Како помина „Црн петок“ во САД годинава

Националното здружение на трговски синџири проценува дека оваа година, 166,3 милиони луѓе планираат да купуваат помеѓу Денот на благодарноста и Сајбер-понеделникот на 28 ноември, речиси осум милиони повеќе од минатата година


 

Се очекуваше купувачите уморни од инфлација да се упатат во продавниците во рекорден број на црниот петок, но немаше големи турканици овој петок во Њујорк, Рали, Чикаго и Лос Анџелес, на историски најпрометниот ден во годината во трговските центри.

Многу Американци кои ги отворија своите паричници во петокот рекоа дека нивните купувања биле стратешки наместо импулсивни.

„Чекавме попусти“, вели Тулио Роуз, кој купи телевизор со голем екран во „Бест бај“ во Лос Анџелес, заштедувајќи 500 долари на 85-инчен телевизор „Самсунг“.

Националното здружение на трговски синџири проценува дека оваа година, 166,3 милиони луѓе планираат да купуваат помеѓу Денот на благодарноста и Сајбер-понеделникот на 28 ноември, речиси осум милиони повеќе од минатата година. Но, со повремени врнежи, продавниците во некои делови на САД беа помалку зафатени од вообичаеното на црниот петок, пренесува СЕЕбиз.

„Обично овој период од годината имате проблем да најдете паркинг. Немав проблем со тоа оваа година“, рече Маршал Коен, генерален советник во „НПД груп“.

Тој додава дека луѓето купуваат само она што им е потребно во продавниците. „Нема чувство на итност“, рече Коен, врз основа на податоците од неговите продавници во Њујорк, Њу Џерси, Мериленд и Вирџинија.

Многу купувачи кои ги бараат најновите телефони на „Епл“ останаа со празни раце овој црн петок, бидејќи технолошката компанија се соочува со прекин на производството во Кина поради Ковид.

Консултантската компанија „Кирни“ (Kearney) наведува дека трговците на облека биле најактивни во продажбата, нуделе попусти до 60 проценти на нивната стока, а цените на телевизори и друга електроника биле значително намалени, во обид да привлечат се повнимателни купувачи.

„Тешко е да се каже како се обликува црниот петок во моментов. Мораме да ја разгледаме целата празнична сезона. Забавувањето на купувањата може да трае до Сајбер понеделник, а можеби и понатаму“, рече Мајкл Браун, партнер во „Кирни“.

Црниот петок се очекува да донесе 9 милијарди долари онлајн продажба за трговците на мало, што е за скромни 1 отсто повеќе од минатата година. Исто така, Американците, особено оние со ниски примања, се очекува оваа година помалку да купуваат за празниците бидејќи инфлацијата и повисоките цени на енергијата ја намалуваат куповната моќ.

Европските трговци се соочуваат и со се потешка криза на зголемени животни трошоци, а дел од клиентите наместо да одат во продавници седат пред телевизор и го гледаат Светското првенство.