Како да препознаеш шовинист


РУМЕНА БУЖАРОВСКА

Не е чудно што во екот на оваа пандемија од сексуално насилство на површина излегуваат арогантните, агресивни гласови на шовинистите

 

Во моментов регионот доживува своевиден #metoo миг. Поттикнати од ужасното сведоштво на Милена Радуловиќ во Србија, земјите од поранешна Југославија ги потресоа сведоштва за сексуални малтретирања, кои прво тргнаа од факултетите за драмски уметности, се проширија општо на универзитетите, а сега опфаќаат сведоштва од сите сфери на живеењето. Движењето #нисамтражила е едно од најболните и најосвестувачките феномени што му се случиле на нашето општество, од кое за среќа, нема враќање назад.

Истовремено кај нас повторно (по цела година игнорирање на проблемот од страна на институциите) се отвори прашањето за групата на Телеграм „Јавна соба“, што поради притисокот на јавноста заврши со затворање на групата (иако се појавуваат нови и проблемот не е решен) и четири апсења. Во меѓувреме наставник по џудо беше уапсен поради сексуална злоупотреба на неговите малолетни ученички (законски еуфемистично наречено „обљуба“, небаре се работи за некаква љубов).

Не е чудно што во екот на оваа пандемија од сексуално насилство на површина излегуваат арогантните, агресивни гласови на шовинистите, кои во Македонија ги има да ги ринеш со лопати. Токму темата на родовата наееднаквост многу ги вознемирува шовинистите и ги тера грчевито да се борат со цел да ги вратат жените во подредена положба и да продолжат со своето вербално и физичко насилство.

Проблемот е што често тие шовинисти се наши пријатели и познаници, и што поради нашата блискост со нив, или поради тоа што сме ги перцепирале како „нормални“ во однос на други прашања, тешко е да се соочиме со фактот дека се просто тоа – шовинисти. Со таа цел еве еден список на чести „аргументи“, изрази или оправдувања кои ги користат шовинистите, за нивно полесно препознавање. Овде ги исклучувам најочигледните шовинистички испади, како на пример „зошто не пријавила“, „што чекала досега“ и „сама си го барала“.

 

„НЕ САМО МАШКИТЕ, ТУКУ И ДЕВОЈЧИЊАТА“ е најчестиот релативизаторски шовинистички аргумент кој беше најочигледен деновиве откако се појави паролата (одамна позната на запад) „заштити ја ќерка ти – едуцирај го син ти“. Ова е многу едноставно за разбирање, ако не сте шовинист. Патријархалното општество одговорноста за насилството ја сведува на девојчињата. Па така, ако девојка пратила разголена фотографија од себеси приватно на некое момче и потоа тој ја злоупотребил таа фотографија, таа е „тешка глупача“ (да ги употребам зборовите на еден новинар-шовинист), или ако излегла ноќе во темна улица без придружба и била нападната, исто самата е крива или глупава. Се разбира, ова не важи за момчињата кои не се плашат дека нивните „дикпикс“ што ги праќаат кај стигнат ќе бидат објавени јавно, ниту пак имаат проблем со излегување сами ноќе. Па така, оваа парола укажува на фактот дека проблемот и одговорноста е во насилното воспитување на момчињата. Едуцирајте ги нив и проблемот на насилството ќе исчезне.

Но шовинистите скокнаа: и девојчињата требало да бидат едуцирани! Навистина?! Во култура каде што малите машки деца ги прашувате „расте ли курето“, а на девојчињата им урлате да седат со споени нозе и ги воспитувате со „немој“ и „пази“, ставивме знак еднакво помеѓу едукацијата на машките и девојчињата? Па девојчињата, ако не сте забележале, се веќе воспитани и едуцирани. Толку се едуцирани, што се научени да молчат и да се кријат за да не бидат напаѓани. Проблемот е во едукацијата на момчињата и секое префрлање на вината на девојчињата е чист шовинизам.  Па така, многу е просто: го учите синот да не ги гледа девојчињата како објекти и дека не е нормално да ги фаќа по газ, да ги тегне за коса и да ги тепа кога му се допаѓаат.

 

Би сакала да издвојам уште една честа фраза која спаѓа во истата категорија, а таа е „ЖЕНСКИТЕ ТРЕБА ДА УЧАТ КАРАТЕ”, што повторно ја сведува одговорноста на жените да се заштитат од машките насилници (фантазија а-ла Квентин Тарантино, во кое некое едно изолирано лошо машко си го добива од згодната женска). На страна тоа што проблемот треба да се реши кај насилникот, а не да се бара решението кај жртвата, не може секој да учи карате, а и ако се запишеш на џудо не можеш да гарантираш дека наставникот нема да е сексуален насилник (се осврнувам на случајот во Прилеп).

