Како се напушта Недојдија
Румена Бужаровска
Го гледавте ли „Напуштање на Недојдија“ (Leaving Neverland)? Зборувам за фамозниот документарец за Мајкл Џексон на Ејџ-би-о, кој многумина одбиваат да го погледнат: некои со разбирливиот изговор дека премногу би се потресле и дека не издржуваат таков тип на содржина, други со изговорот дека им е јасно за што се работи, па не мора да се изложуваат на непотребно вознемирување. Меѓу вториве, исто така, има луѓе што мислат дека читајќи по медиумите за документарецот веќе знаат за што станува збор: да, се чини дека Мајкл Џексон злоупотребувал деца, ама тоа сме го знаеле отсекогаш (триумфалното „јас знаев, ама што да правам“); тоа нема врска со неговата музика, оти уметникот треба да се одвои од неговото дело; што ли правеле мајките – и слични предвидливи коментари.
Всушност, овој документарец треба да го гледаат сите, без разлика колку е непријатен и вознемирувачки. На извесен начин, тој е последниот врв на бранот што го зафати западниот свет кој се засили со појавата на движењето #MeToo. Тоа е бран на преиспитување: колективно и лично. Ова преиспитување не е ограничено само на територијата на САД, каде што се одвиваше педофилската хорор-приказна на Џексон: ова преиспитување се однесува на нас и на остатокот од светот. На извесен начин, се работи за едно болно будење од слаткиот сон на слепото незнаење и тонење во конформистичкиот свет на патријархатот и профитот, каде што авторитетите (тука спаѓаат и поп-ѕвездите) се недопирливи, каде што одговорност нема, оти од навиките тешко се излегува.
„Напуштање на Недојдија“ треба да го гледаме и ние затоа што и ние немаме свест и разбирање за тоа низ што поминува една жртва и какви сè механизми има злоупотребувачот кои на жртвата ѝ ја прават реалноста несогледлива и/или нереална, невозможна за промена. Злоупотребувањето е системско, длабоко осмислено и општествено условено: тоа не е случаен зададен удар од кој можете да се одбраните, туку е тонење во жив песок, борба со смртоносен рак.
Гледајќи го документарецот, можеби ќе се запрашате зошто првото прашање за педофилските децениски навики на Мајкл Џексон што ќе ви падне на памет е „што правеле мајките“, како тие да сносат поголема одговорност од самиот злоупотребувач, па и од општеството, од правната држава, и конечно од самите вас (нас, јас) што весело сме си џускале на песните на Џексон убедувајќи се дека тој бил само едно големо дете кое било лишено од вистинско детство. Можеби, гледајќи го овој разорувачки документарец, ќе разберете во каков лудачки вител биле заглавени тие мајки (оти татковците, нели, се отсутни. Нив никој не ги обвинува. Ги нема), заведени, како и остатокот од светот, од перфидната игра на Џексон. Џексон е ѕвезда. Џексон е присутен во сите наши домови. Џексон е музички гениј. Џексон има толку многу пари, што не можете тоа ни да си го претставите. Џексон, следствено, може да ги искористи парите што ги направил од нашата забава и обожавање за да изгради лажно бајковит свет (Недојдија), свет во кој секое дете може да добие буквално сè што ќе посака – од луна-паркови до зоолошки со шимпанза и слонови, свет во кој порното и чоколадите коегзистираат (porn and candy, така ја опишува атмосферата еден од жртвите), свет-бајка изграден со намера Џексон да може сексуално да злоупотребува седумгодишни момченца. Ако еден обичен педофил намамува деца со чоколади, овој педофил намамува деца со бајка вредна милиони долари. Притоа, ние сме стоеле и сме му ракоплескале. Сме танцувале додека тој ги правел работите за кои ние сега не сакаме да слушаме. Оти ќе нè вознемири.
Може и треба да се вознемириме за да излеземе од тој сладок сон на незнаењето и на неодговорноста. Дел од светот полека го прави тоа: „Напуштање на Недојдија“ е само еден од многуте документарни филмови кои нè соочуваат со нашето болно блиско минато. Тука е и примерот на „Да се преживее Р Кели“ (Surviving R Kelly), приказ на механизмите на злоупотребување и начинот на кој општеството и државата затвора очи пред тоа бидејќи истото се врши врз грбот на најслабите (црните сиромашни малолетни девојчиња). Ќе го спомнам и документарниот филм за Лорена Бобит, „Лорена“, за жената која му го отсече пенисот на сопругот и му го фрли во тревник. Наспроти сликата на змиската лудача што кастрира, која ни е најлесно да си ја замислиме оти ни се сервира уште од памтивек, а се интензивира преку медиумите и медиумските мачо-шармери како (гадот) Хауард Стерн, стои сликата за жена со години тепана, измачувана и силувана од сопствениот сопруг. Ќе го спомнам и „Чуварките на тајни“ (The Keepers) за педофилија кон девојчињата во католичките училишта во САД од страна на свештениците, учителите во кои родителите и општеството буквално се крсти.
Има нешто што ги обединува овој бран исповедни документарни филмови, предизвикани од движењето #MeToo: сите им даваат глас и моќ на жртвите. Раскажуваат поинаква приказна, вистинита. Нè освестуваат. Нè тераат да престанеме да ја гледаме вината во вообичаените места: во самите жртви или во нивните мајки. Нè тераат да си погледнеме во самиот двор, конечно и во себеси. Искрено, среќна сум што живеам во доба во кое за толку краток период – зборуваме за десетина години – се направила толку голема промена во свеста. И убедена сум дека да не беше движењето #МеТоо, кое ги зафати и овие простори, немаше да дојде до ваква храброст и вакво освестување, за што сум благодарна. Всушност, со големо задоволство ја напуштам Недојдија.