Како австрискиот скијачки рај го рашири вирусот низ Европа


Живописниот скијачки ресорт во Ишгл, каде доаѓаат милиони туристи секоја година, бил перфектен инкубатор за вирусот (Фото: ЕПА)

Кога локалните власти сфатија дека тиролското гратче Ишгл е центар на епидемијата веќе беше доцна. Алчноста за профит во местото наречено „Ибица на Алпите“ го загрози здравјето на илјадници и илјадници европски туристи

 

Австрискиот џет сет, кој се сели од забава на забава, го слави малото тиролско место Ишгл како „бел зимски сон“. За неодамнешните посетители, градот стана продолжен кошмар.

Живописната скијачка сцена, што секоја зима привлекува милиони во градот, се покажа како совршен инкубатор за корона вирусот. Властите веруваат дека толпите европски посетители кои го напуштале селото познато како „Ибица на Алпите“ (и не на добар начин) кон крајот на февруари, заминале со повеќе од вообичаениот планински тен и мамурлак.

До моментот кога австриските власти сфатија колку е голем степенот на избувнување, штетата веќе беше направена. Здравствените власти низ Скандинавија одејќи по трагите на неколку стотици случаи, дојдоа до Ишгл. Во вторникот, Норвешка соопшти дека речиси 40 отсто од повеќе од 1.400 инфекции во земјата потекнуваат од Австрија. Националните власти веруваат дека стотици дополнителни случаи и во Австрија и во Германија се поврзани директно со Ишгл.

Додека австрискиот канцелар Себастијан Курц доби големи пофалби дома и во странство за неговиот агресивен одговор на заканата од корона вирусот, критичарите велат дека ненадејната промена на политиката во Виена минатата недела се случила само откако сфатиле дека ситуацијата во Тирол добила драматичен пресврт. И покрај раните предупредувања од други земји за проблемите во Ишгл, тиролските власти се спротивставија на преземањето на наметливо дејствување, плашејќи се од негативното влијание врз локалниот бизнис. Целокупната економија на регионот зависи од туризмот. Виена не интервенираше.

„Алчноста дојде пред одговорноста за здравјето на заедницата и гостите“, заклучи австрискиот весник „Стандард“ во коментарот оваа недела.

Првиот знак на сериозна неволја се појави на 1 март, кога официјални лица во Исланд открија дека 15 патници на летот од „Исландер“, кои пристигнале претходниот ден од Минхен, биле тестирани позитивно за корона вирусот. Четиринаесет од заразените биле во Ишгл.

Исланд ги предупреди официјалните лица во Австрија, но здравствените власти таму ги отфрлија загриженостите на Рејкјавик.

„Од медицинска гледна точка, невозможно е инфекциите да се појават во Тирол“, пишуваше во изјавата на Франц Кацграбер, главниот здравствен службеник во покраината. Тиролците посочиле оти е поверојатно дека еден патник во авионот кој бил во Италија (и кој исто така бил позитивен), ја заразил групата од Ишгл.

Виена ја игнорираше одлуката на Исланд да издаде совети за патување во Тирол.

Во следните денови, сепак, слични извештаи за инфекции кај туристите во Ишгл пристигнаа од Данска, Норвешка, Шведска и Германија.

На 7 март, барменка во популарен паб во Ишгл беше тестирана позитивно.

 

Кога владата на канцеларот Курц ја сфати големината на жариштето ја стави целата долина во карантин (Фото: АФП)

Австриските власти уште не постапуваа сè додека не открија дополнителни 15 лица со кои биле во близок контакт со неа на работа, кои, исто така, го имаат вирусот. На 10 март, властите наредија сите барови во Ишгл да се затворат, но ги оставија ски-лифтовите и хотелите отворени.

Вирусот продолжи да се шири, принудувајќи ја владата на 13 март да преземе невиден чекор да ја стави под карантин целата долина околу Ишгл, позната како Пазнаунтал, под карантин заедно со Свети Антон, уште една популарна скијачка област во близина.

Дури и тогаш, официјалните лица дозволија жичниците, кои носат скијачи нагоре по планините во гондоли, да продолжат да работат до недела.

Кристоф Ланг, новинар со германскиот новински канал Н-тв, пристигна во Ишгл на 5 март со пет пријатели. Сите го напуштија градот три дена подоцна заразени.

„Скандалот е што тие имаа индикации една недела пред да пристигнеме дека може да има инфекции и ги игнорираа“, зборуваше тој за австриските власти.

Меѓутоа, австриските власти инсистираат дека сториле сѐ што можеле да го запрат ширењето на вирусот веднаш штом се запознале со тежината на појавата на епидемијата.

„Мислам дека властите во Тирол се однесуваа точно како што требаше“, изјави Бернхард Тилг, висок политичар од покраината, за австрискиот јавен радиодифузер ОРФ оваа недела. „Странските медиуми пишуваат како да корона вирусот да потекнува од Ишгл, но тоа не е случај“.

Настаните околу избувнувањето на Ишгл добија големо внимание на медиумите во Германија, од каде потекнуваат повеќето туристи во Австрија.

Тиролски официјални лица, исто така, се под истрага во Австрија зошто не ги спречиле туристите да ја напуштат областа Ишгл и да ја поминат ноќта во други градови во регионот пред да заминат дома, што го направија стотици од нив, вклучително и во Инсбрук, главниот град на регионот. Колку од тие патници го шират вирусот останува нејасно.

Околу една четвртина од 1.648 случаи на корона вирус во Австрија се во Тирол, покраина која учествува со помалку од 10 проценти од населението во земјата.

Во меѓувреме, владата на Курц одговори на кризата со спроведување на некои од најстрогите мерки во Европа за да се запре ширењето на вирусот.

Во последните неколку дена владата го затвори буквално целиот јавен живот и им забрани на луѓето да ги напуштат своите домови со неколку исклучоци.

Дури и ски-местата се затворени.

Ќе помине „многу, многу долго време“ пред работите да се вратат во нормала во алпската нација, рече Курц оваа недела. (Политико)