Како држава недоволно се грижиме за наследството на големите уметници: Интервју со д-р Кирил Пенушлиски, историчар на уметност

Меѓу колекционерите. сѐ уште највисоко котираат оние првите; Мартиноски, Личеноски... Но, нивните имиња се потврдени вредности и потекнуваат од едно време во кое државата навистина се грижеше, не само за уметникот и уметноста, туку и за културната наобразба на својот народ, вели Пенушлиски, во интервју за Независен


Фото: Б. Грданоски

Кирил Пенушлиски, историчар на уметноста, кој своето образование го стекнал во Париз, Италија и во Велика Британија, професор на Универзитетот за аудио-визуелни уметнoсти „Еуропа Прима“ во Скопје и визитинг професор на универзитетот за уметност „Едуконс“ во Србија, го поврза македонскиот фолклор и врвната македонска ликовна уметност, на уникатна изложба во Чифте амам, која собра љубопитен и елоквентен свет. 

Во интервју за „Независен“, Пенушлиски вели дека „Црвен се барјак развева“ претставува еден исклучително важен дел од историјата и од културното наследство на македонскиот народ.

„А тоа е дел за кој што во последните неколку децени многу малку се збори, како да го подзаборавивме“. 

Фото: Б. Грданоски

Актуелен сте со изложбата „Црвен се барјак развева“ ( отворена на Денот на победата над фашизмот) која ја обработува македонската народна борбена поезија и нејзината интерпретација во ликовните дела на македонските уметници. Како дојдовте до оваа идеја ? Дали е очигледна поврзаноста меѓу народната борбен поезија и ликовните дела на македонските уметници?

„Црвен се барјак развева“, изложбата што се отвори на 9 мај во Националната галерија на Македонија и истоимената книга што ја промовиравме пред некој ден, е првиот дел од еден поголем проект што обработува одредени аспекти и поврзувања меѓу македонскиот фолклор и македонската ликовна уметност. Вториот дел од тој проект, што се надевам дека ќе се оствари следната година, е посветен на македонските еротски приказни, додека третиот ќе обработува сосема различни теми. Идејата да се бавам со тие поврзувања на македонскиот фолклор и ликовната уметност ја имам веќе неколку години, а оваа 2025 е година со два големи јубилеја што мораше да се одбележат. Првиот е 80 години од победата над фашизмот. Тоа е голем ден за нас Mакедонците, нашата држава е единствената која е родена од таа борба. Додека вториот јубилеј е 60 години од објавувањето на првата академска студија посветена на македонската народна борбена лирика. Таа книга, чиј автор е дедо ми, проф. Д-р Кирил Пенушлиски, основоположникот на македонската фолклористика, го даде и насловот на овогодишната изложба – „Црвен се барјак развева“. Всушност, целиот проект за фолклорот и македонската ликовна уметност се базира на неколку од неговите збирки на народни умотворби, што мене ми се посебно драги; „Црвен се барјак развева“, „Македонски еротски приказни“ и „Богови и попови“. Второто прашање, за поврзаноста на народната борбена поезија и ликовните дела на македонските уметници, ќе оставам да го одговорат посетителите на изложбата. Таа е во сеуште отворена во објектот Чифте Амам во Скопје и така ќе биде до почетокот на следниот месец.

Изложбата е доста обемна и деликатна. Покрај текстовите на македонските народни борбени песни, изложени се и ликовни дела на некои од најголемите македонски уметници, како Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Томо Владимирски, Петар Хаџи Бошков, Борко Лазески, Васко Ташковски и други, што му дава ексклузивна референца. Дали беше тешко да се обезбедат овие домашни ремек дела, секако, и изборот на адекватна поезија, од исто така, исклучителни домашни автори?

