Како да одгледувате билки на балконот: Три билки кои можете постојано да ги берете и да ги користите за готвење, нега и здравје
На балконите обично немаме простор за многу растенија, па затоа нема можност да се засади зеленчук за домашна употреба. Ако сакате да одгледувате барем нешто што можете да го користите во готвењето, најдобро е да изберете билки.
Однапред изберете место за саксиите, прицврстете ги да не паѓаат и подгответе лесен хумус, измешан со „мониста“ од стиропор. Ако терасата е свртена кон сонце, еве кои растенија најмногу се препорачуваат.
Рузмаринот го сака сонцето и има потреба од најмалку шест часа директна светлина во текот на денот. Ова ароматично растение, идеално за употреба во кујна, но и за подготовка на козметичко масло, бара лабава, песочна почва.
Не го полевајте премногу често. По два-три дена, проверете ја почвата со прст – ако ви се залепи на кожата, сè уште не е време за полевање.
Рузмарин може да се бере во текот на целата година, а најсилниот мирис му е пред цветањето – на пролет. Исечете ги ластарите долги до 15 см, а листовите можете да ги исушите и да ги чувате во хартиена кеса, на темно и ладно место.
Мајчината душица, позната и како питома мајчина душица, се користи како лековито растение, но и во готвењето. И ова растение не бара, погодно е за „посна“ почва во која може да има дури и мал чакал.
Колку повеќе сонце добива, толку е посилен нејзиниот мирис и можете да ја собирате во текот на целата година. Не дозволувајте почвата да се исуши целосно, а повремено додавајте и малку течно ѓубриво.
Жалфијата ќе напредува на сонце, но и во сенка, со тоа што тогаш нејзиниот мирис нема да биде толку силен. Почетниците обично се изненадени кога ќе видат колку е привлечно ова растение, со прекрасни сиво-зелени листови кои изгледаат покриени со сребро.
Се користи како зачин, но и во топли напитоци. Тинктурите од жалфија се одлични за косата и кожата. Ова прекрасно, грмушесто растение може да издржи суша, затоа избегнувајте да го „давете“ со често наводнување.
Се бере во текот на целата година и листовите може да се сушат или замрзнат за подоцнежна употреба.