Како „Мал битолски Монмартр“ ја пречекори ликовната граница и премина во политиката

Деца од Битола беа однесени во Бугарија кај царот Симеон Втори и кај претседателот Румен Радев, кој им зборуваше за „милениумска заедничка историја и култура“


Битолските деца кај претседателот Румен Радев на почетокот на јули 2023

 

БИТОЛА – Кој е Славчо Неделковски, битолчанецот кој децата од „Малиот битолски Монмартр“ само во последната година ги однесе во Бугарија на средби со царот Симеон Втори и претседателот Румен Радев. Неделковски од пред неполни две години е претседател на УО на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ од Битола, откако почина творецот на „Мал битолски Монмартр“ Коста Хаџи-Антоновски. Неделковски заедно со ќерката на Хаџи-Антоновски, Елена, сега го водат Детското ликовно студио и ги организираат „Мал битолски Монмартр“ и Светската детска ликовна изложба – „Битола“.

Неделковски на социјалните мрежи се „расфрла“ со прилично впечатлива биографија, дури и спектакуларна, во делот на образованието и работните задачи што ги извршува.

Така на LinkedIn, платформата за социјални медиуми фокусирана на бизнис и вработување, Неделковски пишува дека, ни повеќе ни помалку, тој е советник за надворешни работи во Стејт департментот на САД веќе 13 години и седум месеци!?. Во американската амбасада во Скопје немаат информации дека личност со такво име и презиме работи како советник во Стејт департментот.

Во информациите за неговата едукација стои дека студирал осум години психологија и управување со човечки ресурси во јавна администрација на Универзитетот Стенфорд во Калифорнија, од 2000 до 2008. Исто така, пишува дека во истите тие години студирал и политички науки и безбедност на владини системи на Стенфорд.

Во разговор со нашиот дописник од Битола, Неделковски вели дека бил „политиколог по струка“, за најпосле да каже дека ништо од тоа што е напишано не е негово официјално образование. Неделковски вели дека на социјалните мрежи секој може да напише што сака.

„Ќе разговараме кој сум јас. Ќе разговараме кога ќе средам овде каде што седам на местото. На Фејсбук, на социјални мрежи, многу јаки работи“, одговара Неделковски за „Независен“  и го блокира нашиот пристап на неговиот профил на LinkedIn. Прашан зошто го направил тоа, тој само се заблагодари што сме се сретнале претходниот ден.

Она што боди очи во последните гостувања во Бугарија на Неделковски и Хаџи-Антоновска со децата од „Мал битолски Монмартр“, е што во јавноста се пласираат многу фотографии од нашите деца со бугарските политичари што го отвора прашањето дали има злоупотреба на децата во политички цели? Лани наши деца се сликаа со бугарскиот цар Симеон Втори (кога јавноста беше разбранувана од отворањето на бугарските клубови во Македонија), а сега и со претседателот Румен Радев.    

На LinkedIn, Славчо Неделковски, кој сега го раководи „Мал битолски Монмартр“ пишува дека тој е советник за надворешни работи во Стејт департментот на САД веќе 13 години и седум месеци. И дека завршил два факултети на Универзитетот Стенфорд во Калифорнија

Така, минатата недела (од 03 – 08 jули), кога 15 деца од Битола кои членуваат во ДЛС „Свети Кирил и Методиј“ од Битола беа во Софија, Бугарија  на покана на (новиот финансиер на „Битолски Монмартр“) Фондацијата „Бугарска меморија“ на бугарскиот бизнисмен Милен Врабевски како дел од второто издание на „Мал Монмартр во Софија”, во јавноста, во македонските и бугарските медиуми и на социјалните мрежи излегоа фотографии од македонските деца со бугарскиот претседател Радев. Едно од децата со кое се сликал Радев има 9 години, информација објавена во битолски портал. Претседателот на Бугарија според веста која ја објави државната агенција МИА, а ја презела од бугарската БТА, децата од „Битолски Монмартр“ кај Радев биле еден час. Според соопштението од кабинетот на претседателот Радев, тој се сликал со децата, им читал извадоци од книгата „Малиот принц“ на Антоан Сент Егзипери, за после тоа книгата да му ја подари на најмладиот уметник од Битола.

„Многу ми е драго што денес можам да ве примам вас, млади луѓе без никаков страв, без никакви предрасуди. Силно верувам дека примерот што го давате ќе го следат и политичарите од двете страни – да заборават на стравот, да ги заборават предрасудите, да направат она што нѐ поврзува – нашата заедничка милениумска историја – да биде мост, а не да нѐ разделува, и тоа токму во името на нашата заедничка европска иднина“, им рекол Радев на децата. 

