Како и за што се договорија германските и полските историчари
Резултатот од нивната работа е извонреден. Издадени се четири тома за историјата од античко време до денес, според кои учат германските и полските учебници. Клучот за успехот во работата на историчарите е мултиперспективноста
Минатата сабота пишувавме за тоа како Германија и Полска преку историчарите почнаа да разговараат и објавуваат учебници за нивната меѓусебна долга, комплицирана и крвава историја. И како научниците успеаја да изградат мостови онаму каде што политичарите и војниците ги уриваа. И ја претставивме меѓусебната историја на двете држави и двата народи од 10. век до годините по Втората светска војна, која заврши со шест милиони жртви во Полска од нацистичката окупација и потоа протерување на осум милиони Германци од териториите кои ѝ беа доделени на полската држава по нејзиното поместување на запад.
Во Македонија многу политичари, поранешни дипломати, политички аналитичари, а многу малку историчари зборуваа за меѓусебната германско-полска историска комисија и за нејзината работа која трае со децении. Но не се зборуваше за она што таа го постигна.
Вистинскиот назив на оваа комисија на историчарите е „Заедничка германско-полска комисија за учебници“. Не за заедничко толкување на историјата, туку како двете држави може да произведат учебници за историјата, но и за географијата, според кои ќе се учи во основните училишта во двете држави. И тие успеаја да стигнат до таа цел. Досега се издадоа четири учебници, од предисторијата и античките времиња, па до денес.
Како дојде до неа?
Првиот состанок на германско-полската комисија за учебници (поттикнат од националните комисии на УНЕСКО од Западна Германија и Полска) се одржа во Варшава во февруари 1972 година, во присуство на историчари и експерти за географија од двете земји. Бидејќи Студената војна и недостатокот на дипломатски односи меѓу двете земји го направија официјалниот дијалог невозможен долги години, на оваа средба ѝ претходеа повеќегодишни неформални контакти и напори меѓу академиците.
Пионер на германско-полската дискусија за учебници во повоениот период беше професорот во гимназија во Олденбург, Ено Мeјер, кој бил војник во Вермахтот за време на Втората светска војна. По војната, искуствата на Мејер на Источниот фронт го убедија да ја истражува полската историја. Неговата цел беше да постигне најширока можна презентација на германско-полските теми во училишните книги без тие да имаат еднострана, национална перспектива. Мејер разговарал за своите размислувања со полски академици кои во тоа време живееле во егзил. Мeјер предупреди дека германските училишни учебници прекумерно го глорифицираат Тевтонскиот ред (за што пишувавме минатата сабота). Тој, исто така, истакна дека Германците се фокусирале на страдањата на еврејското население за време на Втората светска војна, притоа игнорирајќи ги неправдите нанесени на Полјаците и другите националности под германската окупација.
И покрај политиката на детант помеѓу двете земји, првиот состанок на германско-полската комисија за учебници, кој се одржа во Варшава во 1972 година, беше пречекан повеќе со интерес отколку со ентузијазам кај научниците кои се надеваа на брз договор за прашањата со голем влог.
Сепак, конференцијата заврши со објавување на 14 препораки за тоа како да се претстават германско-полските односи во учебниците по историја и географија. Само два месеци подоцна, вториот состанок на историчарите се одржа во Брауншвајг ово април 1972 година. Состанокот заврши со презентација на уште 17 експертски препораки за учебници. Научниците на конференцијата за учебници заклучија дека таа „се одржа во отворена, фактичка и научно стимулирачка атмосфера која го поттикна разбирањето“. Конференциите на Комисијата тогаш се одржуваа во редовни интервали, понекогаш четири пати годишно.
