Како до поефикасна државна помош за компаниите


Доделувањето државна помош на компаниите под лупа – ветар во грб или пари во ветар?

Мирче Јовановски

Државната помош која што им се дава на компаниите наскоро ќе биде подложена на мал ремонт и ќе се дополни со неколку мерки кои ги бараат стопанствениците, но и меѓународни институции. Меѓу другото, Владата ги прифати забелешките на компаниите да се опфатат и тренинзите и обуките со цел да се зголеми продуктивноста на вработените, а со тоа и конкурентноста на фирмите. Една од најзначајните новини ќе биде и воспоставување на севкупен регистар за користење на државната помош, што со години се провлекува како забелешка во Извештаите за напредокот на земјата кон ЕУ, и на кој веќе се работи. Стручната јавност има и други предлози и сугестии како државната помош да биде поефикасна, кои произлегоа од обемно истражување „Дали субвенциите создаваат подобри претпријатија? Или подобрите претпријатија добиваат повеќе субвенции?“ кое го спроведе економскиот институт „Фајнанс тинк“ (Finance Think) и во кое за прв пат кај нас ваквите стимули кои ги дава државата по разни основи беа ставени под лупа.

Но, што значи државната помош конкретно за фирмите? Еве еден пример.

Наскоро во скопската општина Ѓорче Петров би требало да „никне“ импозантна кула – прочистувач на амбиентален воздух, која во основата ќе биде два ипол на два и пол метри и висока преку шест метри, производ на компанијата „Дарис инженеринг“. Станува збор за иновативен и целосно „зелен“ домашен производ – ќе се напојува преку сончеви ќелии со сончева енергија, а најважниот дел – филтерот, кој што исто така е иновативен производ на компанијата, е изработен од посебен гранулат и природни материјали и кој откако ќе му мине животниот век ќе може да се истури во било која почва или нива, без да ја загадува животната средина.

Поттик за развојот

Кулата е еден од четирите различни типови пречистувачи на воздух, што ги разви „Дарис инженеринг“ користејќи државна помош, покрај малите компактни и преносни за пречистување на воздух во возила, пречистувачите на воздух за домашна употреба и филтрите првично наменети за оџаци, а потоа развиени и за пречистување на издувни гасови од возила.

„Овој проект беше поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој, за што мојата компанија доби финансиска поддршка откако аплициравме и ги минавме строгите критериуми на ФИТР“, вели иноваторот и сопственик на „Дарис инженеринг“, Петре Ристески.

За „Дарис инженеринг“, ова е втор проект поддржан од ФИТР. Првиот беше во 2014 година кога аплицирале и добиле средства за развој на громобрани, проект вреден околу 28 илјади евра. За Ристески нема дилеми дека ваквиот вид државна помош е од исклучително значење за успех на неговите проекти, но и за развојот на фирмата изминатите години.

„Ефектите се гламурозни“, вели Ристески за Независен, додавајќи дека со годишниот прилив во компанијата за проектот со громобраните, само за една година средствата биле вратени.

„Дарис инженеринг“ до сега два пати користела државна помош преку ФИТР. „Ефектите се гламурозни“, вели Петре Ристески (десно), иноватор и сопственик на оваа иновативна компанија

„До овој момент, преку испорачани се 130 громобрани и проектот веќе опстојува. Од 2014 година до сега, сметајте дека годишно сигурно отприлика најмалку секоја година сумата која што била вложена од страна на Фондот е оплодувана со истата вредност“, вели тој.

Но, дали државната помош е волку успешна и поттикнувачка за сите фирми кои ја добиле изминатите години? Дали таа е ветар во грбот за компаниите или пак, се пари фрлени во ветар?

Една од основните дилеми е дали државната помош е услов без кој не може да се привлече некој инвеститор. Стручната јавност предупредува на таканаречена „трка до дното“, односно на натпреварот на земјите од регионот да привлечат што повеќе инвеститори давајќи им големи финансиски и друг вид погодности. Дали ваквиот пристап е добар и колку всушност помошта е одлучувачка кај потенцијалните инвеститори?