Со еден збор: Да! И поред тоа што бројот на македонски народни борбени песни од НОБ е релативно мал, барем во споредба со бројот на другите македонски народни песни, изборот беше необично тежок. Народната поезија е „жива“ материја и таа се менува со секој пеач, па оттаму и големиот број на варијанти на една, само на прв поглед, иста песна. Дополнително, јас во припремниот период, што за оваа изложба траеше две години, ги поминав скоро сите поголеми музеи кај нас. Ми беше потребно да го видам уметничкиот материјал од кој би можел да ја скројам изложбата. Имаше исклучоци (цртежот „Доилка“ на Никола Мартиноски со песната „Лулела е мајка“, или сликите „Абре Македонче“ на Кирил Гегоски и „Со векови окована во пранги“ на Васко Ташковски со песните по кои тие настанале), но, селекцијата на песните, како и нивното поврзување со ликовните дела на македонските уметници не беше едноставен процес. На крај, според мотивите и темите што се појавуваат во песните, изложбата ја „поделив“ на пет дела. Тоа се: „Глас од Македонија“ каде се прикажува тешката положба на македонскиот народ, „Од темни зандани“ со песни за македонските патриоти кои биле измачувани и затварани, делот „Злосторства“ каде се прикажуваат фашистичките злосторства, па најголемиот дел од изложбата наречен „Во борба“ и последниот, „Денес над Македонија“ по нашата химна.

Фото: Б. Грданоски

Како куратор, селектор, жири, професор и историчар на уметност, колку ви е важна публиката, нејзиниот интерес во однос на некоја изложба, во смисла да ја култивира и да поентира со идејата. Ви смета ли нашата „навика“ да посетуваме звучни изложби, или колку е позвучен уметникот, толку поголема толпа, која најмалку дискутира за уметност, односно да видиме и да не видат?

Секако дека публиката е важна, посебно кога станува збор за тип на изложби каква што е „Црвен се барјак развева“. Мислам дека сите, без разлика на возраст, треба да одат да ја видат. Не затоа што јас сум авторот, туку затоа што тоа е наша, македонска изложба. „Црвен се барјак развева“ претставува еден исклучително важен дел од историјата и од културното наследство на македонскиот народ. А тоа е дел за кој што во последните неколку децени многу малку се збори, како да го подзаборавивме. После промоцијата на книгата која се одржа таму во галеријата, помеѓу барјаците, оружјето, песните и сликите, собраните гости ги прошетав низ изложбата. Помеѓу нив беше и еден мој пријател со неговите ќерки; двете во оние „проблематични“ тинејџерски години. По прошетката тој ми пишува, „Супер си поминавме, и децава презадоволни. Ми кажаа: ‘Супер беше, а мислевме ќе умреме од досада’“. Бев многу среќен и задоволен што добив таков комплимент. Ете, сум успеал тој необичен и „досаден“ материјал да го претставам на еден интересен начин за публиката да биде задоволна.

Ги следите речиси сите ликовни појави и изложби во државата, дел од нив ги отварате или ве консултираат. Како ќе ја оцените домашната ликовна сцена и кој автор највисоко котира меѓу колекционерите?

Сѐуште највисоко котираат оние првите; Мартиноски, Личеноски… тие се најбарани. Но мислам дека не станува збор само за квалитетот или за карактерот на нивните дела. Тие уметници твореа со еден ликовен јазик кој полека, но сигурно, со години се повеќе се оддалечува од модерните, современите културни вредности и од брзиот современ стил на живот. Но, нивните имиња се потврдени вредности и потекнуваат од едно време во кое државата навистина се грижеше, не само за уметникот и уметноста, туку и за културната наобразба на својот народ.

Фото: Б. Грданоски

Колку како стручна јавност, институции и држава се грижиме за уметничкото наследство на најзначајните македонски ликовни бардови?

Ах… се грижиме колку што можеме, но јасно е дека тоа не е доволно, и дека многу работи треба да се променат. Ќе ви дадам еден пример поврзан со „Црвен се барјак развева“. Во книгата/каталогот на изложбата ќе видите репродуцирани дела што не се изложени. И покрај тоа што постојат фотографии што ги прикажуваат во сета нивна величественост, кога ми ги извадија од депоа, тие слики беа толку оштетени да јас одбив да ги излагам. Дополнително, после две години барање, не успеав да најдам примерок од првата збирка на Македонски народноослободителни пресни. Таа мала збирка е објавена во 1943 година во уредништво на Кочо Рацин, веднаш пред неговата трагична смрт. Примерок нема никаде. Книгата ја нема во нашите библиотеки, архиви, институти… Академикот Блаже Ристовски во 1974 година, објавил фототипно издание на збирката. Но и тие фотографии и негативи од книгата на Рацин повеќе ги нема. Цело време се молам на некоја виша сила да најдеме зачуван примерок во некоја приватна библиотека за барем тој да остане за идните генерации. Да ја искористам и оваа можност. Ако некој од Вашите читатели има примерок од „Македонски народноослободителни песни“, чиј уредник е Кочо Рацин, збирка која е објавена од Партизанска штампарија „Гоце Делчев“, на планината Лопушник во 1943 година, молам да ми се јави.

