„Како ја убив Вера и како таа повторно се роди“ на Оливера Андоноска за скриените вистини на животот
Неодамна беше промовирана збирката раскази „Како ја убив Вера и како таа повторно се роди“ од Оливера Андоноска. Од аспект на структурата, станува збор за седум долги раскази (за неименуваните машки ликови и уште повеќе за Вера, Хелга, Вита, Мира, Калина…) и шест кратки, кои повеќе наликуваат на документаристички слатко-горки исечоци од реалноста. Затоа што пообемните наративи без заобиколување се соочуваат со сите мачни чувства, со најголемите стравови, болки, трауми, фрустрации, напластени желби и сеќавања, со мрачната страна на човекот, кои долго биле избегнувани, забошотувани, погрешно именувани, но сега ги стигнуваат ликовите во сета своја сила и честопати ги доведуваат до самиот ѕид.
Во рецензијата за книгата „Како да не се убие краткиот расказ: максимална историја во минимална должина“, Звонко Димоски пишува дека со оваа збирка Андоноска не само што создава убави раскази туку и ги предизвикува стереотипите и очекувањата во литературата.
„Андоноска ја покажува својата умешност во пишувањето со прецизноста на јазикот и суптилноста во мисловните и дејствените промени, кои, меѓу другото, го привлекуваат и задржуваат вниманието на читателите во секоја расказна нишка. Нејзината способност да ја ткае вистинската магија преку зборовите, да ги оживее ликовите и да ги внесе читателите во неочекувани светови е вистинскиот печат на нејзиното растење како авторка. Споменатата вештина не е заснована само во изборот на тематските инспирации и комплексните ликови во расказите туку и во нејзината способност да меша жанрови и да ги најави на нови начини, што секако дека додава дополнителна димензија на нејзиното пишување. Поголемиот дел од расказите во „Како ја убив Вера…“ нудат дуално искуство на бизарното и она што може да биде препознаено како интимно, често доловено преку ликови втурнати во нагли трансформации и скоро секогаш по свој избор. Приказните на Андоноска се концизни, интензивни, исполнети со хумор, којшто истовремено е болен и вознемирувачки, но и неверојатно искрен. Овие интелигентни и духовити наративи во форма на кратки епизоди, снимки, или флешбекови со кои се почестени читателите, всушност, служат како медиуми за откривање на скриените вистини на животот. Како и најдобрите писатели, за да го постигне тоа, Андоноска вешто ги балансира веселоста и маката, растењето и стареењето, центарот и периферијата итн. за да ја поддржи суштината на своите приказни“, пишува Димоски.
Андоноска е авторка на три сценарија за краткометражни филмови, како и на детските илустрирани приказни „Сонцето и Кралицата на темнината“ и „Ана и нејзиниот велосипед го спасуваат градот“.
Збирката раскази „Како ја убив Вера и како таа повторно се роди“ е издадена со поддршка на Министерството за култура. Даниела Дунимаглоска-Настоска се потпишува на дизајнот на корицата.
Книгата може да се најде во книжарницата „Или-или“.