„Сакам да ве уверам, особено нашите гости од Северна Македонија, дека бугарската држава подава рака за искрено пријателство со нашите браќа и сестри од Северна Македонија. Верувам дека и оваа рака ќе биде примена на чесен начин, за во иднина да се отстранат сите пречки – било физички граници или предрасуди – за да можеме навистина да ја изградиме нашата заедничка иднина“, додал Радев пред децата.

За Неделковски нема ништо спорно во гостувањето и јавно објавените заеднички фотографии на малолетните деца од Битола со челниците на бугарската држава, или со кои било други политичари, со оглед на тоа што последниот период патувале и во други европски земји.

„Децата 42 години се сликаат со носители на јавна позиција. Децата се сликаа со генералниот секретар на НАТО во Охрид 2003 година, во присуство на Коста Хаџи-Антоновски. Во Евора, нас нѐ пречека градоначалникот. Јас не ве разбирам каде е проблемот со Бугарија? Каде и да одиме нас нѐ пречекуваат официјални претставници на државата или на органи на државата. Многу нормално“, вели Неделковски во разговор за „Независен“.

Децата од Битола, членови на Детското ликовно студио, според Неделковски во странство патуваат со потпишани и заверени изјави на родителите на нотар. Меѓутоа во тие изјави не стои дека децата може да се сликаат, да се снимаат и да се прикажуваат јавно во присуство на политичари.

Во изјава потпишана и заверена на нотар од Битола, што Неделковски ни ја покажа и ни дозволи да ја фотографираме, родителите се изјаснуваат дека се согласуваат нивното дете да патува во странство во последниот случај во Бугарија, и толку.  

„Како родител на малолетно дете… изјавуваме дека  се согласуваме нашата малолетна ќерка да патува во странство-Бугарија, без наше присуство, а во придружба на лицето Елена Хаџи-Антоновска од Битола… во период од 01.07.2023 до 10.07.2023 за учество на детска ликовна колонија ‘Мал Монмартр Софија’, Република Бугарија како член на детското ликовно студио ‘Свети Кирил и Методиј’ Битола. Изјавата ја даваме слободно, неприсилени од никого со цел истата да послужи за патување во странство“, стои во текстот на изјавата.

Бугарскиот бизнисмен Милен Врабевски, кој сега е главен финансиер на „Мал битолски Монмартр“, за време на посетата на ликовното студио во Битола

На ова Неделковски вели дека „политичка злоупотреба на дете е многу моќен збор и треба да се докаже“. За снимените видеа со децата Неделковски смета дека „изјавите се во контекст на настанот, на проектот, нема дете со политичка изјава, ние немаме политичка изјава“.

„Ако имаше политичка злоупотреба на децата најверојатно мене и Елена од Делчево, ќе нѐ собереше полиција и ќе не однесеше во Скопје. Ние интервениравме кај Јавниот правобранител и во Првата детска амбасада ‘Меѓаши’, не пронајдоа елементи ни за одбрана, ни за пасивизација на случајот, бидејќи сметам дека политичка злоупотреба на дете е многу моќен збор и треба да се докаже“, наведува Неделковски и потенцира „ние имаме изјава од родител дека смееме со детето да правиме што сакаме, во границите на нивната дозвола“.

Родител од Битола, чие дете, како што вели, до неодамна членуваше во Детското ликовно студио, а чиј идентитет е познат на редакцијата на „Независен“, вели дека токму оваа „политизација“ и збиднувањата што се случуваат на релација „Битолски Монмартр“ – Бугарија во последниот период било причина, неговото дете и уште неколку други, кои години наназад биле дел, да се повлечат од активностите на студиото.

„Не, не потпишуваме никаква изјава дека детето може да ни се слика со политичари. Ние само даваме согласност на нотар дека имаат дозвола да ја поминат границата. Повеќе деца прекинаа да одат, не само моето. На пример отидоа во Брисел, во Европскиот парламент и на децата им се обратиле европратеници. Дали беа бугарски? – детето не знае да каже, им зборувале нешто, но зошто сето тоа? Покрај нашите деца, без да ни кажат претходно, вклучиле и деца од Бугарија. Така, неколку деца токму заради мешањето на Детското ликовно студио со политика си заминаа“, вели родител со кој разговараше „Независен“. 

Децата од „Битолски Монмартр“ во неколку наврати биле и во грчкиот и бугарскиот конзулат во Битола. Фотографиите на децата со грчкиот конзул во Битола, Александрос Видоурис се јавно објавени, од внатре од конзулатот и тие од влезните скали од конзулатот.   

Лани во декември во објектот на Конзулатот беа изложени ликовни дела од Светската детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“, а конзулот Видоурис беше и во посета на студиото.