Како беше уапсен Башким Османи, озлогласениот нарко бос
Се очекува Башким Османи, Албанец со потекло од Косово, кој има и хрватски пасош, да биде испорачан во Мајорка, Шпанија, следната недела
Башким Османи, осомничениот бос на мафијашката банда кој беше цел на масовната полициска акција против перење пари во вторникот, се очекува да биде биде префрлен во шпанска Мајорка од Хрватска следната недела. Османи е уапсен во неговиот хотел „Палацо“ во Пореч во рамките на полициската акција, која истовремено се спроведувала во различни земји.
55-годишниот Албанец од Косово, кој има и хрватски пасош, чија база е неговата палата од пет милиони евра во Камп де Мар во една од најексклузивните области на Андратч на Мајорка, беше во својот хотел во Пореч за време на апсењето. Инспекторите од Цивилната гарда и Националната полиција од Шпанија отидоа во Хрватска за да соработуваат во апсењето, бидејќи се стравуваше дека протекувањето може да ја уништи целата операција. Се вели дека Османи има контакти низ Хрватска и дека под негова контрола има поранешен шеф на хрватската тајна служба како и сегашни агенти.
Тој не даваше отпор при апсењето и се сугерира дека очекувал неговите адвокати да го ослободат. Сепак, тој е задржан во затвор со максимално обезбедување, каде чека трансфер во Мајорка. Инспекторите велат дека е клучно тој да биде донесен во Мајорка. Доколку остане во Хрватска тој би можел да добие „преференцијален третман“, пишуваат шпанските медиуми.
Хрватската полиција, по наредба на Шпанија, во вторникот цел ден го претресуваше хотелот „Палацо“ (поранешна „Ривиера“) во Пореч, каде претходно го уапси Башким Османи, постапувајќи по таканаречен европски налог за истрага. Според „Јутарњи лист“, тој се товари за кривични дела злосторничко здружување и перење пари.

Информации за претресот на хотелот, но и други деловни простории кои се поврзани со Османи, односно се во негова сопственост, ја потврди за „Глас Истре“ пулскиот адвокат Матија Милош, кој бил ангажиран од Османи. „Можам да потврдам дека претресот беше извршен, дека траеше цел ден и ништо друго не можам да ви кажам“, изјави Милош за „Глас Истре“.
Тој напоменува дека на Османи на 16 февруари му бил одреден истражен затвор во Пула, каде би можел да биде задржан до неговата екстрадиција во Шпанија. Тој во Пореч пристигна на 12 февруари од Палма де Мајорка, каде што има куќа и таму, според неговите зборови, а според „Јутарњи лист“, требало да остане до утре.
Неговиот адвокат, наспроти тврдењата во шпанските медиуми, вели дека Османи сака да биде префрлен на Мајорка.
„Веднаш се согласивме на негово испорачување на Шпанија, се откажавме од сите права на жалба и имаме намера да го екстрадираме што е можно поскоро. Она што е важно да се напомене е дека господинот Османи има цврст став во текот на овој случај е оти тој нема апсолутно никаква врска со делата за кои се товари. Затоа, се договоривме дека со оглед на неговиот став за овие инкриминации, за кои цврсто верува дека се целосно неосновани и немаат врска со вистината, нема да жалиме за ништо, туку ќе побараме да се забрза целата постапка“, вели Милош.
Се истакнува дека во Пореч немало спектакуларно апсење. „Полицијата точно знаеше каде е господинот Османи, му тропнаа на врата и сѐ беше во ред, без многу помпа“, заклучува неговиот адвокат од Пула.
Ова не е прво вакво барање од една европска држава за Башким Османи. Имено, во 2007 година во Пореч, каде започна со реновирање на хотелот „Палацо“, со веста дека обвинителството во Хамбург распишало меѓународна (во ЕУ) потерница по него. Но, тој тогаш не бил уапсен од хрватската полиција, туку сам се пријавил кај германските власти. Тогаш се споменуваше дека Башким и неговиот постар брат Бурим добиле сомнителни заеми во Фолксбанк Лауенбург од десетици милиони евра.

Башким Османи во 2004 година од германскиот државјанин Хауке Хилмер го купил најстариот хотел во центарот на Пореч, кој компанијата „Ривиера“ му го продаде на Хилмер за 2,73 милиони евра. Хилмер, инаку, беше во надзорниот одбор на споменатата Фолксбанк Лауенбург. Реновирањето на хотелот „Палацо“ започнува есента 2007 година, а Османи најавува дека ќе биде репрезентативен објект со најмалку четири ѕвезди. Целиот бизнис во тоа време се одвивал преку компанијата „Сино море“, чиј сегашен сопственик, според „Пословна Хрватска“, е Сандра Османи, наводно сестра на Башким, додека Идриз Ферати, кој барем на хартија пред неа бил сопственик, сега е член на управата.
Медиумите пишуваат за Башким Османи како Албанец од Косово кој има и хрватски пасош, а својата деловна империја, пред се, со недвижнини, ја создал во Хамбург, а потоа почнал да се шири надвор од Германија. Самиот вели дека како мал доаѓал лете во Пореч и дека се заљубил во тој град. Според „Национал“, тој бил и советник на косовскиот министер за спорт и култура.
Според Европол, во операцијата биле вклучени 600 полицајци. Тие пребарале вкупно 80 објекти. Акцијата се одвивала паралелно во Шпанија, Белгија, Хрватска, Германија, Италија и Холандија. Според информациите на магазинот „Шпигел“, истражителите во Германија пребарале неколку станови во Хамбург и обезбедиле документи. Причина за ова е барањето правна помош од шпанските власти, кои со години го истражуваат Османи поради сомнителни зделки со дрога во големи размери.
Покрај националните истражни органи од земјите на ЕУ, во акцијата учествуваа и британската Национална агенција за криминал и Федералната полиција на САД ФБИ. Истрагите за групата започнаа во Шпанија во 2018 година – истражителите го направија својот пробив по хакирањето во 2020 година на провајдерот за крипто разговор Sky ECC, популарен кај криминалците ширум светот, што некои од осомничените очигледно го користеле за водење на нивниот бизнис.
Башким Османи од Косово дошол во Германија со неколку браќа кон крајот на 1970-тите. Тие брзо се развија во едно од најблескавите семејства во еден кварт на Хамбург. Најстариот од четворицата браќа, Ќазим, наводно работел како привремен возач за собирање користени алишта, но набрзо почнал да вози „ферари“низ Хамбург со Ферари. Сега се вели дека браќата имаат корпоративна империја на недвижен имот во вредност од трицифрена милионска сума.
Властите со години се обидуваа да дојдат до потеклото на богатството на Османи, но со години не можеа да докажат ништо незаконски. Дури во 2008 година двајца од браќата Башким и Бурим Османи беа осудени на неколку години затвор поради незаконски зделки. Тогашната штета изнесуваше 27 милиони евра.
Башким Османи потоа се пресели во Мајорка, каде со години живее во прекрасна вила. Се вели дека на островот се вели дека поседува и одличен ресторан популарен кај познатите личности. (Н.В.)