Како да ја приготвите храната во лето?


Летото е период што изобилува со разновидни зеленчуци и овошја, кои се користат за разни предјадења, супи, чорби, главни јадења, салати и десерти. Ова е период на летните одмори и затоа приготвувањето на храната не би требало да одзема многу време, особено затоа што храната има голема хранлива вредност, дури и во суров облик. Нашето поднебје е богато со разновидни земјоделски култури, но никогаш не можете да бидете сигурни со каква заднина е храната што ја купувате на пазарите или супермаркетите. Какво ѓубриво е користено при нејзиното производство и на кој начин е одгледана? Какви сè хемикалии и пестициди се користени при нивното производство?

Живееме во доба кога ретко кој ја одгледува својата храна, а најмногу таа е произведена на фарми каде што се користат пестициди и ѓубрива за да се обезбеди оптимална жетва. Дури и органските фарми користат гноива од различен вид, а растенијата може да се контаминираат бидејќи се произведени и транспортирани од различни делови на светот. Добро е да се запрашате каква е културата на растенијата што ги консумирате: кое растение од каде доаѓа и како е произведено? Дали притоа се уништува некаков животински вид или екосистем или не? Дали сите производи се добри за вашето здравје и специфична конституција? Дури и со самото лежење на земја на пазарите, растенијата можат да бидат загадени, а внесувајќи ги дома и веднаш во вашите фрижидери може да ги загадите останатите продукти и храна што веќе се приготвени од претходно.

Во оваа смисла, добро е да се знае важноста на миењето на овие продукти, со што ќе ги отстраните можните патогени бактерии од почвата или од самиот транспорт. Миењето на зеленчукот и овошјето е многу полесно отколку што се чини, а дури и оние растенија што имаат кора, како на пример лубеницата или дињата, треба да бидат измиени пред да бидат поставени на трпезата. Миењето на растенијата ќе ве заштити од ешерихија коли, салмонела, листерија, но и други видови бактерии, вируси или пестициди. Ова е задача на секоја личност во семејството, а не само на родителите, а експертите препорачуваат измиените растенија да се избришат дури и со крпа. Продуктите минуваат низ повеќе раце и процеси додека да стигнат во вашата торба, при што се изложени на секакви услови.

Како да ги измиете?

Најдобро ќе биде ако растенијата ги миете пред да ги исечкате и тоа со истечна вода, потоа добро да ги протриете со крпа, притоа обидувајќи се да ја отстраните сета земја што може да е залепена за нив. Никако не смеете да користите детергенти за миењето на храната. Доколку не можете да ги држите в рака или ви се претешки, најдобро ќе биде ако ги ставите во некаков сад или цедилка, па потоа едно по едно ги миете, почнувајќи со најмалку загаденото, а потоа измивајќи ги сите заедно уште еднаш. Ова особено се однесува на непакуваните растенија, но и на пакуваните, иако тие веќе се измиени. Лупењето и готвењето т. е. термичката обработка на растенијата ги отстрануваат бактериите. Ако, пак, патувате и сè уште не сте стигнале на саканата дестинација, најдобро ќе биде да ги измиете растенијата со амбалажирана вода, и тоа најдобро што можете. Секако, многу е важен и квалитетот на самата истечна вода. Секоја земја има различен квалитет на водата, затоа добро информирајте се каква е водата во земјата каде што патувате.

Имајте предвид дека најдобро ќе биде ако подготвената храна ја држите одвоено од онаа што допрва треба да се приготвува: складирајте ја храната на одделно место во фрижидерот или, пак, шпајзот во вашиот дом. Секогаш измијте ги своите раце по приготвувањето сурова храна, а доколку јадете месо, чувајте го во затворен простор во посебен дел од фрижидерот, за да избегнете пренос на бактерии и загадување на мириси со другата храна. За приготвување на храната користете штици за сечкање и одвојте ја онаа храна што може да се консумира веднаш. Секако, добро ќе биде убаво да ги исчистите приборот и ножевите со кои сте ја подготвувале храната или да имате одвоен прибор за различните видови храна.

Не треба да се мисли дека сите растенија се загадени со некаква бактерија, но добро е да се направи превенција и да се спречат разните заболувања, особено од страна на личностите кои имаат намален имунитет, трудниците или повозрасните лица и децата. Свежите овошја и зеленчуците може да содржат алергени, кои може да им пречат на луѓето што страдаат од интолеранција на храна. Внесувањето дури и мал број од нив, може да му пречи на имунолошкиот систем и да ја намали неговата способност да се бори со патогените бактерии и заболувања.

Доколку ги практикувате овие совети и одржувате добра хигиена во својата кујна и трпезарија, ризикот од заболувања се намалува и може да се чувствувате сигурни. Секако дека е добро да се мијат рацете пред секој оброк, а најмногу да се обрне внимание на онаа храна што имате намера да ја консумирате во свежа состојба, како салатата или некое освежувачко овошје.

Ирена Танчева