Како да се негуваме во корона-криза : Магдалена Медичи има совети за домашни услови


Лејла Сабит 

Во услови на корона-криза е задолжителна хидратација на лицето- со производите кои ги имаме на располагање, а шминката да се сведе на минимум.

Какви креми за лице да користите ако по цел ден носите медицински маски, кои трикови со шминката ќе го освежат вашето лице, и кои третмани го деформираат лицето по долго користење, во интервјуто за nezavisen.mk открива Магдалена Медичи, (фб / Magi Medici , и инста maggiemedici) со 15-годишно искуство во областа на козметиката и шминката, сертифициран шминкер со завршена интернационална Академија за филмска шминка и специјални ефекти на лиценцираната германска Академија Kryolan во Солун и едукатор за шминка и козметика на познати козметички брендови во Македонија и во Американската академија за дипломатски протокол во Скопје.

Како жената да се негува во корона-криза?

-Со оглед на тоа што во моментов е стопирана секоја активност па сите сме во иста ситуација каде немаме можност, а имаме потреба од нега на кожата, јас секогаш препорачувам домашна нега со производите кои ги имаме на располагање. Дел од нив што ги користиме во секојдневието (креми,серуми и сл) , и дел од природните намирници кои ги имаме дома па со малку знаење можеме да ги искористиме и да најдеме одличен бенефит од нив.

Како кожата на лицето да се хидрира?

-Хидратацијата е најважна кога станува збор за нега на било кој тип кожа. Независно дали е масна или претерано сува и осетлива, хидратацијата секогаш мора да ја одржуваме на највисоко можно ниво. Јас препорачувам креми за хидратација секој ден пред нанесување на шминка како основа, и навечер крема според возраста и потребата, а во вакви домашни услови, ако ни треба замена, да користиме кокосово масло (кое не масти туку хидрира) и било кој тип гел на база на Алое Вера доколку постои некоја иритација. Ова е особено потребно кај лицата кои во текот на целиот ден носат медицинска маска што ја оштетува и иритира кожата на лицето. Тука спаѓаат медицинските работници, фармацевтите, продавачите во маркети и сл. За нив моја препорака покрај алоето е и крема на база на невен за да ги санира иритациите на кожата.

Иако шминката сега во домашни услови е сведена на минимум, кои правила треба да се почитуваат?

-Јас секогаш препорачувам дома да не се користи шминка, за да може лицето да се одмори, но ако веќе имаат желба да се нашминкаат , доволно е малку коректор под очите, и  малку маскара. Крема за околу очи пред коректорот. Хидратантната крема е задолжителна.

Во услови на општа паника и страв, кога здравјето е на прво место, како да се реагира на фактот дека козметичките салони и фризерниците се најбарани, како култура на живеење на секоја жена? 

-Во овие вонредни услови мислам дека највеќе проблем имаат оние на кои им треба бојадисување на косата и депилација, па најдобро според мене е да се консултираат со својот фризер, каква боја да купат и да се бојадисаат самите дома додека не се врати се во нормала, а во однос на депилацијата, секој се снаоѓа како знае и умее .

Како експерт за шминка, кои трикови треба жената да ги знае во секое време ?

-Секогаш тврдам дека за шминката да изгледа совршено потребна е квалитетна нега на кожа. Ниедна шминка и пудра не изгледа убаво ако кожата не е негувана. Затоа препорачувам да се избегнува камена пудра на цело лице, да се користи течна пудра во согласност со типот на кожата и да не се претерува со шминка на очите доколку не сме сигурни во вештините што ги поседуваме. Но сепак за мене отсекогаш омилен трик за свежина на кожата на лицето е руменилото, и секогаш ќе остане на прво место.

Има ли правила во однос на професија, години, годишно време и стил на облекување?

-Да ! Секогаш треба да се внимава со шминката кога станува збор за одредена професија и години. На пример, доколку работите во некоја сериозна компанија ии корпорација, шминката треба да ви е дискретна, и да се даде акцент на очите или усните (но не премногу), а највеќе да се внимава на тенот-пудрата. Таа не смее да е пресветла или претемна,и премногу да двои од бојата на вратот. Што се однесува до годините, најмногу ми пречи кога жени во средни години претеруваат со шминка. Многу пудра, тешка шминка на  очи, кармини над усните,големи вештачки трепки и сл. Мора да сфатиме дека колку сме постари току помалку шминка бара лицето, затоа што доколку зрелата кожа е пренатрупана со шминка, делува уште постара, и сите брчки, линии и пори се повидливи, а не обратно.

