„Кајмак“ како нешто најубаво- Милчо Манчевски на 6 јули почнува со снимањето на седмиот филм (фото)


Фото: Б. Грданоски

Според Манчевски овој филм е безобразна комедија која има за цел да создаде измешани или комплексни чувства кај гледачите

„Кајмак“ е насловот на новиот, односно седми игран долгометражен филм во режија на Милчо Манчевски кој ќе почне да се снима од 6 јули во Скопје и во околината.  Станува збор за современа црна комедија или среќна комедија за две семејства кои се пристојни на почетокот, среќни на крајот на филмот. Претставува безмилосна критика на лицемерието и малограѓанштина.

Според Манчевски овој филм е безобразна комедија која има за цел да создаде измешани или комплексни чувства кај гледачите.

-Ние скоро две години напорно работевме да се напише филмот, да го финансираме, подготвиме и допрва не чека многу работа, да се сними и да се пласира филмот, но тоа е многу слатка и убава работа не затоа што правиме убава уметност, туку затоа што ја имам таа чест и радост да работам со група на луѓе кои се не само талентирани професионалци туку и добри луѓе, мислам дека животот е прекраток да го поминуваш и да работиш со лоши луѓе, изјави Милчо Манчевски на денешната прес-конференција во Скопје.

Додаде дека насловот на филмот сам се наметнал, поради тоа што често ќе се прикажува во филмот, но и поради неговата симболика како нешто најубаво.

Филмот е европска копродукција поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, како и од филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и Бугарија.

Дански копродуцент е Мета Луис Фолдагер Соренсен, холандски копродуценти се Изабела Депевег и Елс Вандерворст, хрватски копродуцент е Синиша Јуричиќ,  а бугарски Иван Дојков. Извршен продуцент е Иан Прајор. Додека пак, македонски продуцент на филмот е Банана филм, продуцира Јане Ќортошев.

-Овој филм освен што сметам дека е преубав проект, е проект кој има многу пријатели како дома, така и во цела Европа и сме на одличен пат да направиме прекрасно нешто, заклучи Ќортошев.

Во филмот играат: Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Ана Стојановска, Симона Спировска, Петар Мирчевски, Филип Трајковиќ, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други.

Екипата истакна дека е особено горда што во една тешка пандемиска година, токму овој филм добил поддршка и од европскиот фонд „Еуримаж“, што според нив е огромна потврда за вредноста на проектот, благодарејќи и на Татјана Ќурчинска Пепељугоска, македонски национален претставник во Еуримаж.

Според финансиската конструкција на филмот, државата учествува со 48 проценти, додека 52 отсто од средствата доаѓаат од странство. Агенцијата за филм го поддржа филмот со 30 милиони денари.

Последниот филм на Манчевски „Врба“ ја доживеа премиерата на Римскиот филмски фестивал, а потоа беше прикажан на уште 30 меѓународни фестивали и освои пет награди (Рејнденс, Синеквест, Валенсија, итн), Европската филмска академија го вброи во потесниот избор на филмови за награда во 2020, а „Врба“ беше и македонски кандидат за Оскар. Филмот собори рекорди на гледаност во Македонија, а од неодамна е продаден за дистрибуција во САД, каде наскоро ќе има и ДВД издание. Тој се прикажува и на Синемакс и на Ејч-Би-О.

Фото: Борис Грданоски