Како да се добие Белата куќа: Осум држави ќе ги одлучат изборите

На претседателот Трамп му снемува време да ја промени својата судбина во овие клучни држави во изборната трка

 

Доналд Трамп создава јаз меѓу жените во предградијата, ја губи поддршката кај постарите граѓани и се соочува со бран рани гласања на демократите.

На две недели до 3 ноември, Трамп се соочува со застрашувачки предизвик за повторен избор што е најголем за кој било актуелен претседател во четврт век.

Во повеќето предизборни прогнози се предвидува победа на Џо Бајден. Тој исто така има големо водство на националните анкети – 10 процентни поени, според просекот на анкетите на RealClearPolitics. И во осумте држави кои се критични боишта – Аризона, Флорида, Џорџија, Мичиген, Минесота, Северна Каролина, Пенсилванија и Висконсин – Бајден има предност во сите, освен во една од нив.

Изборот на овие држави се заснова на различни фактори – анкетирање, демографија, минати и неодамнешни изборни истории, регистрација на гласачи, интервјуа со државни и локални партиски претставници, стратези и анкетари. Индивидуалните кампањи исто така ги открија местата каде им се дава приоритет преку екипирање, алокација на ресурси, ТВ и радио рекламирање и посети на кандидати.

Претседателот треба да ги зголеми своите перформанси со руралните гласачи, да ја запре неговата ерозија во предградијата и да ја поттикне белата работничка класа која остана дома во 2016 година да излезе да гласа. На Бајден му треба голем одѕив во големите градови – особено меѓу афро-амедриканските гласачи – да го зголеми неговиот удел меѓу латино-гласачите и да поврати некои од местата што се свртеа кон Трамп откако двапати гласаа за претседателот Барак Обама.

И покрај тоа што е рано да се каже колку секој бил успешен во исполнувањето на овие цели, се чини дека едно е јасно – Трамп не успеа да ја сврти среќата во предградијата, особено кај жените.

„Искрено, сите мајки што ги познавам, ние сме навистина нервозни за нашите деца, каква иднина ќе имаат. А Трамп е тој што нѐ прави нервозни“, вели една жена во предградието на округот Ливингстон.

Републиканците не се целосно убедени дека ситуацијата на Трамп е тешка. Иако ги признаваат пречките за неговиот реизбор, тие бргу го истакнуваат еден видлив факт: Трамп заостануваше и во анкетите во многу држави на бојното поле во овој момент во 2016 година, за да ги добие тесно на денот на изборите. Тие известуваат за голем ентузијазам во рамките на републиканската база и длабока поддршка за претседателот во рурална Америка – поддршка што не е зафатена од анкетите, велат тие

Еве поглед на осумте држави што ќе ги одлучат изборите на 3 ноември:

 

АРИЗОНА, 11 електорски гласови, Бајден води со +2

Во Аризона, справувањето со пандемијата на Доналд Трамп се покажа скапо, оставајќи го да се бори да го повтори на неговиот учинок во 2016 година меѓу оние над 65 години. Анкетите во октомври покажуваат дека Бајден ја зема поддршката на Трамп меѓу постарите бели гласачи, особено меѓу некогашните републиканци од постарата популација во многу населената област Марикопа.

 

ФЛОРИДА, 29 електорски гласови, Бајден води со +3

Републиканците обично имаат мала предност при враќањето на гласачките ливчиња за отсутни на изборите во Флорида. Но, оваа година, за прв пат во оваа фаза од општите избори, демократите тука ги надминуваат републиканците – и со огромна разлика. Невидените бројки за предвремено гласање ги електрифицираа демократите, но ветераните од кампањата предупредуваат дека на денот на изборите доаѓа бран гласови на Републиканците.

 

ЏОРЏИЈА, 16 електорски гласови, Трамп води со +1

Најголем дел од вниманието во Џорџија оваа година е насочено кон населените предградија на Атланта, кои се свртеа сериозно против републиканците во ерата на Трамп, но резултатот може да го одлучи силата за која малку се зборува во оваа држава: бели рурални гласачи. И Доналд Трамп има простор да ја зголеми својата поддршка таму.

 

МИЧИГЕН, 16 електорски гласови, Бајден води со +6

Сите три држави од Појасот на ‘рѓата кои Трамп неверојатно ги доби во 2016 година – Мичиген, Пенсилванија и Висконсин – се проблематични за претседателот оваа година. Но, Мичиген е местото каде што работите изгледаат најтемни. Неговата поддршка е намалена кај белата работничка класа. Изгледа дека излезеноста на црнците сигурно ќе се врати по немилиот резултат во 2016 година. Новите закони што дозволуваат предвремено гласање и гласање без изговори за отсуство се очекува да го истуркаат учеството на гласачите на историски нивоа, а демократите да имаат корист од ова а мичигенците да ги преплават избирачките места.

 

МИНЕСОТА, 19 електорски гласови, Бајден води со +9

Доналд Трамп се фиксираше на Минесота по неговиот тесен пораз од Хилари Клинтон таму пред четири години. Но, тој не се натпреварува толку добро со белите гласачи и независните како во 2016 година. И на помалку од еден месец до изборите, неговите изгледи се замрачуваат.

 

СЕВЕРНА КАРОЛИНА, 15 електорски гласови, Бајден води со +2

Она што се случува во брзорастечките окрузи Мекленбург и Вејк, ќе го обликува политичкиот пејзаж долго по ноември. Двате окрузи, убедливо најнаселените во државата, се очекува да играат одлучувачка улога во претседателската трка, тесната трка за Сенатот и натпреварот за гувернер.

 

ПЕНСИЛВАНИЈА, 20 електорски гласови, Бајден води +6

Неколку месеци ова лето, работите се движеа во вистинската насока за Доналд Трамп во Пенсилванија. Помеѓу јули и септември, претседателот го намали водството на Џо Бајден на половина. Но, од тогаш, напредокот на Трамп е во застој, дури и назадува: Бајден сега е во пораст за речиси 7 поени, според просекот на анкетите. Несигурното лидерство на претседателот во корона кризата е клучна причина за падот.

 

ВИСКОНСИН, 10 електорски гласови, Бајден води со +6

Спојот на настаните во текот на минатиот месец – се чини дека сите ги фаворизираат демократите – ја смени динамиката на ова бојно поле на Појасот на ’рѓата. Висконсин влезе во најлошата фаза со Ковид-19 од почетокот на пандемијата, потсетувајќи ги гласачите на нерамномерниот одговор од администрацијата на Трамп, како и на раните обиди на претседателот да ја отфрли сериозноста на вирусот. На кандидатот на Зелената партија не му беше дозволено да биде на гласачкото ливче – бришејќи ја можноста за одлевање на гласовите што придонесе за пораз на Хилари Клинтон во 2016 година. И сè повеќе се зголемуваат знаците дека клучните изборни единици кои му требаат на Доналд Трамп за да го порази Бајден, вклучително и приградските и оние променливите, се оддалечуваат од него.