Како најправилно се вади шминката пред спиење?

-На моите предавања секогаш прво што посочувам е да не се користат влажни марамчиња, а доколку се користат , да се измие кожата после нив. Тие хемикалии ја оштетуваат кожата и ја тенчат. Шминката ја вадиме со крема за чистење, масло или гел (крема за сува, масло за нормална и сува, и гел за комбинирана до масна кожа), потоа нежно нанесуваме тоник, серум на цело лице, крема за околу очи и ноќна крема против стареење. Еднаш до два пати неделно препорачиво е и нежен ексфолијант на лицето.

Дали секојдневното ставање на пудра ѝ штети на кожата или е заблуда?

-Да, штети, меѓутоа доколку пудрата не одговара на типот на нашата кожа. Иако не ја оштетува премногу, дури и ја штити од надворешни влијанија, сепак треба да ја отстраниме веднаш по враќањето дома. Многу од моите млади клиенти што доаѓаат на третмани на лице, се мрзеливи и не ја вадат, па спијат со пудра, и борби водиме додека се научиме дека чистење на лице е исто толку неопходно колку миење на заби.

Кога треба да се започне со нега против стареење и што е неопходно да се заштитиме од штетните сончеви зраци кои предизвикуваат оптетување на лицето?

-Со креми против стареење треба да се започне веќе од 25-тата година, за први брчки, додека не станале видливи на површината на кожата. Откога ќе се појават, многу потешко скоро невозможно е санирањето . Секојдневно и на лето и на зима, да се користи заштитен фактор. Зимно време најмалку 25 СПФ, а на лето 50 СПФ.

Моја теорија е дека: Она што го инвестираме во нега на кожата во младоста, го гледаме во зрелоста/староста. Не може ретроактивно да се делува и тоа да биде со голем успех. Алтернатива е ботокс и филери, на кои јас лично не сум голем љубител. Сметам дека го деформираат лицето по долго користење.

Кои техники на шминкање се најнови во светот на козметиката?

-Пред некоја година излегоа некои нови производи за контурирање на лицето кои ги наметнаа како техника, иако контурирањето не е ништо ново, само што не сме го правеле со специјален производ туку сме комбинирале темни и светли пудри. Начинот е ист. но јас не го сакам агресивното контурирање затоа што тој вид шминка убаво изгледа само на обработена фотографија, а во живо е “страшно” ! Сменета е само модата во шминката. Сега акцентот се става повеќе на веѓите .Свеж изглед на кожата, минимална шминка на очите, дискретни (вештачки) трепки, и сјајни усни, се оваа година актуелни. Затоа велам дека нема некои посебни нови техники на шминка, сменет е само интензитетот.

Има ли разлика меѓу евтина и скапа шминка?

-Секако дека има. Исто како и меѓу евтина и скапа крема за лице. Особено има разлика кај пудрите и сенките за очи. Со другите производи за шминка може и да се експериментира, и да се најдат квалитетни а евтини производи, но пудрите и сенките многу повеќе се задржуваат на кожата ако се со висок квалитет и вистински состојки кои ја негуваат кожата и делуваат против стареење.

Кои се твоите козметички ритуали сега?

-Во однос на нега на кожата е исто како и претходно. Јас сум фанатик за медицинска нега на кожата. Секојдневно користам различни производи, ампули, хартиени маски два пати неделно, ексфолијантни и серуми, редовно креми за ден и ноќ, тоници и креми за очи, а знам да направам и понекоја домашна маска за мојата сува кожа, која се состои од: мед, маслиново масло, малку кокосово и капка две бадемово масло. Ја препорачувам за секоја зрела кожа, исто така.

Која е твојата порака за нужноста од самоизолација како мерка за спречување на ширењето на заразата со коронавирус?

-Иако мојата работа многу трпи, периодов работам само хуманитарно онлајн , со моите клиенти и сите што имаат доверба, па им помагам со козметички совети во домашни услови, додека не се сретнеме во живо. Сепак искрено се залагам за целосна заштита на населението, и апелирам секогаш кога можам и кога треба сите да се внимателни, затоа што сум свесна дека доколку не ги почитуваме мерките и не се заштитиме самите, оваа “сага” ќе трае многу подолго од што очекуваме и ќе заврши трагично за многу луѓе. Покрај ризичното здравје, тука се и психичката растроеност и колабираната економија кои не очекуваат.