„Кајмак“ за 10 дена го видоа 13.000 гледачи низ цела Македонија


За само 10 денови од прикажување, филмот „Кајмак“ по сценарио и во режија на Милчо Манчевски, го видоа 13.000 гледачи низ цела Македонија.

„Кајмак“ наскоро почнува да се прикажува и во странство. Во преговори се повеќе земји, а засега се потврдени: Грција, Данска, Хрватска, Кипар, Србија, Тајван и САД.

По гала премиерата во Македонската филхармонија на 16 ноември, „Кајмак“ почна истовремено да се прикажува низ целата држава: во Гостивар, Пробиштип, Делчево, Кавадарци, Крива Паланка, Куманово, Виница, Крушево, Струмица, Македонска Каменица, Тетово, Дебар, Берово, Неготино, Богданци, Кратово, Радовиш, Струга, Кичево, Охрид, Свети Николе, Прилеп, Штип, Битола, Пехчево, Гевгелија и Скопје. И покрај сите напори на продуцентите и на дистрибутерите, „Кајмак“ не се прикажува во Велес, па велешани одат во Скопје, Штип и Свети Николе да го видат филмот.

„Сакаме секој да има можност да го види филмот во кино. Не е исто дали го гледате на мал или голем екран, сам или во друштво. Покрај тоа, не е само Скопје Македонија“, изјави режисерот Манчевски.

Во Битола

Киноприкажувањето на „Кајмак“ стана настан на сезоната. Во многу градови со „Кајмак“ има кинопроекција првпат по многу години – Пробиштип, Пехчево, Делчево… Со филмот се отвори новото кино во Крушево, а во Свети Николе филмот се прикажува дури во две кина истовремено. Се пробија многу граници за киноприкажување и тоа е особено важно, оти станува збор за македонски филм во време на практично замрена киноприкажувачка дејност во земјата.

Продуцентите организираа гостување на екипата и премиера и во Битола, а во Милениум екипата одржа разговор пред публиката, каде, покрај другите љубители на филмот,  имаше и бројни студенти.

Денеска, по повод роденденот на Синеплекс, билетите за „Кајмак“ може да се купат по цена од само 150 денари. Поради големиот интерес, „Кајмак“ ќе се прикажува во 5 термини: од 18 часот, 19 часот, 20:15 часот, 21:15 часот и од 22:30 часот.

Неодамна, Кајмак имаше светската премиера и три распродадени проекции на Токискиот фестивал. Реакцијата на јапонската публика беше извонредна, а весникот „Џапан тудеј“ го нарече филмот „мрсна сатира“. „Кајмак“ беше прикажан и на Филмскиот фестивал „Златен коњ“ во Тајпеј, Тајван. По двете преполни проекции и едночасовни редици на публиката за автограм од македонскиот режисер, следеа сесии разговори со публиката.

Во Прилеп

„Кајмак е љубовна приказна за возрасни, црна комедија за две семејства кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Филмот е безмилосна критика на малограѓанското лицемерие и апотеоза на индивидуалната слобода.

„Бурна и раскошна драмедија“ … вели прочуеното филмско списание „Холивуд репортер“ во рецензијата за „Кајмак“ на Милчо Манчевски. „Холивуд репортер“ е меѓу трите најголеми светски филмски списанија, заедно со „Вараети“ и „Скрин интернешенал“, кој пишува рецензии за сите филмови на Манчевски, што е престиж,  а македонските медиуми ги пренесуваат.

Филмот е копродукција на четири држави. 53% од буџетот доаѓа од странски извори – од филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и европскиот фонд Еуримаж. 36% од Македонската агенција за филм. Остатокот од поддршката дојде од Македонската радио-телевизија, која е копродуцент на филмот. Филмот го помогнаа и партнерите: Алкалоид, НЛБ Банка и Виза, Окта, Дајмонд, Витаминка, Тиквеш и бројни други фирми и поединци.

По сценарио и режија на Манчевски, во филмот играат: Александар Микиќ, Сара Климоска, Симона Спировска, Камка Тоциновски, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ, Петар Мирчевски, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ и други. Македонски продуцент на филмот е Банана филм. Продуцира Јане Ќортошев. Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Емил Нунинга од Холандија, дизајнер на звукот Херман Пиете, кастинг директор Милка Анчевска, костимограф Жаклина Крстевска, а дизајнер на шминка е италијанската легенда Марио Микисанти. Музиката е на култниот „Дејниш стринг квартет“, а дополнителната музика на Игор Василев-Новоградска.