Како ќе изгледаат првите 100 дена на роверот на НАСА на Марс


Роверот „Упорност“ (Perseverance) на НАСА успешно слета на површината на Марс, со што ја започна историската мисија да бара древен микробиолошки живот.
Роверот, тежок 1.025 килограми, ќе се напојува со помош на радиоизотопски термоелектричен генератор кој содржи речиси 5 кг плутониум диоксид како извор на топлина за производство на електрична енергија.
Иако тежи над еден тон на Земјата, ќе биде многу полесен на црвената планета поради послабата гравитација: ќе тежи како да има 393 килограми.
Неговата мисија треба да трае една Марсовска година, или две Земјини години, а распоредот му е веќе целосно исполнет. Иако целите може да се променат за време на мисијата во зависност од наодите, теренот и од други фактори, научниците веќе рамковно утврдија како ќе изгледаат неговите први 100 дена на Марс.
(Забелешка: еден ден на Марс е околу 40 минути подолг од еден ден на Земјата)

NASA objavila spektakularnu fotografiju slijetanja rovera na Mars

ДЕН: 1 – 10
По успешното слетување, „Упорност“ најпрво се ослободи од капаците на камерите и ги сними првите неколку фотографии од површината на црвената планета кои ги испрати на Земјата.
Потоа, малку се смири за „да ги наполни батериите до следниот ден на Марс“, вели Џенифер Троспер, заменик-менаџер на проектот на мисијата на НАСА „Марс 2020“.
„Во текот на следните неколку дена, роверот ќе изврши серија важни задачи за да потврди дека сите негови системи се оперативни. Тој ќе ја одреди неговата точна позиција на Марс, а тимот на Земјата ќе се обиде да ги придвижи неговите основни функции – напојувае, греење и комуникација. Тоа е важна проверка затоа што ако некоја од овие функции не работи, проблемите можат да се појават многу брзо“, рече Троспер.

„’Упорност’ ќе ја искористи позицијата на Сонцето на небото за да се обиде да ја лоцира Земјата за да воспостави директна комуникација и да ги провери сите инструменти и системи. За време на овие проверки, ќе продолжи со снимање и фотографиите ќе ги испраќа на Земјата. Ќе ни бидат потребни околу четири или пет дена за да се стори сето ова. Потоа во следните пет дена, роверот ќе го следи процесот на префрлување од софтверот што се користеше при слетувањето на оној што е потребен за истражување на планетата. Потоа ќе ја тестира својата роботска рака и ќе ги направи првите ‘чекори’, односно првото кратко возење“, додаде таа.

ДЕН: 11 – 60
Во роверот има мал додаток – беспилотното летало – дрон, Ingenuity (Генијалност) . Овој хеликоптер со четири пропелари ќе се обиде да го изврши првиот лет во историјата над површината на друга планета. Тоа е всушност технолошка демонстрација која ќе биде вовед во идните мисии со беспилотни летала.
Доколку експериментите се успешни, во идните мисии ќе може да се користат хеликоптери за извидување и за теренски истражувања, пишува „Сајантифик Американ“.

Роверот најпрво ќе најде соодветен, рамен терен, а потоа полека ќе го извлече дронот од внатрешноста. Ingenuity ќе ги отвори нозете со помош на пружини и ќе се наполни уште еднаш од роверот пред да се одвои и да се префрли на сопствената батерија на соларен погон.
Тогаш роверот, откако ќе ги заврши сите проверки, полека ќе го спушти дронот до површината.
„Целата оваа постапка, во теорија, може да трае само неколку минути, освен за полнење на батеријата. Но, експертите ќе го спроведат овој процес многу внимателно и ќе го снимат со камери, што значи дека оваа постапка може да трае една недела”, објасни инженерот Џошуа Равич, водач на тимот кој стои зад малиот хеликоптер.
Потоа следува мисијата на самиот дрон. Ingenuity ќе се обиде да изврши до пет автономни летови на Марс во период од 30 дена, секој од нив ќе трае до 90 секунди. Првите летови ќе бидат ниски и ќе траат пократко, а потоа ќе траат подолго на поголема височина. Научниците веруваат дека дронот на крајот би можел да помине неколку стотици метри.
Дневно ќе му биде дозволено да изврши само еден лет, со цел во другиот дел од денот да се полни.

ДЕН: 60 – 100
Кога ќе завршат тест-летовите со беспилотното летало, без разлика дали се завршени пет летови или завршил 30-дневниот период, започнува втората фаза на мисијата, што е всушност примарна – научно истражување.
„Кога ќе заврши мисијата на ‘Генијалност’, нашите научни инструменти ќе бидат активни. Инженерите потоа ќе ги предадат клучевите на роверот на научниот тим”, изјави планетарниот научник Кети Стак Морган, заменик-шеф на научниот тим на мисијата „Марс 2020“.


Експертите веќе добија идеја каде прво да го испратат роверот.
„Изборот на локации зависи од местото на слетување. Претпоставувам дека прво ќе ја истражиме почвата на кратерот и потоа ќе ја проучиме делтата на древнатта река. Почвата на кратерот може да се состои од вулканска карпа и тие се погодни за одредување на возраста и може да ни дадат временска рамка за примероците што подоцна ќе ги собере роверот“, вели Морган.
„Упорност“ потоа ќе ги земе првите примероци од Марс и ќе ги чува во цевка со големина на пура. Потоа таа ќе биде оставена на површината за да можат идните мисии да ја земат и да ја вратат на Земјата.
Во овој период, инструментот MOXIE на роверот, кој би требало да произведува кислород, исто така треба да започне со работа.
„Новиот ровер има уред за производство на кислород од јаглерод диоксид што сочинува околу 95 проценти од атмосферата на Марс. Ќе може да произведува околу 10 грама кислород на час. Тоа би било доволно за едно куче да може да дише. Во иднина, ваквите уреди ќе бидат многу помоќни за да им овозможат на астронаутите да ги користат за дишење. Таков кислород може да се користи и како оксидатор за вселенско летало што се враќа на Земјата “, изјави за Индекс експертот за вселенски летови Анте Радониќ.
Покрај MOXIE, треба да започне да работи и RIMFAX, уред што со помош на радар ќе бара замрзната вода под површината на црвената планета. По првите 100 дена на Марс (можеби пократко или подолго, во зависност од брзината на остварување на разните подзадачи), роверот некаде во јуни годинава треба да започне со највозбудливиот дел од оваа мисија – потрага по докази или остатоци од древен живот на Марс. (Индекс.хр)