Како американските разузнавачи ѝ помагаат на Украина во војната?


Соединетите Американски Држави ѝ помогнаа на Украина да ги спречи напорите на Москва да го заземе Киев и неколку други региони со споделување на толку детални разузнавачки информации што Украина точно знаеше кога и каде ќе паднат руските бомби.
Во операција за размена на информации без преседан, американските шпионски агенции дури и ги открија на украинските сили координатите на руските сили и авиони, овозможувајќи им да спречат напади.

Разузнавачките податоци ѝ овозможија на Украина да го собори рускиот авион кој превезувал стотици војници на аеродромот Хостомел во предградието на Киев во раните денови од војната, наведува „Ен-би-си њуз“.

Соборувањето помогна да се спречат надежите на Москва за масовно истоварување во областа со војници и опрема, што е значаен чекор назад за Русија во нејзиниот обид да го заземе главниот град.

Иако руските сили накратко го окупираа аеродромот, тие не беа во можност да го користат Хостомел како воздушен мост за да ги надополнат своите ресурси и на крајот да го заземат Киев.

Покрај помагањето на украинските сили да соборат руски авиони, американското разузнавање во неколку наврати ѝ помогна на Украина да ги заштити сопствените авиони со спречување на руски ракетни напади.

Исто така, се верува дека Американците им ја откриле на Украинците локацијата на крстосувачот „Москва“, еден од главните воени бродови на Русија, кој потонал откако се верува дека бил погоден од украински ракети, пренесува „Блиц“.

„Боинг П8 Посејдон“ се наоѓал во радиус од околу 160 километри од крстосувачот „Москва“, командниот брод на руската Црноморска флота, на денот кога претрпел катастрофални оштетувања и на крајот потонал за време на влечењето, објави Тајмс.

„Тие буквално бомбардираат празни полиња“

Американските власти веруваат дека нивото на размена на информации, кое досега не е забележано за партнер кој не е член на НАТО, беше клучно за изненадувачкиот успех на Украина во отфрлањето на трупите на Владимир Путин, и покрај супериорната руска војска.

Конкретно, американската помош ја спречи Русија да стекне доминација над украинското небо.

Во некои случаи, американското разузнавање и дозволи на Украина да ги промени своите системи за противвоздушна одбрана или авиони непосредно пред да стане цел.

– Руската армија буквално гаѓаше празни полиња каде некогаш беше поставена воздушната одбрана. Тоа имаше огромно влијание врз способноста на руската армија на теренот – изјави американски претставник за Ен-Би-Си.

ЦИА помага Зеленски да биде безбеден

ЦИА, исто така, посветува „значајни ресурси“ за заштита на украинскиот претседател Володимир Зеленски, главната цел на Москва.

Агенцијата работи со украинските претставници на „како најдобро да се премести“ и да се осигура дека претседателот не е лоциран со остатокот од неговиот синџир на команда, изјави американскиот функционер за NBC News.

Мрежата соопшти дека има и други примери на специфични разузнавачки служби на САД кои ѝ помогнале на Украина, но не ги објави поради страв дека ќе ги загрози разузнавачките канали.

Советот за национална безбедност на Белата куќа не коментираше конкретни примери, но рече: „Редовно даваме детални, навремени разузнавачки информации на Украинците на бојното поле за да им помогнеме да ја одбранат својата земја од Русија“.

Украинските власти беа поумерени во пофалбите за соработката на американските разузнавачки служби.

„Сега е подобро“, вели владин извор.

Блиската безбедносна соработка започна по руската анексија на Крим во 2014 година, но експоненцијално се зголеми откако започна руската војна во Украина во февруари.

На почетокот на инвазијата, американските разузнавачи ја забранија размената на разузнавачки информации што може да доведе до смртоносни напади врз Русите, плашејќи се дека тоа ќе го доведе Вашингтон во директен конфликт со Москва.

Но, со текот на времето, тие ограничувања беа отстранети. Ова им овозможи на САД да ги споделат точните координати за позициите на руските сили за да можат Украинците да пукаат во нив.

Аналитичарите забележаа дека украинските функционери, покрај тајните разузнавачки информации, ефективно користеле и други средства со кои располагале – како сателитски снимки и пресретнати воки-токи што ги користеле руските војници. (Блиц)