Како Њујорк вакцинираше шест милиони луѓе за помалку од еден месец
Кога во Менхетен пристигна еден единствен случај на мали сипаници во 1947 година, беше можна тешка епидемија. Одлучен државен службеник донесе смела одлука
На 1 март 1947 година, 47-годишниот американски бизнисмен, Јуџин Ле Бар, пристигна во Њујорк по долго возење со автобус од Мексико Сити. Тој беше на пат кон Мејн, но се чувствуваше болен и се пријави во хотел во Мидтаун со неговата сопруга. По разгледувањето на градот, тој се сруши во креветот, истоштен, со главоболка и болка во задниот дел на вратот.
До 5 март, г-дин Ле Бар беше во болницата „Белви“ со треска од 40,5 степени и осип со необичен изглед на лицето и рацете. Три дена подоцна, тој беше пренесен во „Вилард Паркер“, градската болница за заразни болести. Неговите лекари разгледале неколку дијагнози, ниту една дефинитивна. Бидејќи имал лузна од вакцинација, тие ги исклучија малите сипаници. На 10 март, г-дин Ле Бар беше мртов.
Наскоро, повеќе пациенти во „Вилард Паркер“ започнаа да покажуваат симптоми слични на оние на г-дин Ле Бар: прво, 22-месечно бебе од Бронкс по име Патриша, потоа 27-годишен маж од Харлем, Исмаел Акоста. Следеше 30-месечно дете, Џон. Лекарите помислиле дека гледаат варичела, но осипот на пациентите не одговарал на дијагнозата.
На 4 април дојдоа резултатите од лабораторијата на медицинското училиште на американската армија во Вашингтон. Сите три биле потврдени случаи на мали сипаници, кои не биле видени во Њујорк од пред војната. Здравствените власти започнаа да ги поврзуваат точките, а точките се вратија назад кај Јуџин Ле Бар, пациентот нула.
Градскиот комесар за здравство, Израел Вајнштајн, ја презеде работата 10 месеци порано. Тој беше дете од Менхетен кога епидемија на мали сипаници го клекна градот на колена во раните 1900-ти, убивајќи 720 жители на Њујорк за две години. Сега тој беше и лекар и научник; тој имаше докторати од Универзитетот на Њујорк и од „Колумбија“.
Малите сипаници го мачеа човештвото илјадници години. Според Светската здравствена организација, тие однесоа животи на 300 милиони луѓе само во 20. век.
Сè што е потребно за ширење на сипаници е кашлица, кивање или допир. После тоа, прашање на денови е кога вирусот ќе предизвика треска, болки и гадење. Осип се појавува на лицето и наскоро го покрива телото, никнува во пустули исполнети со течност. Три од 10 случаи се фатални. Оние што преживуваат честопати остануваат со длабоки лузни, слепи или со обете.
„Во пантеонот на заразни болести, сипаниците се наоѓаат во првите пет“, вели д-р Чарлс Димаџио, професор по хирургија и здравје на население во Медицинскиот факултет „Гросман“. „Беше застрашувачки затоа што ги обезличуваше луѓето што не ги убиваше и убиваше неселективно“.
Благодарение на вакцината развиена кон крајот на 1700-тите и рафинирана во децениите што следеа, општо беа запрени епидемии од мали сипаници.
Во 1980 година, Светската здравствена организација официјално ги прогласи малите сипаници за искоренети.
„Програмата за искоренување на малите сипаници апсолутно се смета за едно од крунските достигнувања на глобалното јавно здравје“, рече д-р Димаџио. „И никогаш не е повторена. Самата идеја дека е искоренета болест – болест што го уништуваше човештвото со милениуми – е извонредна. А, причината што успеавме да го сториме тоа е поради вакцинациите“.
Во 1947 година, повеќето жители на Њујорк биле инокулирани против сипаници. Им беше кажано дека инокулацијата ќе ги заштити за цел живот – но немаше гаранција. Во некои случаи, вакцината не била успешна. Во други, имунитетот исчезна. Г-н Ле Бар беше доказ за тоа.
Д-р Вајнштајн требаше да донесе некои тешки одлуки.
