Како парите од ИПАРД помагаат македонски сокови да се продаваат на Малдиви, во САД, Карибите, ОАЕ, Сингапур…


Многу труд, макотрпно, со знаење и посветеност во текот на 30 години. Ова, како што велат од „Вивакс“ е формулата која ѝ овозможи на компанијата да изгради автентичен македонски бренд и да ги пласира производите на четири континенти, меѓу другото и на Малдивите, во САД, Карипските острови, Обединетите Арапски Емирати, Сингапур…

„Динамичниот развој, инвестициите во нови хали магацини, нови линии технологии, во голема мера се должат и на можноста да ги користиме средствата од ИПАРД фондовите како и финансиската поддршка која ја добиваме и ја користиме од македонската влада“, истакнаа денес од „Вивакс“, при посетата на премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот Бојан Маричиќ и евроамбасадорот Дејвид Гир на компанијата.

Од „Вивакс“ посочуваат дека како најголем производител и лидер на овошни сокови и овошни каши во Македонија, особено се горди на она што го создале и на сознанието дека успеале да создадат успешен и добро познат национален бренд „Вива“, кој е синоним за квалитет на овошни сокови не само во нашата држава туку и надвор од неа.

„Континуирано бележиме раст во бројот на вработени, отвораме нови работни места, бележиме раст на приходите, го зголемуваме производното портфолио, се шириме на нови пазари и го зголемуваме извозот“, се пофалија од „Вивакс“.

Како општествена компанија која ги следи светските трендови, инвестирале во фотоволтаична централа од 1 мегават со што ја зголемија ефикасноста, ги намалија трошоците, а воедно влијаат и на заштитата на животната средина.

Како што посочија, современите инсталирани капацитети им даваат можност поагресивно да настапуваат на странските пазари, а неодамна учествуваа на НУГА, најголемиот саем за храна и пијалаци во Келн Германија, каде ги презентираа новитетите и иновациите кои предизвикале  голем интерес кај постојните и потенцијалните клиенти од целиот свет.

„Ова покажува дека ги следиме светските трендови и само со квалитет може да се движиме напред“, нагласија од „Вивакс“.

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека во земјава има успешни приказни, како „Вивакс“, која благодарение на ентузијазмот, иновативните идеи и вложувањата во модернизирање на производството, денес освен сокови, својата палета на производи ја има проширено со нови видови преработки од овошје, кои се произведени како уникатен македонски бренд.

Тој кажа дека денес земјава е лидер во искористеност на ИПАРД средствата, со 98 отсто искористеност.

„Ја поедноставивме административната процедура, ги доближивме мерките до сите заинтересирани, и земјоделците ги препознаа придобивките. Резултатот е склучени над 2.300 договори во ИПАРД 2, и за 60 отсто зголемени нови, неповратни 97 милиони евра за модернизација на македонското земјоделство преку ИПАРД 3 програмата“, потенцираше премиерот Ковачевски.

Додаде дека ние сме и прва земја во регионот којашто е подготвена да започне со ИПАРД 3 програмата, со која ќе се понуди повеќе области за поддршка, но и авансна исплата за предложените бизнис идеи.

„Вратите на ЕУ се отворени, но ние треба да ја покажеме нашата подготвеност дека можеме и умееме да ги исполниме очекувањата на граѓаните, да ги донесеме потребните одлуки и со тоа да ја оствариме и втората стратешка цел на државата. Полноправно членство во ЕУ до 2030 е амбициозна, но верувам остварлива цел, која ќе донесе многу придобивки по пат и за граѓаните и компаниите како оваа во која сме денес“, истакна Ковачевски.

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, рече дека резултатите се видливи дека со поддршка на оваа европска програма, преку инвестиции во опрема, машини и уреди за преработка, преработувачкиот сектор добива можност да започне или да го подобри постоечкиот бизнис, како што е и компанијата „Вивакс“.

„Конкретно со ИПАРД програмата македонските земјоделци, стопанство и институции имаат голема поддршка од европските партнери. И тоа треба да го искористиме и да инвестираме повеќе, да станеме дополнително независни и самоодржливи во поглед на храна, енергија и економски развој“, рече Маричиќ.

Евроамбасадорот Дејвид Гир подвлече дека „Вивакс“ е уште еден пример за тоа како ЕУ помага да се направи промена овде, во Северна Македонија.

Тој истакна дека Северна Македонија е водечка земја во регионот во употребата на ИПАРД фондовите. Тој рече дека досега ЕУ има обезбедено некаде 223 милиони евра во рамките на ИПАРД-програмата и неодамна ја зголеми својата поддршка преку нова програма на ИПАРД која што е во вредност од 97 милиони евра.

ЕУ ги обезбедува овие фондови сѐ со цел да им помогне на самите земјоделци и на производителите на храна да растат и модернизираат, вели Гир, и како што рече, да станат поконкурентни во единствениот пазар на ЕУ, којшто претставува најуспешниот пазар на свет.

„Јас силно верувам дека за агробизнисот на оваа земја како клучен сектор којшто може исто така да има големи придобивки од овој нов предлог на ЕК за план за раст на Западен Балкан и се разбира тоа го правиме затоа што ние ги гледаме производителите на храна, како и земјоделците како се развиваат, како растат низ време како што стануваат лека полека дел од единствениот пазар на ЕУ, всушност како што сами се подготвуваат за процесот на пристапување во ЕУ„, рече евроамбасадорот Гир.