Како ќе се селат административците во приватниот сектор


Најавата за трансфер на вработени од јавниот во приватниот сектор отвори писмена пресписка меѓу Сојузот на стопански комори и Министерството за информатичко општество и администрација.

Споре ССК треба да се посвети поголемо внимание како ќе се прецизираат критериумите за овие лица, дали анализите кои се прават прецизно ќе утврдат какво образование и вештини поседуваат, како би биле атрактивни за премин во приватниот сектор. Приватниот сектор, велат од ССК, со оглед на континуираниот одлив на квалификувана работна сила со кој се соочува, активно бара на пазарот на труд лица со дефицитарни и специфични занимања, пред се од техничките и строго специјализирани струки.

„Деновиве се погласно се зборува за идната имплементација на моделот за премин на вработените од јавната администрација во приватниот сектор, кој е најавуван од Министерството за информатичко општество и администрација. Овој процес за кој е неопходна сеопфатна анализа и сериозни преговори, го отпочна ресорното министерство, кое во изминатата година покажа подготвеност за  дијалог и соработка  со деловната заедница, земајќи го предвид интегрирањето на дел од нашите забелешки за измени на законски решенија во негова надлежност“, велат од ССК.

Според претседателката Даниела Арсовска се отвораат низа важни прашања, како ќе се одвива самиот процес во моделот на премин од јавен сектор во приватен,  кој за прв пат ќе се применува во земјава, дали ќе биде овозможена извесна доквалификација или преквалификацијата на овие кадри и кој ќе го изврши истото, колку време би траел тој процес на адаптација за ново работно место и кој би бил очекуваниот степен на продуктивност по преквалификација за оние работни места за кои приватниот сектор има потреба.

Согласно анализите, со исклучок на одредени сектори како ИТ и енергетскиот сектор, платите во јавната администрација се во просек повисоки во споредба со платите во приватниот сектор, што креира дисторзија во перцепцијата за атрактивност на работните позиции.

„Затоа можеби и треба да се запрашаме дали ќе успее моделот од аспект на тоа дали вработените од јавната администрација воопшто ќе сакаат да преминат во приватниот сектор. Тука клучна улога ќе имаат и синдикатите кои ги застапуваат правата на работниците од управата, со кои е потребно темелно да се разговара за тоа кои се нивните ставови по овие важни прашања кои се отвораат“, потенцира Арсовска.

Во однос на дилемите поврзани со трансферот на вработените од јавниот во приватниот сектор, концептот за превземање е предмет на консултации и анализи заедно со бизнис секторот, синдикатите, а ќе биде консултиран и со вработените во јавниот сектор, реагира Министерството за информатичко општество и администрација на соопштението на Сојузот на стопански комори.

„На првиот состанок на оваа тема, МИОА ги повика претставниците на сите стопански комомри во земјата, а свои високи претставници на состанокот имаше и Сојузот на стопански комори. На состанокот се разговараше за голем дел на отворени прашања и дилеми, а претставниците на ССК ја поддржаа идејата и покажаа спремност да бидат вклучени во дефинирањето на концептот, условите, начинот на превземање“, се вели во соопштението од МИОА.

МИОА, додаваат, го прифаќа испраќањето на соопштенија до јавноста како легитимен начин на размена на ставови и дилеми, но нагласуваат дека нивен принцип на работа е и ќе продолжи да биде отворената и дирекна комуикација преку јавни расправи со сите засегнати страни.

„Трансферот на вработеите од јавен во приватен сектор е нов концепт во Северна Македонија, и секако дека има голем дел на отворени прашања и дилеми, кои за да се затворат неопходни се конструктивни предлози од сите засегнати страни. Свесни сме дека моменталната состојба со работната сила и во двата сектори е неодржлива, и одлучни сме тоа да го промениме со заеднички сили и заедничка работа“, се вели во реакцијата на МИОА.