Фото: Б. Грданоски

Автор сте на монографијата „Никола Мартиноски до 1945“ година, објавена од Националната галерија во 2017 година. За него велите дека е основоположник на македонската модерна ликовна уметност, дека „тој е првиот, од неговиот шинел излегоа сите“. Имавте список да ги обработите и другите основоположници на модерната уметност во Македонија. До каде сте со тој план?

Мартин е првиот и затоа со него почнав. Од тогаш, во соработка со Националната галерија беше поставена голема изложба за Миле Корубин со обемен каталог и студија што јас го пишував. Беа објавени и други книги за: Сергеј Андреевски, Тања Балаќ, и монографија по повод 75 години од основањето на Друштвото на ликовните уметници на Македонија.
А за основоположниците, следниот месец ќе биде промовирана мојата монографска студија за Лазар Личеноски (издавач е повторно Националната галерија), а напишав и уште една голема книга која ја обработува појавата и развојот на модерната уметност во Македонија. Станува збор за периодот од 1900 до 1941 година, која се надевам дека ќе биде објавена до крајот на годинава. Додека за следната година планиран е Борко Лазески. Пополека, но сигурно, одам по таа листа. До каде ќе стигнам ќе видиме.

Потекнувате од познато уметничко семејство – дедо Кирил Пенушлиски (основоположник на фолклористиката), татко Илија Пенушлиски (сликар). И вашата едукација е импозантна– доктор по историја на уметност и по теорија на филм, школување во САД, магистратура во Единбург и докторат во Париз. Дали тоа ви беше пречка или предност во вашата кариера и зошто ве нема во некоја од многуте национални институции со кои соработувате и на кои ќе им треба вашето знаење и познавање?

Институционална подршка за типот на проекти какви што водам е неопходна, и јас постојано соработувам со повеќе големи институции. Најчесто со Националната галерија во Скопје; до тој степен да понекогаш колегите мислат дека сум тамо вработен. Зошто ме нема во некоја од многуте национални институции? Тоа е комплицирано прашање, чиј одговор мислам дека е поврзан со разни политички теми, а тие можеби и не им е место во овој разговор.

Зошто не станавте сликар, како дел од семејна традиција?

Мајка ми беше пејзажен архитект, татко ми уметник, дедовците, едниот фолклорист другиот политичар – претседател на Македонија… Семејна традиција поврзана со уметноста баш и немаме. Но, уметноста од секогаш ме влечела и во еден момент размислував да одам на ликовна академија. Не со идеја да станам сликар како татко ми, туку да цртам стрипови. Можеби е добро што отидов во други води, како ли ќе се натпреварував со „Корто Малтезе“ на Хуго Прат, „Принц Валијант“ на Харолд Фостер или „Џим од џунглата“ на Алекс Рејмонд…

На кој домашен или светски автор му се поклонувате?

Ете,  пред малку ги спомнав Прат, Фостер, Рејмонд… Од современите светски имиња Анселм Кифер многу ми се допаѓа. Додека од Македонците, тој Пенушлиски не е лош.

Фото: Б. Грданоски

Зошто останавте во Македонија?

Затоа што сум Македонец. Не е дека не можев да придонесам  нешто за татковината и да останев на пример во Париз или да заминев за Чиле, Тахити… Во еден момент тоа беше свесен избор во кои националните чувства, љубовта кон кон оваа земја, победија.

Кои се вашите идни планови поврзани со уметноста?

Во текот на овој разговор споменав повеќе проекти и идеи. Во следните неколку години би сакал да го завршам тој голем проект што ги обработува поврзувањата на македонскиот фолклор и нашата ликовна уметност, како и обработката на творештвото на големите великани како Лазески. Оваа година ќе биде објавена книгата за појавата и развојот на модерната уметност во Македонија, што значи дека децениите веднаш по ослободувањето се следни. На кратко, би сакал да продолжам со ова што сега го правам, истражувања, пишување на монографии, поставување на изложби поврзани со македонската уметност…