 

„ВИДИЈАСДАТИКАЖАМ, ЈАС СУМ РЕАЛИСТ“ е чест „аргумент“ на шовинистот, и најчесто е тип на мажјаснување. Тука шовинистот се поставува „над ситуацијата“ и често на феминистките им мажјаснува дека тие не се реални, дека тие нешто не разбираат и дека се наивни. На жените оваа тактика не им е непозната: тие често се инфантилизираат или се претставуваат како луди, нерационални или неспособни да ја видат реалната состојба (феномен познат како „gaslighting“), со цел им се дискредитира ставот и мислењето. Така што господинот Видијасдатикажам Реалист е дел од ваквите шовинисти што ќе ви мажјасни дека тој најдобро владее со реалната ситуација и со реалниот свет во кој владеат сурови правила. Во тој свет, ќе ви каже ваквиот мажјаснувач, ако жената праќа голи фотографии од сопственото тело во приватни пораки, или ако шета сама ноќе, таа е „тешка глупача“ (господинот новинар-шовинист што го цитирам исто така се претстави како ваков реалист). Ваквите реалисти ќе ви кажат дека светот мора да игра по правилата на насилството, зашто тоа да ти била реалноста, па следствено и тие ќе ги учат своите (кутри) ќерки на такви правила.

 

ПРЕСТАНЕТЕ ДА ДЕЛИТЕ НА МАШКИ И НА ЖЕНСКИ”, оди во пакет заедно со други патетични флоскули а-ла Коељо како на пример, „јас не правам разлика меѓу маж или жена, јас гледам само дали некој е човек“. Од ваквите лимонадести упростувања на општествените динамики и врски посебно ми се гади. Сексуалното насилство е системски родов проблем, и од тоа не може да се избега кога насилството се опишува или дефинира: на пример, 91% од жртвите на силување се жени (статистика од САД), 94% од сторителите на семејно насилство се мажи (домашна статистика според МВР), 91% сторители на криминал во земјава се мажи (Државен завод за статистика)… Игнорирањето на истражувањата и фактичките податоци не е ништо освен шовинистички чин: шовинистот, тврдејќи дека е „хуманист“ и затоа поголем човек од другите, всушност поддржува и промовира понатамошно продлабочување на насилството.

 

„АМА ЈАС…“ или „НЕ СИТЕ МАЖИ“ е егоистички шовинистички испад најчесто потегнат од суетната позиција на еден маж што се наоѓа лично повреден од дискусиите за сексуалното насилство. Тоа „јас“ на ваквите мажи ставено во ист родов кош со мажите што вршат сексуалното насилство е многу кревко, и неговите кутрички чувства многу лесно се повредуваат. Повредените чувства на овие мажи што инсистираат по секоја статистика или исказ да се кажува „не сите мажи“ се многу побитни од сексуалното насилство што го доживеале сите жени во својот живот на еден или на друг начин. Егото на овој „ама јас не сум таков“ маж постојано бара да биде лично изземено од сите приказни, и притоа, не ги слуша и секако не сочувствува со овие ужасни сведоштва на насилство и силување. Нормално, тоа „јас“ е многу побитно од стотиците истрауматизирани жртви на сексуално насилство. Ваквиот човек, што инсистира само на себеси и еден системски вековен проблем го гледа низ призмата на сопственото јас не е ништо друго освен шовинист.

 

„ЈАС НЕ ПОЗНАВАМ ТАКВИ ЛУЃЕ” е сличен таков „аргумент“, најчесто искажан од страна на мажи кога слушаат приказни за тоа како девојки биле малтретирани на улица, во јавен превоз, на работа. „Па кои се тие мажи што ги прават тие работи? Ете јас не ги познавам!“ ќе ви каже шовинистот, со што повторно ја побива вашата реалност. За него, таа не постои, зашто наводно не знае луѓе што сексуално малтретирале. Еден ваков мој пријател-шовинист еднаш ми се налути дека му го растурив комфорот бидејќи му споделив како изгледа излегувањето ноќе на една жена и му раскажав што ми се случило само последниот пат кога со другарка ми се прошетавме во 21.00 низ Центар. Неговиот комфор беше побитен од нашиот целоживотен страв. „Јас не познавам такви луѓе“, ми рече – а патем, истиот тој човек пред 15 години ми купи солзавец за заштита, за кога ќе се враќам дома ноќе.

Списокот е огромен, преголем за еден ваков формат (феминизмот го уби флертот, феминизмот е борба за моќ, феминистките мразат мажи…), па тука ќе привршам. Сакам само уште нешто да спомнам: да, и многу од жените се шовинисти (т.е. шовинистки). Но уште еден шовинистички чин е кога некој тенденциозно ќе ви го посочи тој факт. Па нормално дека и жените се шовинисти – и тие живеат во општество со патријархални вредности, и едноставно сакаат да се допаднат или да се вклопат, при што го продолжуваат насилството што ги угнетува. И да, шовинизмот од жените највеќе боли, веројатно зашто тука очекуваме солидарност наместо агресија. Па , така, нема потреба тоа да го потенцирате, освен ако, нормално – не сте шовинист.

(Румена Бужаровска е писателка)