„Државната помош не смее и не треба да биде причината за некоја компанија да одлучи да дојде да инвестира во државата. Таа е, што се вели „глазурата“, „шлагот на тортата“ (icing on the cake), односно ако сите услови се исти, ќе одиш кај тие што ќе ти понудат малку повеќе. Но, не единствено заради државната помош што ти ја понудиле“, вели за Независен, Виктор Мизо, директор на „КОСТАЛ Македонија“ и претседател на Асоцијацијата на компаниите со напредно технолошко производство во државата. „Ако сите услови се исти со конкуренцијата, државната помош може да превагне каде некоја компанија ќе одлучи да инвестира“, вели тој и додава дека сепак, со оглед што сите држави во регионот и пошироко нудат помош, Македонија не може да биде надвор од таквиот тренд, но помошта треба да е соодветно димензионирана и дизајнирана и да одговара на потребите на компаниите, но и да биде во согласност со европските директиви. Терминот „Трка до дното“ е одамна застарен и несоодветен за нашиот регион и опкружување – веќе се знаат победниците и оние кои останаа на дното, смета тој.

Многу поважни работи за инвеститорите се други основни услови (fundamentals) кои државата треба да ги има за да привлече повеќе инвестиции, а кои доколку ги нема лесно може да се случи да ги анулира придобивките од државната помош.

„Ако инфраструктурно, логистички, од аспект на квалитет, едукација и цена на работна сила, економска предвидливост, даноци, бирократија и сл., работите не се завршени и потврдени, тогаш државната помош не може многу да помогне. А, ако е пресудна, тогаш тоа е погрешен проект за државата да го финансира и да го привлекува“, вели Мизо.

Тој вели дека е погрешна перцепцијата за влијанието на државната помош врз бројот на вработени во некоја од компаниите.

Трката до дното е завршена

„Планот за бројот на вработени не зависи од помошта, туку зависи од планот на компанијата. Државата не може да ги ‘купи’ работните места. Второ, тоа што не се дава поттик за обука и тренинг, туку се дава само за креирање на работно место е погрешно. Обука и тренинг значи вложување, инвестиција во подобар и поквалитетен кадар. Плус, за креирање на работно место помошта е линеарна без разлика дали станува збор за работно место оператор, техничар или инженер, што не е логично“, вели тој, додавајќи дека е важно е да се има градација зависно од видот на работното место кое се креира.

Виктор Мизо: Државната помош не смее и не треба да биде причината за некоја компанија да одлучи да дојде да инвестира во државата. Таа е, што се вели „глазурата“, „шлагот на тортата“, односно ако сите услови се исти, ќе одиш кај тие што ќе ти понудат малку повеќе

„Едно е оператор на машина, друго е техничар, трето е инженер. Ист вид помош не може да се дава на секое работно место и тоа треба да се земе во предвид. Оваа градација не се однесува на нивната плата како променлива категорија, бидејќи се разликува во разни индустрии, туку од видот и комплексноста на работното место“, вели тој. Според него е потребна и градација, на пример за првите 100 креирани работни места да се исплаќа една помош, а потоа висината на помошта да е поголема, но укажува дека во новите законски измени треба да се земе во предвид да бидат опфатени и компаниите кои имаат активни инвестициски циклуси или постоечки договор, а не само да важи во иднина за нови проекти.

Забелешките на стопанствениците се однесуваат и на фактот дека отсуствува и географскиот елемент при распределба на државната помош. Секаде во Европската унија, зависно од регионалниот развој, се нудат различни нивоа на помош и за асистенција.

„Во Македонија, дали се инвестира во Скопје, Крива Паланка, Ресен, Дебар или Делчево, до сега се добиваше исто. Иако минатото имаше активен пристап компаниите, посебно трудоинтензивните, но не само тие, да се лоцираат надвор од Скопје – како во Кичево, Прилеп, Струмица, Битола, Штип, Тетово, Охрид, Струга, Кочани, Велес, Кавадарци и слично, во последниов период доминантно инвестициите се лоцираат во Скопје. Тоа се прави по линија на помал отпор. Зошто некој кој секаде добива иста помош да оди надвор од главниот град, подалеку од аеродромот, од инфраструктура, универзитети… Географската компонента е многу важна за да се стимулира некој да оди на други места и да се промовира регионалниот развој. И тоа ние го промовираме и го очекуваме во новите законски одредби“, вели тој.

Во однос на висината на платите, Мизо вели дека нив треба да ги определува пазарот на труд, продуктивноста и квалификацијата на луѓето, а не државата преку помошта за поддршка на инвестициите, посебно за креирање на нови работни места поврзано со висината на платите . Притоа, се прават и несоодветни споредби, па платите се споредуваат со општиот просек во државата во кој што влегуваат и високо платените дејности како финансискиот, ИТ секторот и други, а не се споредуваат со соодветни домашни компании од иста или сродна дејност, односно индустрија со индустрија. Ниту, пак се земаат предвид трошоците за исхрана, превоз, тренинг и обука и тн.