Резултатите од лабораторијата стигнаа до него на Велипеток, на 4 април. За два дена, жителите на Њујорк ќе се собереа на годишната Велигденска парада во градот. Само еден од нив да има вариола, дури и меѓу вакцинирана популација, како заразата може да биде катастрофална.
Доктор Вајнштајн не губеше време. Знаејќи дека има само еден начин да се справи со вирусот – вакцинацијата – тој презеде акција. Во 2 часот тој ден, Вашјнштајн одржа прес-конференција, повикувајќи ги сите жители на градот веднаш да се вакцинираат, дури и ако биле инокулирани како деца. Повторни вакцинации беа неопходни, рече тој, во случај луѓето да го изгубат имунитетот.
Тешко дека тоа беше без ризик. Не само што објавувањето можеше да предизвика масовна хистерија, туку и во 1947 година, вакцините не беа тестирани како што се денес. Вакцината достапна во тоа време може да предизвика ретки, но опасни несакани ефекти, особено кај луѓе со ослабен имунолошки систем или со одредени кожни заболувања.
Според д-р Дејвид Ошински, професор по медицина од Универзитетот од Њујорк, д-р Вајнштајн дејствувал во согласност со научното знаење од ерата. Тој го направи вистинскиот потег, а тоа беше да вакцинира што повеќе луѓе.
Д-р Маркел се согласува. „Вајнштајн си ја вршеше својата работа најдобро што можеше“, рече тој. „Ризикот од ширење на сипаници и предизвикување болести и смрт беше далеку, далеку поголем од малиот ризик од заболување од енцефалитис или умирање од вакцината. Значи, јас не сакам да го погребам Вајнштајн, туку да го фалам“.
Во серија дневни радио обраќања, д-р Вајнштајн се фокусираше на транспарентноста и постојаната порака. Вакцината, рече тој, е бесплатна и според неговите зборови нема „апсолутно никакво оправдување за некој да остане незаштитен“. Со мирен, јасен глас, тој ја промовираше акцијата што се појавуваше на постерите низ градот: „Биди сигурен. Биди безбеден. Вакцинирајте се!“
„Првото нешто што го направи беше да се израмни со јавноста“, рече д-р Ошински. „Тој им рече дека малите сипаници пристигнале во градот и дека е можно да има ширење – и дека станува збор за исклучително заразна и опасна болест. И тој рече: ‘Ќе обезбедиме доволно шишенца со вакцини за ефикасно да го заштитиме градот’“.
Но, општинските залихи ни оддалеку не беа доволни за да се вакцинираат сите 7,8 милиони жители на градот.
Со целосна соработка на градоначалникот Вилијам О’Дваер, д-р Вајнштајн обезбеди 250.000 единици вакцини од поморското складиште за медицински материјали во Бруклин. Имаше пренесени 780.000 дози од воените бази во Калифорнија и Мисури. Купи дополнителни два милиони од приватни производители, а потоа нарача и уште повеќе.
Тој го насочи своето биро за лаборатории да ги претвори неговите најголеми залихи во единици со една доза и започна програма за пронаоѓање и лоцирање и вакцинирање на оние кои биле во контакт со жртвите.
Вакцинирањето беше неверојатно брзо и некомплицирано, и тоа е она што речиси сигурно не може да се случи денес.
„Во 1947 година градот беше во можност да дејствува сам, наспроти навигацијата во комплицирани односи со гувернерот на Њујорк и федералната влада“, нагласува д-р Ирвин Редленер, директор на Иницијативата за пандемски ресурси и одговор при Институтот за Земјата на универзитетот Колумбија . „Градот можеше да каже: ‘Одиме да го решиме ова’“.
Отпрвин, одговорот на јавноста беше слаб. Неделата на Велигден се покажа изненадувачки топла и сончева – температурата достигна рекордни 26 степени – а повеќе од еден милион жители на Њујорк излегоа на парадата. Тој викенд само 527 лица побарале вакцини. Но, неколку дена подоцна, кога се појави веста дека сопругата на Исмаел Акоста, Кармен, починала од сипаници и дека биле откриени уште три случаи, луѓето се премислија – и, како што се случи, се смени и времето.
