани во ноември оваа берза се урна како кула од карти, учесниците изгубија милијарди долари.

Печатот во САД ја споредува пропаднатата крипто берза на Банкман-Фрид со финансиската пирамида на Берни Мeдоф, најпознатиот американски измамник кој во 2021 година почина во затвор.

Поротата веќе ги слушна уводните аргументи како и сведочењето на главниот сведок на обвинителството – Каролајн Елисон, поранешна извршна директорка на крипто-империјата на Банкман-Фрид и негова поранешна девојка.

Според тужбата на обвинителството Банкман-Фрид е главен организатор на масивен криминал. Се аргументира дека тој ги пренасочувал парите од FTX на друг фонд за инвестиции под негова контрола – Alameda Research, и употребили милијарди долари за исплата на долгови, инвестиции во ризични стартап компании и купување луксузни недвижности.

Ако биде осуден по сите точки на обвинението Банкман-Фрид може да остане во затвор доживотно. До само пред две години овој магнат на криптовалути беше прогласен за најуспешниот милијардер под 30 годишна возраст.

Главната аргументација на власта е дека имено Банкман-Фрид раководел со сите операции на двете компании. Обвинителството обезбеди и соработка од клучните членови од најтесниот круг на двете фирми кои веќе сведочеа.

Гари Ванг, соосоновач на FTX и Alameda Research рече дека Банкман-Фрид му наредил да промени неколку линии од компјутерскиот код со што парите на клиентите на FTX без нивно знаење се пренасочувале во Alameda. Ванг како и сите други сведоци на обвинителството изјавија дека секој ги исполнувал интрукциите на Банкман-Фрид.

Од сите сведоци на обвинителството еден има клучно место за нејзината важност во овој случај. Тоа е Каролајн Елисон, поранешна девојка на Банкман-Фрид, и поранешна директорка на Alameda Research.

Во текот на седочењето оваа недела што траеше три денови и во кое имаше и доста плачење, Елисон, како и Ванг, изјави дека Банкман-Фрид бил тој што ги влечел конците.

-Тој ме насочуваше да ги вршам овие злосторства, му кажа таа на судот.

Елисон наведе дека Банкман-Фрид бил манипулатор. Тоа е напишано во нејзиниот дневник што властите го пријавја како доказ. Во него таа пишува за нејзините лични и професинални фрустрации во работењето со поранешниот ивршен директор на FTX.

Таа во детали опиша како Банкман-Фрид градел свој имиџ, со цел да заработи на неговиот забележителен изглед – разбушавена коса, мајца и куси панталони.

Одбраната укажа дека Банкман-Фрид бил обземен од наглиот успех.

Тие сугерираа дека нивниот клиент е претприемач со многу мозок и малку среќа кој не можел да го контролира брзиот подем на неговата берза. Во повеќе прилики тие кажаа како неговата компанија во едно деноноќие пораснала во мултимилијарден бизнис што го подржувале холивудски актери, музичари и спортисти како Том Брејди, фудбалска ѕвезда од НФЛ лигата.

Но, одбраната беше повеќепати укорена од судијата Луиз Каплан, со што судбината на нивниот клиент станува сѐ поизвесна. Судијата беше незадоволен од секој предлог поднесен од одбранбениот тим адвокати.

Неколку недели пред да почне судењето судијата го одзеде правото на Банкман-Фрид да се брани од слобода и го прати обвинетиот во федерален притвор во Бруклин каде го чекаше судењето.

Според обвинителството Банкман-Фрид вршел забранети дејства како употреба на интернет и месенџери, и контактирал новинари најмалку 1.000 пати.

Судењето ќе трае уште две недели и следно големо прашање за јавноста е дали самиот Банкман-Фрид ќе сведочи. Пред да започне процесот Каплан се обрати до обвинетиот да ги информира директно дека има право лично да се застапи во своја одбрана. Но, адвокатите го советуваа тоа да не го прави.