Ефектите од државната помош која што ја добиваат компаниите, лесно може да се анулираат и со други трошоци со кои што се оптоваруваат. Како пример, Мизо ги наведува царините.

„Што ако некоја компанија добива државна помош кога царините се повисоки од другите нејзини фабрики кои ги има лоциран во поширокиот регион, или во Европа, вклучувајќи ги и Украина, Тунис и Мароко, а кои не би се плаќале доколку нашите царини се усогласени со ЕУ. Царините не се плаќаат еднаш, тие се секоја година. И растат како што расте обемот на производство. Од друга страна, помошта е еднократна“, вели тој.

Висината на помошта треба однапред да биде позната, пред почетокот на инвестицијата, односно договорот за државна помош да се потпише врз основа на идните планови – вредност на инвестицијата и креирање на работни места. А, плаќањето се прави откога се извршат тие динамики. На пример компанијата се обврзува дека ќе инвестира 20 милиони евра и ќе вработи 400 луѓе во период од 4 години. Според таа предложена динамика, во договорот за државна помош се прецизира дека првата година ќе се инвестираат 8 милиони евра и за годината после тоа откога ќе се потврди таа инвестиција, се добива поврат од 10 отсто во готово или повеќе. Слично е и за работните места за кои на пример се добиваат по 2.000 евра за креирано работно место со обврска да се задржат 5 години. Во спротивно помошта се враќа, целосно или делумно.

За ефектите од државната помош деновиве се дебатираше и на економски форум на кој беа презентирани резултатите од истражувањето на „Фајнанс тинк“: „Дали субвенциите создаваат подобри претпријатија? Или подобрите претпријатија добиваат повеќе субвенции?“ во кое детално се анализираат ефектите на Планот за економски раст – двата столба државна помош за приватни претпријатија за поддршка на инвестициите и вработувањата, и за освојување нови пазари, кои се операционализираат преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции (ЗФПИ), како и третиот столб – државната помош која што се доделува преку ФИТР за поддршка на иновациите. Основната разлика е што за првите два столба државната помош се доделува по направена инвестиција, додека во третиот преку ФИТР се доделуваат грантови за предлог-проекти по нивното ригорозно оценување со фокус на иновациите и за мали, микро и средни претпријатија.

Какви се ефектите од државната помош

Во оваа обемна студија на 77 страници се анализираат ефектите од двете програми на државна помош во рамки на Програмата за економски раст, ПЕР, кои биле реализирани во или на крајот од 2018 година и се споредува периодот пред доделување на помошта (2017 или 2018 година) и по доделувањето на помошта (2019 година).

На државната помош ѝ е потребен „ремонт“ 

„Кога станува збор за државната помош доделена на приватни претпријатија, нејзината улога може да биде значајна за поттикнување на конкурентноста и растот. Но, ако таа не е дизајнирана на начин да ги максимизира позитивните ефекти, може да предизвика и дисторзии на пазарот“, вели универзитетскиот професор Марјан Петрески, еден од авторите на студијата. Затоа, како што додава, државната помош е строго регулирана и треба да биде усогласена со правилата на Европската унија.

На студијата се работело интензивно повеќе од една година во рамки на проектот „Промовирање докази и дијалог за зајакнување на ефектот од државната помош врз благосостојбата на потрошувачите во Северна Македонија“, со поддршка на Балканскиот фонд за демократија и Норвешката амбасада во Белград, која што е надлежна за нашата земја.

„Основната цел беше да се продуцираат докази за ефектите од државната помош за селектирани програми како и да се зајакне свесноста за значењето на државната помош, особено во општествено опкружување во кое секој се надева на некоја субвенција од државата“, истакна Петрески, презентирајќи ја студијата.

Според него, за да има ефект, државната помош се очекува да го промени однесувањето на примателот.

„Алтернативата на ова е примателот да ги земе парите и притоа да продолжи да се однесува онака како што би се однесувал и без да ја има државната помош, што во литературата се нарекува ‘мртвоносечка загуба’, односно залудно потрошени народни пари“, вели Петрески, додавајќи дека е битен таканаречениот ефект на поттик, кој што е присутен тогаш кога државната помош ги намалува трошоците за инвестирање во проект кој што во спротивност не би бил преземен. Значи, државната помош треба да придонесе за преземање одреден проект без разлика дали поради тоа што е поризичен или би бил неизводлив без таквата поддршка.

