Како до подобри изборни циклуси?
Во помалку од година и половина, македонските граѓани трипати излегоа на избори – за претседател, за пратеници и за локалната власт. Додека за граѓаните изборите беа можност да го остварат своето демократско право, за институциите и независните учесници тие отворија правни и организациски предизвици. И меѓународните набљудувачи повторно укажаа на потребата од подобрување на изборната рамка.
Во изминатите две децении, Изборниот законик е изменет повеќе од 30 пати, најчесто реактивно и непосредно пред избори. Оваа практика создава правна несигурност, отвора простор за недоследности и ја отежнува работата на институциите што ги спроведуваат и надгледуваат изборите.
Во контекст на најавите за подготовка на ново законско решение, Институтот за демократија излезе со документ за јавни политики „Кон подобри изборни циклуси: Предлози за квалитетно унапредување на изборното законодавство“.Документот ги истакнува следните клучни препораки:
-Вклучување на сите засегнати страни во процесот во подготовката на измените – покрај политичките партии, и независните кандидати и движења, граѓанските организации, медиумите и меѓународните експерти од ОБСЕ/ОДИХР;
-Обезбедување фер услови за независните кандидати, особено во однос на бројот на потписи и пристапот до изборниот процес;
-Ревидирање на моделот за распределба на средства и простор за политичко рекламирање, кој во моментот ги фаворизира најголемите партии;
-Унапредување на правилата за рекламирање и известување на онлајн порталите и социјалните мрежи;
-Воведување обврска за електронско поднесување на финансиските извештаи до надзорните институции;
Иако меѓународните препораки за изборни реформи упатуваат тие да се иницираат
веднаш по завршувањето на изборите, и да се финализираат најмалку една година
пред следниот изборен циклус, македонската пракса покажува дека измените најчесто
се прават реактивно и непосредно пред изборите.
„Ваквиот начин на интервенирање во изборното законодавство е проблематично затоа
што остава простор за бројни правни празнини, кои подоцна претставуваат предизвик
за работењето на изборните институции, но и за учеството на независните кандидати
во изборните процеси. Избрзано и неинклузивно носење на законски измени ја
ограничува можноста на институциите навремено да се прилагодат и укажат на
евентуални недостатоци или недоследности, што создава ризик од грешки при
спроведувањето на изборите. Како резултат на тоа, се поткопуваат јавната доверба и
легитимитетот на изборниот процес, а измените се доживуваат како непромислени и
диктирани од моменталните политички интереси, оценува Институтот за демократија.
Според оваа невладина организација по завршувањето на локалните избори претседателот на Собранието, Африм Гаши,најавил формирање работна група за новиот Закон со претставници од сите пратенички групи.
„Партиите ги номинираа своите претставници но се уште останува нејасно кој,
покрај пратениците, ќе учествува во таа работна група. Дополнително, не е јасно дали
станува збор за продолжување на работата на претходната работна група при
Министерството за правда, ниту дали процесот ќе резултира со измени на постојниот
закон или со изработка на целосно ново законско решение. Доколку и овој пат
политичките актери се договорат сами, игнорирајќи ја потребата од широка дебата и
општествен консензус, ќе продолжиме да ги повторуваме истите грешки и да останеме
заробени во кругот на нерешени проблеми кои неизбежно ќе се појават уште во
следниот изборен циклус“, порачува Институтот.
Околу рекламирањето Социетас Цивилис наведува дека се се погласни барањата, вклучително и од страна на државните институции, за целосно укинување на рекламирањето со државни средства, поради постоење на корупциски ризици и идното влијание на политичките партии врз уредувачката политика на медиумите.
„Доколку се задржи изборното финансирање, треба да се ревидира и зголеми уделот на средства и рекламниот простор за помалите партии и независните кандидати, кои во моментот добиваат само 3% од распределбата. Независните кандидати и движења, поради отсуство на редовно државно финансирање, можат да се потпрат само на донации за своето функционирање и учество на изборите, што дополнително ја зголемува нееднаквоста во изборниот процес.“, стои во анализата.
Исто така се оценува дека послкедните измени во однос на финансирањето на изборните кампањи ја намалиле место да ја зголемат транспарентноста.
„Со измените на Член 84 во 2024 година се укина обврската за поднесување финансиски
извештај со спецификација на приходи и расходи на 11-тиот ден од изборната кампања
и еден ден по завршување на кампањата. Новите правила предвидуваат само пријава
на примени донации, што за разлика од претходното решение ја оневозможува
тековната контрола и рана детекција на потенцијални злоупотреби. Затоа, потребно е
враќање на претходната обврска за тековно и детално финансиско известување за
време на кампањата, со цел зајакнување на транспарентноста на изборниот процес“, порачуваат од Социетас Цивилис.