Њујорчаните наскоро стоеја со часови, често под студен дожд, надвор од јавните и приватните болници, клиниките и полициските станици, чекајќи да ги добијат своите инокулации. За нив вакцинациите не беа ништо ново. Многумина служе како војници во Втората светска војна; тие биа вакцинирани против низа вируси и ги сметаа инокулациите како нешто нормално. Покрај тоа, не постоење денешното движење против вакцинација.
Д-р Ошински, кој ја напиша книгата „Полио: Американска приказна“, за која доби Пулицерова награда, нуди уште една причина. „Ова беше врвот на детската парализа во САД“, рече тој. „Луѓето имаа многу подобро чувство за влијанието на заразните болести. Тие го гледаа тоа цело време и со право се плашеа. Но, тие исто така беа оптимисти дека медицинската наука може да победи. Во 1947 година, имаше огромна верба во медицинската заедница, за разлика од денес“.
Пред камерите на медиумите д-р Вајнштајн го вакцинираше градоначалникот О’Дваер, кој веќе беше инокулиран четири пати во Армијата. Претседателот Хари Труман исто така презеде акција. Неговата посета на Њујорк на 21 април беше придружена со новински извештаи дека и тој го засукал ракавот.
„На денешен народен јазик, О’Дваер и Труман беа инфлуенсери“, рече Лиса Шерман, претседател на Советот за реклами, непрофитната група која работи на кампања за вакцините Ковид-19. „Тие може да доставуваат важни информации што луѓето сакаа да ги слушнат. Тие беа доверливи гласници“.
Одговорот беше толку голем што градот прими илјадници цивилни доброволци за да помогнат во инокулациите. Вооружени со шишенца со вакцини, волонтерите, заедно со професионалните даватели на здравствени услуги, администрирале дури осум дози во минута. Поминувајќи низ секое училиште во градот, тие инокулираа 889.000 ученици. Во првите две недели, пет милиони жители на Њујорк беа вакцинирани против сипаници.
До средината на април, залихите во градот беа скоро исцрпени. Градоначалникот О’Дваер свика итен состанок на претставници на фармацевтски компании и им се закани со јавен презир доколку не ја зголемат испораката. За 48 часа пристигнаа уште милион дози.
На почетокот на мај, 10 недели откако Јуџин Ле Бар излета од автобус во Менхетен, д-р Вајнштајн објави дека опасноста поминала.
Подоцна истата година, тој го сумираше случајот во „Американскиот журнал за јавно здравје“. „За помалку од еден месец, 6.350.000 луѓе беа вакцинирани во Њујорк“, напиша тој. „Никогаш порано не биле вакцинирани толку многу луѓе во таков град и со толку кратко известување“.
Конечниот биланс беше 12 инфекции и два смртни случаи.
„Она што го направи д-р Вајнштајн во 1947 година е нешто за што сè уште учиме и се повикуваме“, рече д-р Маркел. „Фактот дека тие развиле логистика – испорака на вакцини, големи јавни простории каде што луѓето можеле да се редат за да бидат вакцинирани, работна сила во форма на медицински сестри и лекари кои би ја дале вакцината – е прилично неверојатен. Вајнштајн треба да ги добие сите пофалби“.
„Ова се издвојува како извонредно достигнување според која било мерка“, рече д-р Димаџио. „Тоа беше триумф во јавното здравство“.
Д-р Вајнштајн се повлече од функцијата во ноември 1947 година, седум месеци по избувнувањето на малите сипаници. Зад себе остави печат како да се запре заразна болест во голем, густ град.
Но, овој пат, со пандемијата на корона вирусот, Њујорк се соочува со логистичка пречка. Експертите за заразни болести укажуваат на издвојување на јавната здравствена инфраструктура – не само во градот, туку и низ целата земја. Сепак, тие веруваат дека најголемата пречка не е дистрибуција, туку недовербата на јавноста кон владата, науката и медиумите.
„Имаме проблем со пораките“, рече д-р Редленер. „Научивме дека политиката е отров за јавната здравствена иницијатива, особено во време на криза. Искреноста и директните, јасни пораки се апсолутно критични“.
Во 1947 година, д-р Вајнштајн беше единствениот глас со мегафон. Тој зборуваше и луѓето слушаа. (Њујорк тајмс)