Инаку, двата вида државна помош, преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите и преку ФИТР, се разликуваат принципиелно. Во првиот случај, целта е да се поттикнат инвестициите, извозот и создавање високо платени работни места во приватниот сектор при што се дава поддршка на успешни компании кои веќе реализирале почетна инвестиција, односно механизмот враќа дел од средствата од веќе направена инвестиција.
„Отсуствува ефектот на поттик затоа што не може нешто што го доделувате отпосле да поттикнало нешто што сте го направиле во претходната година и притоа нема обврска да се следи намената на средствата, односно примателите ги користат по свое наоѓање. Тука транспарентноста е минимална бидејќи надлежните институции објавуваат минимални информации за државната помош на ниво на поединечен субјект, и во овој дел се коси со правилата на ЕУ за транспарентност“, вели Петрески.

Марјан Петрески: Важен е ефектот на поттик. Државната помош треба да придонесе за преземање одреден проект без разлика дали поради тоа што е поризичен или би бил неизводлив без таквата поддршка

Кај ФИТР акцентот се става на иновациите и технолошкиот развој и врз микро, малите и средни компании. Целта е зголемување на продуктивноста, создавање работни места со напредни вештини и конкурентност, а поддршката се доделува по поднесена апликација која што минува низ ригорозен двофазен процес на евалуација. Тука механизмот е таков што има ефект на поттик, и има строга обврска за намената на средствата, односно примателите мора да ги користат според спецификацијата на одобрениот буџет. И транспарентноста е на соодветно ниво, односно се објавуваат информации на ниво на поединечен субјект, видот на проектот и износите.

Студијата, во која е користена импакт евалуација, преку споредба на компании кои добиле државна помош и слични на нив кои не добиле, покажа дека државната помош имала половични ефекти.

Тоа особено се однесува на помошта доделена преку Законот за финансиска помош на инвестициите – од 12 индикатори (повисоки приходи, инвестиции во фиксни средства и технологија, плати, вработеност, продуктивност, профит (бруто и нето), ликвидност (тековна и парична) и пазарна моќ (удел и перцепција за конкуренцијата), позитивни ефекти имало единствено кај вработеноста, со оглед на тоа што примателите оствариле 9 до 13 процентни поени повисок раст на вработеноста од претпријатијата со кои била направена споредба. Во студијата се додава дека отсуството на разлики во платите како резултат на субвенцијата ја побива целта на програмата да генерира високо платени работни места. Трошокот за бруто создадено работно место за државата изнесува речиси 28 илјади евра, што укажува дека државната помош била во голема мера потрошена за создавање нови работни места, наместо за генерирање вишок готовина или профити.

Кај помошта доделена преку Законот за финансиска помош на инвестициите – од 12 индикатори, позитивни ефекти имало единствено кај вработеноста. Преку ФИТР, пак, државната помош имала позитивни ефекти кај седум од 12-те индикатори

Кај третиот столб, преку ФИТР, државната помош имала позитивни ефекти кај седум од 12-те индикатори, односно примателите биле во можност да ги зголемат приходите од продажба и продуктивноста на трудот, а трошокот за генерирано дополнително евро на продажба, во бруто износ, изнесува малку над едно евро. Во студијата се вели дека сепак не биле создадени повеќе работни места или повисоки плати кај примателите преку ФИТР, во споредба со фирмите кои не добиле државна помош. Затоа, пак, биле зголемени инвестициите во технологија во нематеријална форма, а државната помош предизвикала голем пораст на профитите, значајно над претпријатија кои не примиле. Но, се вели и дека фирмите корисници биле преплавени со готовина, што можеби укажува дека вишокот профити не бил воден исклучиво од зголемувањето на приходите, инвестициите и продуктивноста, туку и од вишокот генерирана готовина во претпријатието како резултат на грантот.

Имајќи ги во предвид овие сознанија се препорачува да се реформира начинот на кој се доделува државната помош преку првите два столба, односно преку Законот за финансиска помош на инвестициите, со цел да се осигура ефектот на поттик. Отсуството на ефект врз продажбите, инвестициите, платите и профитот бара значителен ремонт на Законот за финансиска поддршка на инвестиции, се наведува во студијата.

Тоа ќе биде осигурано само ако државната помош е дадена пред отпочнување на инвестицијата и со ригорозна оцена на проектите кои што аплицирале за субвенции, односно грант, вели Петрески.

Помошта преку ФИТР, пак, треба во голема мера да продолжи да се доделува во сегашната форма. Би можело да се зајакнат правилата за оценување на предложените трошоци во буџетот на проектната апликација, пред се оние поврзани со купување опрема, софтвер, трговски марки и друг вид интелектуална сопственост, со цел да се спречи нивно вештачко зголемување како потенцијален начин за добивање повеќе пари преку ФИТР, како и да се ревидираат износите и интензитетот на исплати за да се елиминираат какви било ефекти на преплавување со готовина, се вели во студијата.