Во 1976 година, резултатите од комисијата за учебници беа објавени во двете земји, што предизвика многу контроверзии и дебати: работи како што е недостатокот на терминот „протерување“ во однос на Германците кои беа принудени по Втората светска војна да ги напуштат териториите каде што живееја. За да се заокружи проблемот, се користеа термини како „евакуација“, „присилно преместување“ и „депортација“. Еден од поголемите проблеми беше Германско-советскиот пакт за ненапаѓање (пактот Рибентроп-Молотов), бидејќи секое повикување на него (тајните клаузули предвидуваа поделба на Полска) би резултирало со остра реакција од Советскиот Сојуз што секако би ја довело работата на Комисијата до крај. Токму поради оваа причина, немаше информации за масакрот во Катин во 1940 година, кога илјадници полски офицери беа застрелани од членови на советската Народна комисија за внатрешни работи (НКВД). До 1990 година одговорноста за ова масовно убиство официјално им се припишуваше на Германците. Подоцна се обелодени кој го изврши масакрот. Така, имаше моменти кога политичката клима ги принудуваше академиците да ја остават настрана историската вистина и да бараат компромиси прифатени од комунистичките власти.
Политичките пресврти во 1989 година отворија нова димензија на академската работа. Резултатот беше дека активностите на Комисијата за учебници во 1990-тите сега се фокусираа на развојот на наставни материјали. Во 2006 година, тогашниот германски министер за надворешни работи, Франк-Валтер Штајнмаер, предложи изработка на заедничка германско-полска историска книга. Потоа беше свикана проектна група од академици и политичари од двете земји во мај 2008 година. Во 2012 година, издавачките куќи Eduversum од Визбаден и Wydawnictwa Szkolne i Pedagogiczne (WSiP) од Варшава се согласија да се приклучат на проектот.
Конечно, во јуни 2016 година, првиот том од заедничката германско-полска историска книга беше претставен во Берлин во гимназијата „Роберт Јунг“ во присуство на министрите за надворешни работи на двете земји, Франк-Валтер Штајнмаер и Витолд Вашчиковски. „Европа, нашата историја“ го опфаќа периодот од антиката до средниот век. Следејќи ја француско-германската книга за историја (2007), ова беше уште една публикација од две земји што ѝ овозможи на секоја држава да документира слични историски искуства од нивните различни гледишта и стилови.
Целта на Комисијата е да овозможи значаен и професионален дијалог за учебниците. Комисијата работи на тоа да обезбеди двата соседа праведно и соодветно да се претставуваат едни со други во нивните училишта.
Мултиперспективноста е клучот за работата
Резултатите од работата на оваа комисија се извонредни. Репутацијата на германско-полската комисија за учебници беше зацементирана со развојот на четиритомна, заедничка германско-полска серија учебници по историја насловена „Европа, нашата историја“ на која работеше напорно од 2009 до 2020 година. Секој том од заедничкиот учебник е достапен на германски или на полски јазик, а книгите се идентични во однос на содржината и дизајнот и може да се користат на часовите по историја во Германија и Полска. Том 1 (Од праисторијата и античките времиња до средниот век) беше објавен во јуни 2016 година, а Том 2 (современиот период до 1815 година) следеше во септември 2017 година. Том 3 (Од Конгресот во Виена до Првата светска војна) беше објавен во 2019 година а последната книга, Том 4 (Дваесеттиот век до денес) се појави во јуни 2020 година. Овој билатерален учебник ѝ овозможи на германско-полската комисија за учебници да постави дидактички и академски стандарди за транснационална или европска ориентирана настава по историја.
Основата на која работат германските и полските историчари е мултиперспективноста. Едниот поглед на историските настани не е ниту доволен ниту целосно фактографски.
Историчарите од двете земји во нивната работа се соочија со прерасуди кои траат со векови. Стереотипната реченица „Сѐ додека светот е цел, Германецот нема да му биде брат на Полјакот “ сè уште не е заборавена во Полска. Злосторствата од Втората светска војна и општоприфатената теза за 1000 години германско-полско непријателство сè уште се на ум на многу луѓе. Може да се претпостави дека пишувањето заеднички учебник би било особено тешко во однос на тие поглавја за германско-полските односи. Сепак, зачудувачки, тоа не беше случај. Темите како германските доселеници во Шлезија во средниот век, Тевтонскиот ред или поделбите на Полска во 18. век не создадоа несовладливи емотивни расправии меѓу полските и германските автори. Ова беше можно само затоа што сите овие критични прашања беа широко и отворено дебатирани во последните децении од многу полски и германски историчари заедно. Се разбира, сè уште има спорови и расправии меѓу професионалните историчари, но во однос на историското образование и Полјаците и Германците имаат изненадувачки слични знаења и пристапи. Барем во однос на нивната заедничка историја.
