Како изгледаат училиштата и градинките без деца (Галерија)


Фото: Б. Грданоски

Средните и основните училишта како и градинките денес осамнаа без детскиот џагор, откако Владата вчера одлучи наставата да се прекине во наредните 14 дена, како една од мерките за сузбивање на опасноста од ширење на крона вирусот.

Илјадници деца во следните две недели, наместо да ја посетуваат наставата, ќе останат дома. Заедно со децата дома останаа и некои од родителите, бидејќи мерките на Владата предвидуваат еден родител на деца до 10 години да може да отсуствува од работа и тоа ќе му биде целосно платено.

Од Владата апелираат двонеделната пауза да не се претвори во масовно одење по игротеки, како што беше случајот при претходните појави на морбили на пример и посочуваат дека според постоечките законски прописи во игротека може да се престојува еден до два часа.

Паузата во наставно-образовниот процес го наметна и прашањето за траењето на учебната година и нејзино евентуално пролонгирање. Во случај да дојде до продолжување на четиринаесетдневното затворање на воспитно образовните институции, од Владата велат дека школската година може да се организира со скратена наставна програма ако има потреба.

Сега не се организира само наставата, а наставниот кадар ќе доаѓа на работа само за потпис, одржување состаноци и други тековни работи. Во однос на хигиената имаат јасна препорака дека треба да бидат внимателни.

Мерките на владата се однесуваат и на двонеделен прекин и на сите воншколски активности и дополнителни програми како што се курсеви за странски јазици и слично.

Инаку, според последните достапни податоци на Државниот завод за статистика, на почетокот на учебната 2018/2019 година биле запишани 188.102 ученици во редовните основни училишта изнесувал, а во редовните средни училишта 71.650 ученици.

Во истата учебна година имало 987 редовни основни училишта и 132 средни училишта. Во основните редовни училишта биле вработени 18.272 наставници, а во средните 7.479 наставници.

Мерките за прекин на наставата се однесуваат и на факултетите. Тоа значи дека и студентите во наредните 14 дена нема да ја посетуваат наставата. Според Статистиката, во академската 2018/2019 година на високите стручни школи и на факултетите во прв циклус на студии биле запишани вкупно 53.677 студенти, од кои 56,6 отсто или 30.352 биле студентки.

Фото: Борис Грданоски