Како изгледа првиот кружен тек на дното на Атлантскиот океан (видео)

По три години, завршени се работите на првиот подводен кружен тек на дното на северниот Атлантски Океан, како дел од изградбата на тунел долг 11 километри под дното што поврзува два од 18-те Фарски острови.

Кружниот тек наскоро ќе биде пуштен во употреба и не само што ќе се користи за сообраќај, туку и необичниот инженерски потфат е украсен со инсталација од локалниот уметник Трондур Патурсон. Инсталацијата ќе се состои од скулптури и светлосни ефекти, пренесува BIZlife.

Во својот најдлабок дел, тунелот „Ејстуројар“ лежи на 189 метри под површината на океанот.

Во 2014 година, парламентот на Фарските Острови ги одобри плановите за изградба на тунел што ќе го поврзува главниот град Торшавн со две места на островот Ејстуројар – Рунавик и Стендур.

Тунелот ќе го скрати растојанието помеѓу Торшавн, кој се наоѓа на најголемиот и најнаселен остров Стрејмор, со две села на островот Ејстуројар од 55 на 17 километри. Времето на патување ќе се скрати од еден час на 16 минути.

Оние што го користат тунелот ќе треба да платат патарина, што иззнесува 75 дански круни (околу 10 евра) во еден правец.

Вториот тунел е исто така во изградба и ќе ги поврзе островите Стрејмо и Сандој.

Тунелскиот систем е најголемиот инфраструктурен проект во историјата на Фарските Острови и се планира да заврши до 2024 година.

Вредноста на работите на двата тунела се проценува на 265 милиони долари.

Работите на тунелот кон Ејстуројар се планираше да завршат до почетокот на 2021 година, но тие беа завршени пред крајниот рок, па затоа ќе биде отворен на 19 декември, откако ќе се спроведат сите безбедносни проверки.