Како Американците држеа „дистанца“ за време на продолжениот викенд


Во САД денеска е Меморијалниот ден, односно национален празник посветен на сите американски војници кои загинале во службата. Бидејќи се одбележува секој последен понеделник во мај, Американците вообичаено овој продолжен викенд одат во природа, плажи, паркови, планини.
Судејќи според фотографиите и снимките, и покрај тоа што имаат речиси 100.000 починати од новиот корона вирус, и се уште на сила е пандемија во целиот свет, Американците овој ден го прославија на ист начин како и до сега.

Актуелните мерки за социјално дистанцирање варираат од една до друга сојузна држава, некаде се укинати во поголема, а некаде во помала мерка, но се чини дека излетниците и шетачите, како и посетителите на плажите викендов ги игнорираа во потполност мерките.
Така, се гледаат мноштво луѓе на плажите, во базени, покрај езера.
Најшокантните снимки доаѓаат од Мисури, каде базените на популарното одморалиште на Езерото Озарка, беа преполни.
„Се чини дека сите имале иста идеја, да дојдат на езерото и да уживаат во летото почитувајќи ја социјалната дистанца“, саркастично коментира локален жител, кој снимил дека во неделата на езерото имало зголемен сообраќај на бротчиња.
„Денеска ги добив овие фотографии од Езерото Озарка. Објектот има знак кој предупредува да се држи дистанца од 2 метра. Не изгледа дека гостите  го почитуваат овој знак или дека објектот го спроведува сопственото правило“, напиша на Твитер Колин Џефри.

Но, Мисури не беше единствено место со метеж од луѓе. Слични слики се објавија и од Оушн Сити, Мериленд, па еден новинар на Твитер напиша дека носењето маски се препорачувало, но не било задолжително, при што објави фотографии од шеталиштето.

Ни малку чудно плажите во Флорида беа преполни луѓе и непосредно пред воведувањето на наредбата да се остане дома. Во округот Пинелас, 300 полицајци се обидуваат да ја контролираат меѓусебната оддалеченост на луѓето на плажа, а на крај ги затворија и паркинзите, додека оние кои не пристигнаа се уште, ги враќаа назад.
И додека едни ги фалеа гостите дека се обидувале да држат дистанца, неколку портали коментираат дека немало услови за тоа.
Какви последици ќе има од ваквото однесување останува да видиме за околу две недели.
Во Дејтона Бич во саботата вечер дојде до застој во сообраќајот, затоа што луѓето се собраа на сред пат и се забавуваа, фрлајќи пари по улицата. Ги сними полициски хеликоптер, а потоа дојде до тепачка и до пукање, во кое ранети се најмалку петмина.