Како популистите се враќаат на власт


МАША ГЕСЕН

По поразот на изборите во 2002 година, Орбан објави дека „татковината не може да биде во опозиција“. Под „татковина“ тој мислеше на себе како единствен вистински претставник на Унгарија: ако тој не е во владата, тогаш владата е киднапирана

 

Во 1998 година, Виктор Орбан стана премиер на Унгарија. Четири години подоцна, во рекордна излезност на унгарските гласачи, неговата партија ја изгуби моќта. Следниот ден, сојузниците на Орбан прогласија изборна измама и побараа ново пребројување на гласовите, и иако тие барања беа одбиени, Орбан сепак тврдеше дека изборите биле украдени. По осум години на чело на опозицијата, Орбан и неговата партија Фидес се вратија на власт со супер мнозинство, доволно за промена на уставот и започнување на забрзаната консолидација на автократската моќ. Оттогаш, Орбан не ја напушти позицијата.

Партијата на правото и правдата, предводена од браќата близнаци Лех и Јарослав Качињски, владееше со Полска од 2005 до 2007 година во коалициска влада. Осум години откако ги загубија изборите, нивната партија, која ја презеде Јарослав по смртта на Лех, ја врати власта со најголем процент на поддршка од падот на комунизмот. Тие брзо се зафатија со демонтирање на институциите на либералната демократија и воспоставување на автократско владеење.

Другите европски автократи не мораа да ја напуштат функцијата – Реџеп Таип Ердоган во Турција, Александар Лукашенко во Белорусија и, се разбира, Владимир Путин во Русија не се во опозиција уште од првото доаѓање на власт – но случаите со Унгарија и Полска служат како примери на специфичниот пат во автократија. Тој пат вклучува политичар со автократски амбиции кого гласачите го казнуваат на избори и кој потоа го претставува својот пораз како нелегитимен во кампања чија цел е да ја поткопа не само партијата што победи на изборите, туку и самите институции на демократската власт. За да го разгледам ова сценарио, побарав помош од мојот водич за прашањата на автократијата, Балинт Маѓар, автор на книгите „Посткомунистичка мафијашка држава“ и „Анатомија на посткомунистичките режими“.

По поразот на изборите во 2002 година, Орбан објави дека „татковината не може да биде во опозиција“. Под „татковина“ тој мислеше на себе како единствен вистински претставник на Унгарија: ако тој не е во владата, тогаш владата е киднапирана. Орбан и опозицијата критикуваа сè што направи новата влада, не затоа што не се согласуваа со нејзината политика, туку затоа што, според нив, влада што не ја води нивната партија нема право да постои. Балинт Маѓар понуди пример од својата работа: тој беше унгарски министер за образование од 2002 до 2006 година и креираше јавно-приватни партнерства, кои, како што вели, членовите на Фидес приватно го фалеле и јавно го критикуваа – затоа што тие се спротивставуваа на сè што работеше новата влада.

Овие зборови можат да се користат и за да се опише американската Конференција на конзервативната политичка акција (ЦПАЦ) во Орландо, каде поранешниот претседател Доналд Трамп рече дека првиот месец во канцеларијата на сегашниот претседател Џо Бајден е „најлошиот прв месец од сите претседатели во модерната историја“. Трамп изнесе низа лаги за неговиот мандат и политиката на Бајден кон имиграцијата, со озборувања за пандемијата Ковид-19. Остави впечаток дека е за и против маски, и за и против физичко растојание, а особено против сè што е Бајден. „Само за еден краток месец, дојдовме од ‘Америка прв’ до ‘Америка последна’“, излажа Трамп, опишувајќи се себеси и својата публика како единствени вистински Американци, слично на тврдењето на Орбан дека тој е единствениот вистински претставник на Унгарија.

За време на осумте години кои Орбан ги помина во опозиција, владејачките партии „постојано се обидуваа да воспостават нормална дискусија за политиката“, вели Маѓар. Но, партијата на Орбан избра „парадигма на постојана критика на режимот, наместо парадигма на критика на владата“. Со други зборови, Фидес беше во спротивност со самите институции, не само со луѓето што ги водеа или со одлуките што ги донесуваа. „Тоа беше трајна студена граѓанска војна“, вели Маѓар. До моментот кога Фидес се врати на власт, владините институции веќе се сметаа за нелегитимни низ целото општество – па со тоа лесни да бидат корумпирани или демонтирани. Трамп, се разбира, водеше војна против владините институции и како претседател и како поранешен претседател продолжува да го напаѓа нивниот легитимитет. Во тоа, тој може да смета на поддршката на Републиканската партија, која се позиционираше како антивладина партија во последните 40 години.

