Како Германија го откри „случајот 0“ на корона вирусот – преку еден соларник


Во Германија 115.000 луѓе потврдени позитивно од Ковид-19, а починаа 2.463 лица (Фото: Ројтерс)

Германските научници ги открија сите детали од првиот случај во земјата, во Баварија, кои им помогнаа да ја изградат одбраната против корона вирусот

 

Минхен – За време на една пауза за ручек во јануари во компанија за делови за автомобили, работник се сврте кон колегата и побара да ја позајми солта.

Како и соларникот, во тој момент, тие го споделија новиот корона вирус, заклучија научниците.

Тоа дека нивната размена е документирана е резултат на интензивна истрага, дел од ретка успешна приказна во глобалната борба против вирусот.

Двајцата работници биле раните врски во првиот документиран синџир на повеќекратни преноси од човек на човек надвор од Азија на Ковид-19, болест предизвикана од корона вирусот.

Тие се од Стокдорф, германски град со 4.000 жители во близина на Минхен во Баварија, и работат во снабдувачот на делови за автомобили „Вебасто груп“. Компанијата беше ставена под глобален микроскоп откако беше откриено дека една нејзина вработена, кинеска жена, го фатила вирусот и го донесла во седиштето на „Вебасто“. Таму, тој им беше предаден на колегите – вклучително, како што открија научниците, и на човекот кој ручал во кантината, а со кого кинескиот пациент немал контакт.

Сцената во кантината од 22 јануари беше еден од инцидентите по кои научниците беа во медицинска потера да ги пронајдат, тестираат и изолираат заразените работници, па регионалната власт на Баварија може да го спречи ширењето на вирусот.

Тој лов ѝ помогна на Германија да обезбеди време да ги изгради своите одбрани на Ковид-19.

Времето што го купи Германија можеби сочува животи, велат научниците. Првата зараза на локално пренесување на Ковид-19 започна порано од Италија, но Германија има многу помалку смртни случаи. Првиот откриен локален пренос во Италија беше на 21 февруари. Во тоа време, Германија започна кампања за информации од министерството за здравство и владина стратегија за справување со вирусот што може да зависи од широко распространето тестирање. Во Германија, повеќе од 2.400 луѓе починаа од Ковид-19. Во Италија, со помало население, вкупниот број надминува 18.000.

„Научивме дека мораме прецизно да следиме синџирите на инфекција со цел да ги прекинеме“, изјави за Ројтерс Клеменс Вендтнер, лекар што лекуваше пациенти во Минхен.

Минхенскиот кластер

Вендтнер се здружи со некои од најголемите германски научници да се справи со она што стана познато како „Минхенски кластер“ и тие ја советуваа баварската влада за тоа како да одговори. Баварија го водеше патот на заклучувања, кој потоа отиде на национално ниво на 22 март.

Научниците, вклучувајќи го и главниот медицински офицер на Англија, Крис Вити, го признаа раното, распространето тестирање на Германија  за забавување на ширењето на вирусот. „Сите знаеме дека Германија напредуваше во однос на можноста да се тестира за вирусот и има многу да научиме од тоа“, изјави тој на телевизија порано оваа недела.

Седиштето на компанијата „Вебасто“ каде беше откриен првиот случај со Ковид-19 во Германија (Фото: Ројтерс)

Кристијан Дростен, врвен вирусолог во берлинската болница „Шарите“, рече дека на Германија ѝ помогнало тоа што имале јасен ран кластер. „Затоа што ја имавме оваа група во Минхен уште на почетокот… стана јасно дека со голем притисок може да го спречиме понатамошното ширење “, рече тој во дневниот подкаст за радио НДР околу корона вирусот.

Дростен, кој одби да даде изјава за оваа приказна, беше еден од повеќе од 40 научници вклучени во истрагата на кластерот. Нивната работа беше документирана во прелиминарна форма во работен труд на крајот на минатиот месец. Трудот, кој сè уште не е рецензиран, беше споделен на страницата на НДР.

Беше понеделник, 27 јануари, кога Холгер Енгелман, извршен директор на „Вебасто“, им рече на властите дека еден од неговите вработени бил тестиран позитивно на новиот корона вирус. Жената, која живее во Шангај им помагаше во неколкудневни ворк-шопови и присуствуваше на состаноците во седиштето на „Вебасто“.

Родителите на жената, кои се од Вухан, ја посетиле пред да отпатува на 19 јануари во Стокдорф, се вели во трудот. Додека била во Германија, чувствувала невообичаени болки во градите и грбот и била уморна за време на целиот престој. Но, таа мислела дека симптомите се резултат од патувањето.

Таа добила треска при повратниот лет за Кина, била тестирана позитивно по слетувањето и хоспитализирана. Нејзините родители исто така, биле позитивно тестирани подоцна. Таа им кажа на своите менаџери за резултатот и тие испратија и-мејл до извршниот директор.

Во Германија, вели Енгелман, веднаш формирал тим за кризи, кој ги предупредил медицинските власти и почнал да се обидува да трага по вработените кои имале контакт со нивната кинеска колешка.

И самиот извршен директор беше меѓу нив. „Само четири или пет дена пред да ја примам веста, се ракував со неа“, рече тој.

Сега познат како германски „Случај #0“, пациентот од Шангај е „долгогодишен, докажан вработен во менаџирањето со проекти“, кој Енгелман го познава лично, изјави тој за Ројтерс. Компанијата не го откри нејзиниот идентитет или другите инволвирани, велејќи дека анонимноста го охрабрила персоналот за соработка во обидите на Германија да го запре вирусот.

Електронски календари

Задачата да се најде кој имал контакт со неа ја олесниле електронските календари на работниците во „Вебасто“ – во најголем дел, сите доктори требале да ги разгледаат состаноците на персоналот.

„Тоа беше удар на среќата“, рече Вендтнер, лекар кој лекувал пациенти од Минхен. „Ние ги добивме сите информации што ни беа потребни од персоналот за да ги реконструираме синџирите на инфекцијата“.

На пример, случајот #1 – првиот човек во Германија кој бил заразен од кинеската жена – седел до неа на состанок во мала просторија на 20 јануари, напишале научниците.

Тестирање на луѓето вработени во јавните служби во еден од центрите во Келн (Фото: Ројтерс)

Онаму каде што податоците за календарот не биле целосни, велат научниците, тие честопати биле во можност да користат целото секвенционирање на геномите, кое ги анализира разликите во генетскиот код на вирусот од различни пациенти, за да го мапира неговото ширење.

Следејќи ги сите овие врски, тие откриле дека случајот бр. 4 бил во контакт неколку пати со пациентката од Шангај. Токму случајот #4 седел грб со грб со колегата во кантината.

Кога тој колега се сврте да ја позајми солта, заклучија научниците, вирусот помина меѓу нив. Колегата стана случај број 5.

„Вебасто“ на 28 јануари соопшти дека привремено ја затвора својата фабрика во Стокдорф. Помеѓу 27 јануари и 11 февруари идентификувани се вкупно 16 случаи на Ковид-19 во „Минхенскиот кластер“. Сите, освен еден, развија симптоми.

Сите оние кои биле тестирани позитивно биле испратени во болница за да можат да бидат набљудувани и лекарите да научат за оваа болест.

Баварија го затвори јавниот живот кон средината на март. Германија затвори училишта, продавници, ресторани, игралишта и спортски објекти, а многу компании се затворија за да ѝ помогнат на каузата.

Сите 16 лица кои го фатиле Ковид- 19 таму се опоравија. (Ројтерс)