Како изгледа патувањето во ЕУ за време на пандемијата: Првата пречка е пред Унгарија, „пекол“ на влезот во Австрија
Пандемијата со корона вирусот де факто ја укина слободата на патување во рамките на ЕУ, а таквата состојба трае веќе повеќе од една година, а поради несогласување околу идните правила, се заканува да се продолжи и наредното лето.
Се чини, слободата на патување во ЕУ во моментов постои само за камионите, додека за патничките возила има низа пречки, јавува Танјуг.
Додека членките на ЕУ размислуваат за воведување на сертификат, или таканаречен „Зелен пасош“, со кој се настојува да се врати слободата на патување по напредокот во вакцинирањето на граѓаните, патувањето со автомобил до западните членки на ЕУ и натаму е многу тешко .
Така, патувањето од Белград до Виена, кое вообичаено траеше до шест часа, сега е вистински „ужас“ поради строгите епидемиолошки правила за влез во Австрија, кои долго траат, па доколку патникот има „среќа“, патувањето сега е најмалку осум или десет часа, известува репортерот на Танјуг.
Како што пренесува „Блиц“, првата голема пречка е влегувањето во Унгарија, бидејќи унгарските цариници и граничарите го претставуваат првиот „филтер“ чија задача е да не дозволат да помине никој што нема право да влезе во Австрија и во другите западни земји.
Така, патниците честопати се враќаат од унгарската граница, доколку немаат престој во некоја од земјите на ЕУ каде што се упатиле, или писмо со покана или некој друг документ што може да ја докаже целта на патувањето, а што мора да се вклопи во корона правилата на тие земји.
Дури и пред пандемијата, на унгарската граница се губеше многу време поради строгите, се чини, прекумерни контроли, а сега треба да се смета на долго чекање дури и во периоди кога нема многу возила.
Кога оваа „пречка“ ќе се помине, на влезот во Австрија, ве чека вистински „пекол“, се вели во текстот.
Речиси секој ден, колоната со возила од Унгарија кон Австрија, на меѓународниот премин Никелсдорф, е долга неколку километри.

Патниците мора да сметаат на чекање од најмалку час и половина, ако имаат среќа, а ако не – повеќе од два и три часа.
Така било и утрово, кога колоната беше долга два километра и кога за влез во Австрија, се чекаше во две колони, повеќе од два часа.
Австриските војници, кои ѝ помагаат на полицијата, го запираат секое возило на преминот и бараат доказ за завршена електронска регистрација, како и негативен антиген тест или PCR.
Оние кои не ја пополниле електронската регистрација, мора да го сторат тоа на преминот.
Таквото запирање на секое возило, а меѓу нив има и бројни прекугранични работници, кои секојдневно ја поминуваат оваа постапка, е причина за огромен застој на патот.
Во исто време, товарниот сообраќај, откако ќе ја поминат границата за влез од трети земји во ЕУ, ужива целосна слобода на движење, бидејќи камионите, за разлика од патничките возила, ретко застануваат на внатрешните граници на ЕУ.
Така било и на преминот Никелсдорф, каде минуваа камиони, додека патничките возила стоеја со часови, пренесува „Блиц“.