Термопилите и Наполеоновите војни
Расправиите, па и недоразбирањата се одвиваа на неочекувани полиња. Како, на пример, би можела античката битка кај Термопилите да биде проблем во наставата по историја во 21. век? Персиско-грчката војна традиционално се учи во Полска како борба на Грците за нивната слобода. Полската литература и уметност има бројни референци за битката кај Термопилите, која најчесто се претставува како пример за екстремна храброст и патриотски вредности. За нивните германски колеги ваквиот наратив беше повеќе од проблематичен. Прво, нацистичката пропаганда ја претстави битката кај Сталинград како „Германски Термопили“. Ова тешко може да се смета за позитивен пример за учениците.
Друг пример се Наполеоновите војни. Уредниците одеднаш се соочија со прашањето како да се претстават два сосема спротивни наративи за нив. Зашто во Германија војските на Наполеон беа окупатори, додека Полјаците ги положија сите свои надежи за повторно раѓање на национална држава со победата на Наполеон. Уредниците наидоа на многу слични проблеми со поглавјата за руската, украинската, па дури и американската историја. Сепак, расправиите не се за самите историски факти, туку најмногу за тоа како тие се претставени и какви чувства претставуваат.
Учебникот не само што нуди нов пристап во наставата по историја поради неговите диференцирани наративи, туку го разбива и монополот на западната историја во германските учебници. Германските ученици можат да научат повеќе не само за полската историја, туку и за Украина, Србија, Турција итн. Од друга страна, полскиот ученик се соочува со малку нов дидактички пристап кон историјата.
„Мултиперспективност”, според експертите, е клучниот збор. Тие велат дека на историчарите им било важно да покажат зошто еден конкретен настан во Германија или Полска може да има сосема различно значење. Заедничките историски книги не им наметнуваат на учениците одреден начин на мислење, туку имаат ефект на лабораторија, на работилница во која со помош на добар наставник се учи како историски и ктитички да се размислува.
Со цел да се постигне бараната мултиперспективност, учебникот нуди неколку иновативни колумни. На пример, во колоната „Погледи“ се цитирани контрадикторни изјави на историчарите за истиот настан. На учениците исто така им се даваат комплети задачи и прашања кои треба да им помогнат со критичко толкување и дискусија за овие контроверзни теми. Друго решение е мапата наречена „Во исто време во Европа…“, која во некои поглавја прикажува паралелни настани во други европски земји.
Последниот том од овие историски учебници, иако готов уште од 2020 година, во Полска немаше дозвола за употреба во училиштата поради претходната национал-конзервативна влада. Дури откако се случи промената на власта минатата есен и раководењето со државата го презеде централно-левичарската коалиција, четвртиот том доби зелено светло. Неодамна, на почетокот на јули, полското министерство за култура конечно го издаде одобрението за користење на целокупниот материјал од петто до осмо одделение во тамошните училишта.
Германско-полската комисија за учебници има 26 члена, подеднакво по 13 историчари од двете земји. Во јули 2017 година, на Германско-полската комисија за учебници ѝ беше доделена наградата „Виадрина“ од Европскиот универзитет Виадрина во Франкфурт на Одра. Наградата „Виадрина“ се залага за меѓународно разбирање, мир и слобода во заедничката европска куќа.
Дали овој пример навистина може да биде образец за тоа како може да продолжи со работа македонско-бугарската историска комисија е целосно непознато. Има неколку клучни разлики. Германците и Полјаците разговараат за различните видувања на настаните што се случувале меѓу двете држави и двата народи во последниве 10 века, додека бугарските историчари, на пример, сакаат да ја наметнат нарацијата дека Македонците како народ или етничка гупа се појавиле неодамна, пред 80 години. Тие не сакаат да разговараат за мултиперспективноста во прегледот на историските настани, туку само за софиска перспектива.
Но кој знае, работите може и да се променат и тогаш двете земји со историчари неоптоварени од митологијата или од минатото да дадат нова светлина на одредени комплицирани настани од историјата на двата народа. Па дури и да се изготват заеднички учебници, во кои претставувањето на историјата од различен агол нема да им се допаднат на многумина и во Бугарија и овде. За тоа клучот е отворен научен ум.
(Линк до текстот во Дојче веле овде)