Кајчев: Средбата во Скопје речиси без резултат
Напредок речиси и да нема. Средбата во Скопје заврши речиси без резултат, изјави бугарскиот историчар Наум Кајчев, член на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања по вчера завршената дводневна средба во Скопје.
Кајчев за ТВ емисијата „Панорама“ на БНТ изјави дека освен тоа што нема решение за Гоце Делчев, се појавил и нов проблем.
„Тоа е непотпишувањето на протоколот од минатата, деветта средба. Дискутиравме и за учебниците по историја во Република Северна Македонија за седмо одделение, т.е. за средновековието и од сите наши 14 забелешки, досега поминавме само три. Проблемите се поврзани и со медиумското покривање на овие средби и негативната реторика кон Бугарија, а тоа на некој начин се рефлектира и на работата на комисијата“, изјави Кајчев.
Тој во однос на Гоце Делчев атмосферата во комисијата ја опиша со, според него изјавата на еден од македонските историчари – „ако кажам дека Гоце Делчев е Бугарин, ќе бидам обесен на првата бандера“.