Владата очекува ефекти на среден и долг рок

Од Владата велат дека ефектите од државната помош која што се доделува преку Планот за економски раст ќе бидат видливи на среден и на долг рок, а се најавуваат и нови мерки кои ги бараат компаниите.

„Кога во 2017 година се креираше Планот за економски раст намерно беа предвидени два пристапа, едниот на компаниите да им се даваат средства пред да ја започнат инвестицијата,, што се прави преку ФИТР, односно третиот столб и двата други столба кои на среден рок треба да поттикнат инвестициски циклус и менување на ‘мајндсетот’ на компаниите за да дојдат до некаква помош, но притоа таа да се базира на резултати, наспроти на влезните елементи. Таков сет на мерки има преку Законот за поддршка на инвестиции. Но, мерењето на ефектите не се прави веднаш, туку по одреден временски период и како основа не се зема првата година. Затоа не се колебам да кажам дека ефектите ќе ги видиме на среден и на долг рок“, вели вицепремиерот Фатмир Битиќи.

Фатмир Битиќи: Не е проблемот дали ќе ја објавиме листата колку пари зела некоја компанија. Нас треба да не интересира што тие средства произвеле, кој е ефектот. Во подготовка е единствен регистер на државна помош

Тој на економскиот форум посветен на ефектите на државната помош рече дека во трите години колку што се применува Законот за финансиска поддршка на инвестиции, биле поделени вкупно 62 милиони евра како субвенција или поттик и поддршка на инвестициите, за инвестициски циклус од 460 милиони евра или вкупно биле поддржани 759 компании со над 40 илјади работни места.

„Овде не ги вклучуваме ТИРЗ, затоа што има посебен закон кој ги поддржува компаниите кои што влегуваат во технолошко индустриските развојни зони. Ги гледаме сите други“, истакна Битиќи.

Тој објаснува дека една од целите на Планот за економски раст е да се овозможат еднакви можности и пристап до финансиски средства на сите деловни субјекти кои реализираат инвестиции во производство, без оглед на големина, индустрија, потекло на капитал… И второ, да се зголеми вработеноста, да се модернизира производството, истражувањето и развојот, да ја подобри конкурентноста, да овозможи подобро платени работни места. Вицепремиерот Битиќи се согласува дека Законот за финансиска поддршка на инвестициите треба да се реформира во одредени сегменти.

„Годинава направивме неколку исчекори – еден е мерката за рамномерен регионален развој, односно ги поттикнуваме компаниите инвестициите да ги направат надвор од развиените региони и за тоа ќе дадеме дополнителен процент на поддршка“, вели тој.

Втората измена беше прилагодување на ситуацијата поради влијанието на пандемијата врз работењето на фирмите, па се поддржаа компаниите кои инвестираа и во услови на криза.

Третата мерка е поддршка на човечкиот капитал, со што и овој закон станува конзистентен со пристапот на Дирекцијата на ТИРЗ во однос на обуките и доквалификациите.

„Тоа ќе биде клучниот исчекор во постковид периодот. И овие компании ќе ги поддржиме процентуално финансиски“, вели Битиќи.

Една од најзначајните новини е поголемата транспарентност при доделувањето на државната помош, како и следењето на ефектите од неа.

„Не е проблемот дали ќе ја објавиме листата колку пари зела некоја компанија, односно инпутот. Нас треба да не интересира што тие средства произвеле, кој е ефектот“, вели тој додавајќи дека во јануари годинава почнале да работат со Светска банка за изработка на регистер за државна помош и веќе е креиран моделот.

„Со ова ќе одговориме на препораките што ги добиваме во сите извештаи за напредокот од Европската комисија дека немаме единствен регистер на државна помош“, вели Битиќи.

До крајот на годинава треба да биде познато решението за единствен регистер на државна помош, а се оди и чекор понатаму, а тоа е дека ќе се дигитализираат сите 11 инструменти за државна помош кои што ги креираат преку 11 државни институции.

„Тоа значи следење од првиот момент на информирање, аплицирање и давање на помошта, како и следење на ефектите од државната помош, вели Битиќи. Проектот ќе се тестира во 2022 година со цел на 01.01 2023 да профункционира ‘no paper’, за добивање државна помош по принцип на еднаков третман и еднакви можности. „За да не биде сево ова залудно го започнавме и следниот процес за креирање на долгорочната стратегија на развој на нашата држава, односно Националната развојна стратегија 2021 – 2041 година“, вели Битиќи.