Како го засакав Макрон откако го замразив францускиот предлог

Македонската влада во Макрон го гледа спасот за ќор-сокакот со уставните измени. И тоа во моментот кога неговата моќ и во самата Франција и во ЕУ е поткопана. Властите во Скопје можеби веруваат дека кај Макрон ќе проработи некаква совест и ќе ги исправи грешките направени спрема Македонија


Насловот на овој текст е слободна парафраза на името на филмот на Стенли Кјубрик од 1964 година – „Д-р Стрејнџлав или: Како научив да престанам да се грижам и ја засакав бомбата“. Приказната во оваа црна комедија, која е политичка сатира на најжешките моменти од Студената војна (како Кубанската криза), се однесува на еден непоколеблив генерал на воздухопловните сили на САД кој наредува превентивен нуклеарен напад врз Советскиот Сојуз. Филмот често се смета за една од најдобрите комедии некогаш направени и еден од најдобрите филмови на сите времиња. Посебен белег на филмот претставува тоа што славниот британски актер Питер Селерс глуми три улоги.

Неверојатната еманација на љубов, почитување, па и поклонување кон францускиот претседател Емануел Макрон од сегашниве власти претставува своевидна црна комедија за односот на ВМРО-ДПМНЕ кон официјален Париз и кон францускиот предлог. Работите не се забораваат така лесно. Есента 2019 година Емануел Макрон го стави првото и клучно вето за почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, образложувајќи го и со приказната дека ако нашата држава се одвои од Албанија тоа ќе предизвика вознемирувачки бранови низ албанската заедница поделена во четири држави во регионот. Па затоа е најдобро двете земји да бидат заедно во чекалната, да се подготви нов концепт за преговори за сите кандидати. Во октомври Македонија остана во чекалната, Албанија влезе во друга соба.

Не се заборава какви прекори тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ (па дури и притаени клетви) упатуваше кон Емануел Макрон за неправдата што ѝ ја нанесе на Македонија. А уште повеќе кога во јули беше усвоен францускиот предлог со кој се отвори првата меѓувладина конференција на Македонија и ЕУ. Истакнати вмровски пратеници го повикуваа тогаш Макрон да дојде во Скопје да му изнакажат сѐ што мислат за францускиот предлог. Онака како што  со транспаренти и свирчиња ја дочекаа Урсула фон дер Лајен во парламентот додека таа се трудеше да го пробие нејзиниот глас во бучната сала.

Не се заборава ни дека францускиот предлог и „бугарскиот диктат“ беа една од клучните теми во месеците пред парламентарните избори. Македонија мораше да биде горда и граѓаните да го отфрлат францускиот предлог и со тоа да му кажат на Макрон што мислат за Франција која, ете, се ставила на страната на Софија. Франција, оцрнета како ѓавол, се најде на дното на листите во анкетите за тоа кои држави македонските граѓани ги сметаат за најпријателски.

Но омразата, како и љубовта, не се непроменливи состојби. Сега нашите власти наеднаш го засакаа Емануел Макрон, дури од далечното Скопје доделувајќи му атрибути кои тој ги загуби во Европа. Но во исто време не престанаа да го мразат францускиот предлог. Можеби мислат дека кај Макрон, кој на почетокот на мандатот сакаше во Франција да се претставува како „Јупитер“, ќе проработи некаква совест и ќе ги исправи грешките направени спрема Македонија.

Позицијата на Макрон е драматично поткопана во Франција. Неговата партија беше втора на европските избори во јуни, со двојно помалку гласови од екстремната десница предводена од Национален собир. На итните парламентарни избори во јули драматична победа однесе левичарскиот Нов народен фронт. Партијата на Макрон пак остана со куси ракави. Тој го загуби мнозинството во собранието. Со повеќемесечно одолговлекување го постави за премиер десничарот Мишел Барние (преговарач на ЕУ за „Брегзит“). Неговата малцинска влада преживеа во парламентот само поради премолчената поддршка на екстремната десница на Марин Лепен. Таа сега најавува дека ќе ја повлече поддршката во расправата за буџетот за наредната година и владата автоматски ќе падне.

Тоа исчезнување на моќта дома се трансферира и во централата на ЕУ во Брисел. Ново-старата претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при конципирањето на новиот состав на колеџот на комесари го принуди моќниот Французин Тиери Бретон да се повлече од можниот нов состав, а тој со голем гнев го објави повлекувањето. Макрон не можеше да каже ниту збор и да ѝ се спротивстави на жената, која на негов личен предлог во 2019 стана претседателка на Комисијата. Како и да не се случило ова понижување Макрон ја прифати егзекуцијата од страна на Фон дер Лајен и веднаш го предложи неговиот верен аѓутант (но со помала политичка тежина) Стефан Сежурне за француски претставник во Комисијата. Но неговото портфолио не е исто како она на Бретон, тоа има многу помало значење.

Сега, кога влијанието на Макрон во ЕУ е ослабнато ние (властите) решивме да го засакаме, дури и со поголема љубов од пред две години. Македонската влада во Макрон го гледа спасот за ќор-сокакот со уставните измени. Сега Франција е најсилната земја во ЕУ (Александар Николоски), сега Макрон е лидер во ЕУ со најголем легитимитет (Николоски).

Во таа голема љубов Александар Николоски изјави дека за него најзначајната средба што ја имал Мицкоски откако е премиер е средбата со Макрон. Во согласност со слоганот на хипи движењето – „Мир, љубов и хармонија“. Николоски уште оцени: „Ако успееме да сработиме добро со Франција и со уште неколку други земји од Западна Европа, мислам дека нашите аргументи може лесно да бидат примени“. И омразениот француски предлог во името на новата француска љубов да се промени.

Може и да го пресконеме и официјалното соопштение на Елисејската палата за средбата на Макрон со Мицкоски во кое се вели: „Претседателот на Републиката ја потврди поддршката на Франција за европската траекторија на Северна Македонија. Тој посочи дека Франција ќе ги поддржи сите напори на Северна Македонија во оваа насока, во согласност со нејзините меѓународни обврски“. Што значи дека Париз не се откажува од францускиот предлог.

Неофицијално, Париз навистина не седи со скрстени раце и сака да помогне да се одблокира сегашниот застој во нашите преговори, но решението не се бара во одлагање на уставните измени. Во Париз сметаат дека нема потреба да се чека политичка влада во Софија, бидејќи сите партии во Бугарија имаат ист став за спорот со Македонија, а освен тоа и таквата влада има надлежност да носи одлуки во земјата. Во кој правец ќе се бара решението не е јасно искристализирано, но треба да биде нешто помеѓу ова што е сега на маса, со уставните измени како незаобиколен услов за продолжување на преговорите.  

Ќе видиме што ќе се изроди од оваа нова француска љубов на новите македонски власти спрема Емануел Макрон.

Во меѓувреме, новите власти треба и понатаму да ги дигестираат двете работи со кои меѓународните организации и меѓународните актери ѝ оддадоа голема почест на претходните власти за нивната работа – Радмила Шекеринска беше избрана за заменик-генерален секретар на НАТО, а поранешната германска канцеларка Ангела Меркел во своите мемоари го спомена само Зоран Заев од политичарите од целиот регион оценувајќи го како „храбар и решителен“. А Мицкоски на неколку пати го користи слоганот на Никола Димитров: „Јас сум уште повеќе оптимист дека мора да нѐ биде и ќе нѐ биде“.