Како да се „бие“ млекото – манифестација во Прилеп


 

ПРИЛЕП – Во центарот на Прилеп, кај градскиот саат денеска ќе се одржува манифестација „Млеко 2022“ за промоција, презентација на домашното млекопроизводство, на млечните производи, проследено со дискусии за исплатливоста и начинот на производството и развојот на младите сточари, производители и семејни фарми. Манифестацијата е под мотото „Како да се ‘бие’ млекото?“ Организатор е „Слоу Фуд Прилеп“ со поддршка од националната организација „Слоу Фуд Македонија“ и со поддршка на Министерството за земјоделство и на општина Прилеп.

Ова е биенален настан, посветен на автохтоните млекодајни раси на домашни животни и млечни производи произведувани на семејните фарми, бачила, мандри и мали производства. Ова четврто издание (двапати во Скопје и еднаш во Битола) е со цел преку примерот на автентичното биено сирење кое ги отсликува нашата традиција и историја, да отвори дебата за важните прашања околу иднината на нашето сточарство и на млекарството.

На манифестацијата ќе присуствуваат сточари, млекари, мандраџии, експерти, претставници на институции, студенти и активисти од здруженија и сите оние што сакаат да им се слушне гласот, да презентираат и да уживаат во веселата дружба  и во различноста на вкусовите. Програмата на „Млеко 2022“ ќе понуди изложба и пазар на сирења и на други производи од преку 25 производители, панел дискусии, изложби, детско едукативно катче, културно-уметничка програма. Ова е можност да им се даде видливост на младите млекари, малите семејни сточарски фарми и нивните се повеќе уникатни сирења и млечни производи.

Манифестацијата ќе трае од 10 па до 18 часот. Ќе почне со изложба и пазар на млечни и други производи, а ќе заврши со изложба на млекарска опрема и со музичка програма. (МИА)