Како да се изгаси пожар на електрично возило? Не е толку едноставно како што се мисли
Сè повеќето електрични возила на патиштата неизбежно води до сè повеќе несреќи во кои се вклучени такви возила. И тука не станува збор само за целосно електрични возила, како што се автомобили или електрични скутери и велосипеди, туку и хибридни возила, кои освен електричен имаат и класичен погон.
Меѓутоа, проблемот со кој се соочуваат пожарникарите во последните години е – како да се изгаснат ваквите пожари? За разлика од пожарите кај возилата на бензин или дизел, пожарите на електричните возила вклучуваат големи литиум-јонски батерии кои не е толку лесно да се изгаснат.
Зошто батериите толку тешко се гасат? Одговорот не е толку едноставен. Всушност, повеќето од големите батерии во електричните возила се состојат од многу ќелии кои се меѓусебно поврзани и ставени во водонепропустлива, огноотпорна кутија. Тоа значи дека доколку избие пожар во друг дел од возилото, батеријата не треба да биде загрозена. Не треба, бидејќи вистинскиот проблем настанува доколку се запали една од ќелиите во самата батерија.
Поради својата конструкција и хемиските реакции кои се случуваат во нив, секоја мала ќелија е всушност мал експлозив кој произведува неверојатно количество гас и топлина во рок од неколку десетини од секундата. Егзотермичката реакција што се јавува не бара кислород за да продолжи да гори, а штом експлодира една ќелија, домино ефектот се пренесува на другите.
Со оглед на брзината со која се случува тоа, оној кој сака да го изгасне пожарот нема многу избор. Не е можно самиот оган да се изгасне во внатрешноста на ќелиите, туку потребно е да се запре преносот на топлина на околните материјали со директно ладење. А за тоа е потребна ладна вода. Многу ладна вода. Според некои проценки на пожарникарите, потребни се 11.000 литри вода за да се изгасне една батерија во електричен автомобил. Само за споредба, една противпожарна цистерна има волумен од 2.000 до 2.500 литри вода.
Затоа, пожарникарите можат да го изгаснат пожарот на батеријата само ако се приближат доволно брзо и доволно блиску до почетокот на пожарот, кога батеријата сè уште може да се одвои од самиот оган. Имено, пожарникарите потоа можат да ја исклучат батеријата преку прекинувачи или со сечење на каблите, за автомобилот да не биде под напон.
Со оглед на тоа дека батериите можат да горат два дена, нивното гаснење со вода не е најефикасен начин. Дури и кога главниот пожар е изгаснат, потребно е батеријата да се лади со часови за да не се обнови пожарот. Затоа пожарникарите, доколку имаат можност, го користат специјализираниот агенс Ф-500 (вид повеќенаменско средство за заштита на животната средина и високо ефективно средство за гаснење, згора на тоа се нарекува и средство за ладење, овлажнител, средство за чистење , средство за отстранување чад и прашина, средство за контрола на истекување).
Понекогаш, признаваат пожарникарите, најдобро и наједноставно решение е да оставите да изгори.
Ако кутијата на батериите е недопрена и огнот не се шири понатаму, најдобро би било едноставно да почекате да изгори батеријата и потоа да го изгаснете остатокот од пожарот. Секако, треба да се внимава пожарот да не се прошири на околината, другите автомобили и слично.
Возачите на електрични возила можат да играат голема улога во помагањето на пожарникарите побрзо и полесно да гаснат пожари доколку добро го познаваат своето возило и се доволно трезвени за да им ги дадат на пожарникарите потребните информации. Исто така, ако нивното возило има прекинувач за итно исклучување на струја, би било добра идеја да знаат каде е и, доколку можат, или сами да го притиснат или да ја насочат противпожарната служба до местото каде што е.