Маѓар вели дека лошата вест е дека Трамп нема да ја напушти Републиканската партија за да основа своја. Минатата недела, конзервативните коментатори Џо Волш и Вилијам Кристол размислуваа да ја напуштат Републиканската партија поради Трамп и да формираат нова партија на конзервативниот центар или да им се приклучат на демократите. Според мислењето на Маѓар, тоа не би бил ефикасен одговор на трампизмот: „Кој ја напушта партијата, секогаш губи“.

Републиканската партија – чии претставници во Конгресот гласаа против усвојувањето на резултатите од претседателските избори само неколку часа откако насилната толпа Трамп упадна во Капитол – нема да се спаси ниту себеси ниту Америка од трампизмот. Што може да стори Демократската партија? Според мислењето на Маѓар, таа мора да донесе политички одлуки со јасни одговори на егзистенцијалните стравови од кои се храни трампизмот. Ова нè води до новата дефиниција за популизмот која Балинт Маѓар ја идентификува во својата најнова книга како „идеолошки инструмент за политичката програма на морално неограничен колективен егоизам“.

Клучниот збор во оваа дефиниција е „егоизам“. Маѓар предлага дефиницијата да се прочита наназад за подобро да се разбере: „Себичен гласач кој ги игнорира другите и мисли само на себе, полесно се изразува во колективот отколку сам“. Колективниот формат ја става себичноста во поблагородна рамка, повикувајќи се на „татковината“ и тврди дека „Америка му е прва“ и дека ќе ги брани луѓето од туѓински криминал. Конечно, пишува Маѓар, ваквиот популизам „ја делегитимира моралната дисциплина и го легитимира моралниот нихилизам“. Ова е суштината на таа политичка програма: „Популистот зазема неоспорен морален статус, притоа искористувајќи ја психолошката потреба на луѓето да припаѓаат на заедницата, како и нивната себичност, а воедно им нуди ‘разбирање’ и припадност кон заедницата како утеха за животни несреќи“.

Маѓар смета дека популизмот е спротивен на либерализмот, не само затоа што бара да ги собори уставните структури, туку и затоа што ги отфрла идеалите за солидарност што Маѓар ги смета за темел на либерализмот. Идејата дека либерализмот се заснова на солидарност може да звучи чудно за Американците, кои генерално го разбираат либерализмот како збир на индивидуални слободи. Но, популистите од двете страни на Атлантикот тргуваат токму со спротивното на тоа: според зборовите на Маѓар, нивниот „популизам нуди решение за проблемите без морални стеги – додека догматските либерали нудат морални стеги без да решаваат проблеми“. На паното над сцената на конференцијата ЦПАЦ недела пишуваше: „Непоништена Америка“, што е упатување на баучот на „културата на поништување“ и на политичката коректност воопшто – токму оние морални ограничувања втемелени во принципот на солидарност за кои зборува Маѓар.

Орбан, Трамп и останатите популисти немаат вистински решенија. Балинт Маѓар ја опишува нивната политичка понуда, а не пракса. Владејачката партија треба да понуди решенија и да докаже на дело дека солидарноста може да биде од повеќе корист отколку себичноста. Во време кога Орбан беше во опозиција, унгарската влада се соочи со сите познати стапици: ги пополнуваше празнините во буџетот со високи школарини на државните универзитети и наплата за здравствени услуги. Непопуларните и болни мерки за штедење само ја зајакнаа поддршката за Фидес. Тајната за спасување на американскиот систем на владеење, смета Маѓар, воопшто не е тајна. Дали администрацијата на Бајден и Конгресот со мнозинството демократи ќе ја зголемат минималната плата, ќе им обезбедат на сите Американци прифатлива и сигурна здравствена заштита, ќе воведат данок на имот, ќе ги поништат студентските долгови и ќе инвестираат во инфраструктурата, особено во руралните области? Ова се егзистенцијалните прашања на американското општество и неговиот политички систем.

(Маша Гесен руско-американска писателка и новинар. Автор е на единаесет книги меѓу кои и „да се преживее автокартијата“. Таа е дел од познатиот магазин „Њујоркер“, каде што е објавена и оваа колумна.)