Како пропаѓа еден од симболите на Белград – Генекс кулата


 

Симболот на Белград – Генекс кулата, повторно ќе биде понудена на продажба на 23 мај. По почетна цена од 17 милиони евра се продава деловниот дел од објектот кој со години не е користен и кој е прилично руиниран. Станарите велат дека реновирањето е неопходно и за станбениот дел од зградата, бидејќи Градот Белград со години не инвестирал ни динар во одржување – иако објектот е под заштита.

Облакодерот од 35 ката однадвор со години изгледа трошно. Не е во подобра состојба и внатрешноста на деловниот дел од зградата, кој чека на продажба.

„Треба да си многу талентиран за да ја уништиш оваа зграда, ние очигледно го имавме тој талент“, вели Милиќ Ѓоковиќ, проценител на недвижности.

На врвот на кулата Генекс се наоѓа ресторан кој не е во лоша состојба и кој нуди прекрасен поглед на Белград. Иако никогаш не се вртеше, што беше првичниот план – празни маси, столови и запуштен шанк ги чекаат гостите уште од 1999-та, кога беше ставен катанец на вратата. Киното, театарот и конгресната сала се речиси запуштени. Првите девет ката сè уште се користат како деловен простор, додека во другите канцеларии има прашина и пајажина. Во некои соби има и кофи, бидејќи прокиснува таванот.

„Добрата вест е дека нешто ќе се среди, бидејќи изгледа прилично запуштено, а како симбол на градот, мислам дека не го заслужува тоа, бидејќи многу работи низ градот се реновирани, изгледаат подобро, а ова останува да пропаѓа“, вели Бојан Ристиќ, жител на кулата Генекс.

Кулата пропаѓа по пропаѓањето на „Генекс експорт“, која своевремено важеше за моќна компанија, со годишна заработка и до шест милијарди долари.

Западната порта на Белград е градена 10 години, а зградата е целосно завршена во 1980 година. Во тоа време таа беше највисоката и првата паметна зграда на Балканот – што значи дека имала компјутерски центар од каде беше контролирано греењето, ладењето, електрониката и лифтовите.

Според станарите, станбениот дел од зградата е во добра состојба. Влезовите и лифтовите се одржуваат благодарение на рекламите. Нивниот најголем проблем е уништеното плато, за чие уредување немаат поддршка од градот.

„Сега се прави изолација, сето тоа го правиме со наши пари, бидејќи водата од ова плато кое е неодржувано и на тој начин еродира, продира надолу, и ги поткопува темелите на самата зграда, а другата работа е – Градот би требало да се грижи ако овие две згради веќе ги прогласи за споменик на културата… Нема никаква помош во кој било смисол“, вели Горан Миљуш, жител на кулата Генекс. (Н1)