Како да се спречи насилство меѓу врсниците, трибина во Кавадарци


Потребен е посериозен мултидисциплинарен пристап од институциите на системот за справување со насилството меѓу врсниците, беше истакнатао на трибината посветена на оваа тема која синоќа се реализираше во Кавадарци со учество на вработени во образованието и на родители.

Од име на организаторите Весна Ѓорѓиева во изјава за медиумите рече дека се одлучиле за една ваква тема, бидејќи врсничкото насилство е многу присутно меѓу младите, посебно кај помалите врсници.

На трибината говореше Весна Дамчевска Илиевска, магистер психолог, сега пратеник во Парламентот, претходно психолог во основно образование и директор на училиште. Таа нагласи дека е потребно да се подигне свесноста за важноста, за пристапот кој треба да се има од страна на возрасните кон младите.

-Да се поттикне еден посериозен мултидисциплинарен пристап од институциите на системот. Да се најде моделот, со кој ќе се поттикнат младите кон нови облици на однесување, со кои ќе се спречи насилството што е евидентно и секојдневно го среќаваме во сите училишта и во опкружувањето. Нашата идеја е, со вакви трибини, да отвориме поширок дијалог, да се вклучат и други стручни луѓе, да разговараме кои се можности постојат во општеството, кои се ресурсите, со кои ќе можеме да влијаеме на подобрување на состојбата. Од една страна да направиме спречување, од друга страна да превенираме. Да растат младите во една безбедна животна средина, да умеат да комуницираат меѓу себе, нагласи Дамчевска Илиевска.

Истовремено, додаде таа, да се запрашаат и родителите што се случува во семејството, што се случува во училиштето, колку тие имаат вложено напор за да се направи нешто подобро, кога е во прашање врсничкото насилство, за децата да не ја чувствуваат таа агресивност и да не ја исфрлаат врз своите врсници.

Присутните имаа можност и да прашуваат и да дискутираат на темата.