Како се исчисти Детската клиника и се отвори простор за најмалите пациенти


Клиниката за детски болести е исчистена од, со години наталожениот отпад, односно, стар мебел, кој повеќе не се користел, стари електронски апарати, метални шкафчиња, стари заменети прозорци и врати и што уште не. Денеска, Клиниката е исчистена, проодна, со светли простории, сите подготвени да им служат на вработените и на малите пациенти.

Ова можеби е најголемото достигнување на директорот д-р Реџеп Мемеди, кој оваа акција ја најави уште во ноември лани, кога предупреди дека Клиниката за детски болести во Скопје има „Дефекти со висока опасност“ кога тој беше на функцијата четири месеци.

Меѓу главните проблеми кои ги посочи е и кујната каде се подготвува јадење за децата и бебињата, за која рече дека е целосно амортизирана со 20 годишна опрема. Во меѓувреме, Мемеди се зафатил со чистење и реновирање на клиниката, а редовно на Фејсбук страницата на клиниката објавува и видеа од тоа што се прави за Клиниката за детски болести да има соодветни услови за најмалите пациенти.

Освен од кујната, директорот објави и фотографии од другите простории на Клиниката како станицата за пумпи за вода за кои рече дека секоја недела појавуваат дефект и има недостиг на вода, или лифтовите кои се стари над 40 години и кои се вон функција, додека пациентите ги користат скалите.

Седум месеци подоцна, од Детската клиника изнесени се 40-50 тони различен отпад. Таа веќе не претставува поголема опасност за децата, од самите нивни дијагнози. Исто така, може да се смета за безбеден објект, а доколку и има потреба од некаква интервенција, сите служби лесно ќе пристапат до проблемот и навремено ќе го решат. 

Денеска и премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратенички прашања во Собранието посочи дека од Детската клиника се изнесени 50 тони отпад. Дека со релативно малку пари, објектот личи на клиника, а отпадот е однесен во соодветните центри за справување со него. 

„Некогаш работите можат да се направат и без пари или јас би рекол со многу малку пари. Еве самите го споменавте вчерашниот ден и мојата посета на Клиниката за детски болести и она кое што на луѓето најмногу им остави впечаток е дека клиниката беше исчистена. Во која смисла исчистена? Најпрво од хигиенски аспект, но исчистена беше и од аспект на тоа дека беа исфрлени 50 тони дигитален отпад. И тоа е однесено да се рециклира со компанија. Просто беше неверојатно тоа што го гледавме, како изгледало претходно и како изгледа сега, балконите на клиниката биле натрупани со стари компјутери, принтери, тоа беше една хаотична слика. И тоа е една од тие 11 работи кои што ги направил директорот за тие 11 месеци“, вели Мицкоски и истакна дека вкупно проектите кои биле презентирани чинеле 40 милиони денари.

Ако оваа трансформација на клиниката се гледа низ призмата на трагедијата во Кочани, преку која видовме дека може една обична забава да премине во трагедија, тогаш јасно е дека сите овие објекти,од кои дел јавни, државни и приватни претставуваат огромна опасност при појава на пожар. Не е тука проблемот само постоењето на противпожарни апарати, хидранти и друго, туку и пристап, а и трупањето отпад, кој ако се разгори пожарникарите би го гаселе со денови. 

Уште колку скриени „бункери“ од институции имаме и кога тие би се расчитиле по примерот на Детската клиника, останува да видиме, дали има волја кај надлежните или и понатаму ќе се молиме да не се случи трагедија, а ништо не сме презеле да ја превенираме.